У.бр.31/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 9 став 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008,148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018,140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019 и 42/2020).

2. Борко Симоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбата од Изборниот законик означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со одредбите од членот 8 од Изборниот законик, јасно било уредено дека мирувањето на работниот однос започнувало со денот на верификацијата на мандатот за пратеник во Собранието или градоначалник на Градот Скопје или општина. Ова поради тоа што неспојливо било вршењето на функцијата пратеник и градоначалник со извршувањето на работите во органите на државната управа, извршувањето на стопанска или друга профитна дејност и членување во управни одбори на јавни претпријатија, јавни установи, фондови, агенции, заводи и во други правни лица и со избор на претставник на државниот и општествен капитал во трговските друштва.

Исто така, со денот на верификацијата на мандатот за член на совет на лица вработени во општинската администрација на општината и администрација на Градот Скопје, работниот однос започнувал да им мирува.

Значи, со денот на верификацијата на наведените мандати (за пратеник, градоначалник и совет), започнувало мирувањето на работниот однос на лицата кои ги добиле мандатите на функциите.

Наспроти ова, во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба од член 9 став 1 од Изборниот законик, било уредено дека на одредена категорија на лица, односно само на припадниците на вооружени сили на Републиката, припадници на униформираниот дел на полицијата, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и во Агенцијата за разузнавање, работниот однос започнувал да им мирува уште од денот кога лицата од оваа категорија на органи, ќе бидат утврдени како кандидати од надлежната изборна комисија за кои ќе се гласа на избори.

Во ставот 2 од овој член од Изборниот законик исто така е уредено и дека со денот на верификацијата на мандатот на лицата од ставот 1, работниот однос им мирува.

Имено, за оваа категорија на лица, различно од останатите кандидати, мирувањето на работниот однос започнувало уште со статусот на кандидат, а кај другите лица мирувањето на работниот однос започнувало со денот на верификацијата на функцијата. Со тоа било повредено правото на еднакво третирање на граѓаните во изборниот процес, на штета на правата и интересите на лицата утврдени во членот 9 став 1 од Изборниот законик.

Од овие причини, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од член 9 став 1 од Изборниот законик не била во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со: член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 5, член 16 став 1, член 20 ставови 1 и 2, член 22, член 23, член 32, член 34 став 1, член 50, член 51, член 61, член 62 и член 63.

Со оглед на тоа со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на член 9 став 1 од Изборниот законик и оваа одредба да ја укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека членот 9 од Изборниот законик содржи:

(1) На припадниците на вооружените сили на Република Македонија, припадниците на униформираниот дел на полицијата, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и во Агенцијата за разузнавање од денот кога ќе бидат утврдени како кандидати работниот однос им мирува.
(2) Со денот на верификацијата на мандатот на лицата од ставот (1) на овој член, работниот однос им мирува.

4. Според членот 2 од Уставот, во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Во член 8 став 1 од Уставот, се определува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, се покрај другото, владеењето на правото (алинеја 3), поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (алинеја 4) и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори (алинеја 5).

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествена положба (став 1), и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право (став 1), и избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање (став 2).

Изборниот законик, во глава 1, со членовите 1 – 11 ги пропишал основните одредби, со кои се уредуваат прашања коишто се однесуваат на: поимникот односно значењето на одделни изрази употребени во Законот, еднакво избирачко право, изборниот модел, изборниот список, право да избира и да биде избран, неспојливост на функцијата претседател на Република Северна Македонија, пратеник, градоначалник и член на совет, професионалност и неотповикливост на функцијата и ослободување од плаќање на данок, царина и такса.

Во другите делови од Изборниот законик се уредени прашањата за: распишување и одржување на изборите, органи за спроведување на изборите, евиденција на избирачкото право, кандидирање, изборна кампања, спроведување на изборите, заштита на избирачко право, поништување и потврдување на гласањето, повторни избори, набљудување на изборите, изборни места, изборни единици за избор на пратеници во Собранието, казнени и прекршочнни одредби и преодни и завршни одредби.

Со членот 9 од Изборниот законик е предвидено дека на припадниците на вооружените сили на Република Северна Македонија, припадниците на униформираниот дел на полицијата, овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и во Агенцијата за разузнавање од денот кога ќе бидат утврдени како кандидати работниот однос им мирува (став 1).

Со денот на верификацијата на мандатот на лицата од ставот (1) на овој член, работниот однос им мирува (став 2).

Изборниот законик во членот 1 јасно определил дека изборниот процес се води за избор на функција претседател на Републиката, пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, за членови во советите на општините и советот на Градот Скопје, за градоначалник на општина и на Градот Скопје.

Со членот 57 од Изборниот законик е утврдено дека предлагањето на кандидати за избор на претседател на Републиката, кандидати за пратеници, кандидати за членови на совет и за градоначалник се врши со поднесување на листа на кандидат за претседател на Републиката, листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник.

Со член 63 став 1 од Уставот е утврдено дека пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието.

Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии.

Согласно Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на советот и градоначалникот се избираат за време од четири години и мандатот започнува по спроведување на изборот согласно Изборниот законик и конституирање на советот.

Оттука, кога се работи за определената категорија на лица уредена во ставот 1 од членот 9 од Изборниот законик, законодавецот пошироко го нормирал мирувањето на работниот однос и тој период на мирување започнува уште со денот кога тие лица ќе бидат утврдени како кандидати, а секако продолжува и по изборот, односно со денот на верификацијата на мандатот на определената функција, што е специфика од општото законско ограничување дека за другите лица кои се избираат мирувањето на работниот однос започнува со денот на верификацијата на мандатот.

Ваквата законска определба не може уставно-правно да се проблематизира од причините за оспорување изнесени во иницијативата. Ова поради тоа што законодавецот има уставно право да ја пропишува законодавната политика во рамки на целисходноста на прашањата од материјата којашто ја уредува. Ова согласно член 68 став 1 алинеи 2 и 15 од Уставот, според кои Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, како и да врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.

Право на законодавецот е да процени и со закон да пропише дека за одредена категорија на вработени лица во органи на државната власт од особен јавен интерес, особено во делот на одбраната, полицијата и безбедносните органи, каде се концентрирани податоци и информации од особено значење за државата, да не се засегнат во изборен процес од лицата вработени во тие органи кои се во кандидатски листи за избор на функции во изборната постапка. Оттука, за оваа категорија на лица,еднакво за сите кои се со истиот статус на вработени во овие органи, уште од денот кога тие лица се утврдени како кандидати започнува да им мирува работниот однос во наведените органи и тоа мирување ќе продолжи со денот на верификацијата на мандатот за избор на функцијата во изборната постапка. Со оспорената одредба од Изборниот законик е уредено прашање на отпочнување на денот на мирување на работниот однос на вработени во определените органи кои се кандидати на избори, на начин кој законодавецот проценил дека е оправдан од аспект на спецификата на дејностите коишто се во надлежност на тие органи на државната власт, а тоа е прашање на целисходност во нормирањето на законодавецот, имајќи предвид дека се однесува за сите во иста ситуација и поради тоа е легитимно право на законодавецот за посебно нормирање во зависност од спецификата на органите, што не значи повреда на уставно прокламира­ната еднаквост на граѓаните и одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата.

Судот оцени дека за оспорената одредба од член 9 став 1 од Изборниот законик, не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.31/2020
28.10.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати