Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 3 во делот „дали за извршената услуга за поднесување на пријавата за упис на основање трговец поединец и трговско друштво постапува согласно со членот 35 став 7 од овој закон“ од членот 34-е и на членот 3 во целост од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016).
2. Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорената одредба од законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се бара оцена на уставноста на членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016) во делот „дали за извршената услуга за поднесување на пријавата за упис на основање трговец поединец и трговско друштво постапува согласно со членот 35 став 7 од овој закон“ од членот 34-е и на членот 3 во целост од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар, од причина дека се давала можност на лицето кое не било правник ниту имало соодветно образование односно не било вработено во Централниот регистар, да може по налог на директорот да дојде во адвокатската канцеларија да проверува дали се постапувало согласно членот 82 став 4 од Законот за трговските друштва
Според наводите во иницијативата подносителот предходно „со поинакво образложение“ поднел иницијатива заведена под број У.бр.66/2018 година (Уставниот суд на седница донел решение У.бр.66/2018 од 3 април 2019 година со кое не се поведува постапка), додека членот 82 став 4 од Законот за трговски друштва бил оспорен со иницијативата заведена под број У.бр.65/2018 година (Уставниот суд донел решение У.бр.65/2018 од 23 септември 2020 година со кое не се поведува постапка).
Оспорениот член 82 од Законот за трговските друштва, со наслов „Поимот на трговски регистар“, гласи: „(1) Трговскиот регистар како јавна книга содржи податоци и прилози (исправи и докази) за субјектите на уписот за кои уписот е пропишан со закон.“„(2) Трговскиот регистар се состои од регистарска влошка (класер) во којашто се запишуваат податоците на упис и збирка на прилози во којашто се приложуваат исправите и доказите на секој запишан субјект. Сите поднесоци се внесуваат во збирката на прилози на запишаниот субјект.“„(3) Запишаните податоци и доставените прилози (исправи и докази) во трговскиот регистар се чуваат трајно.“Оспорениот член 6, со кој се додава став 4 на член 82 од Законот за трговските друштва, гласи:„(4) Регистрациониот агент конвертираните прилози (исправи и докази) има обврска да ги чува 5 години, а потоа истите ги предава во Државниот Архив на Република Македонија.“
Во конкретната иницијатива се наведува дека членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016), бил во спротивност со членот 53 од Уставот. Со иницијативата се бара укинување на оспорениот член 3 од причина што член 35 став 7 бил укинат по повод поднесена иницијатива заведена под број У.бр.67/2015 година.
3. Судот на седница утврди дека согласно членот 3 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016), по членот 34-д се додаваат четири нови члена 34-ѓ, 34-е, 34-ж и 34-з, кои гласат:
„Контрола на регистрационен агент
Член 34-ѓ
(1) Централниот регистар врши контрола на носителот на овластување регистрационен агент, во однос на исполнетоста на критериумите за добивање на овластување, постапувањето при поднесување на пријава за упис и извршувањето на услугите за упис преку Системот за е-регистрација.
(2) Контролата од ставот (1) на овој член се спроведува по службена должност, или по претходно поднесена пријава, со претходна најава или ненајавено. Контролата се спроведува теренски преку непосредна проверка во просториите на носителот на овластувањето и преку евидентираните податоци во регистрите.
(3) Централниот регистар изготвува Годишен план за контрола и на својата веб страница објавува листа на субјекти кои ќе бидат предмет на контрола и временскиот период во кој ќе се спроведе истата. Дополнително, субјектите предмет на контролата ги известува и преку евидентираната адреса на електронско сандаче.
Член 34-е
(1) Непосредната теренска контрола опфаќа проверка:
– на идентичноста на податоците содржани во пријавата и прилозите поднесени преку Системот за е-регистрација, со податоците содржани во прилозите доставени до регистрациониот агент од субјектот на упис,
– на исполнетоста на критериумите определени со членот 34-а од овој закон,
– дали за извршената услуга за поднесување на пријавата за упис на основање трговец поединец и трговско друштво постапува согласно со членот 35 став (7) од овој закон, и
– во постапувањето согласно со членот 82 став (4) од Законот за трговските друштва.
Член 34-ж
(1) Непосредната теренска контрола ја спроведуваат службени лица вработени во Централниот регистар, овластени од директорот на Централниот регистар.
Член 34-з
(1) Регистрационите агенти се должни на овластеното службено лице од членот 34-ж од овој закон, да му обезбедат услови за спроведување на контролата како и да му овозможат увид во потребните исправи и податоци.
(2) За спроведената контрола, овластеното службено лице составува записник во кој се евидентира утврдената фактичка состојба. Записникот го потпишуваат овластеното службено лице и контролираниот регистрационен агент.
(3) Доколку регистрациониот агент одбие да го потпише и прими записникот, одбивањето не е од значење за поведување постапка за одземање на овластувањето.
(4) Доколку при спроведувањето на контролата се утврди неисполнување на критериумите предвидени во членот 34-а од овој закон или непостапување согласно со членот 82 став (4) од Законот за трговските друштва, овластеното службено лице со записник го задолжува регистрациониот агент во рок од 15 дена да ги отстрани утврдените недостатоци.
(5) Овластеното службено лице доколку утврди повреда на членот 35 став (7) од овој закон, во записникот ќе констатира дека ќе се поведе постапка за донесување решение за одземање на овластувањето регистрационен агент.
(6) Примерок од записникот од ставот (2) на овој член, овластеното службено лице му доставува на контролираниот субјект на денот на спроведувањето на контролата.”
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Поаѓајќи од анализата на наводите во конкретната иницијатива со која се бара оцена на уставноста на членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016) во делот „дали за извршената услуга за поднесување на пријавата за упис на основање трговец поединец и трговско друштво постапува согласно со членот 35 став 7 од овој закон“ од членот 34-е и на членот 3 во целост од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар, и за тоа дали се постапувало согласно член 82 став 4 од Законот за трговските друштва, овој Суд веќе постапувал.
Имено, со Решението У.бр.66/2018 од 3 април 2019 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на одредби од членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2016).
Во образложението на ова решение Судот на седница утврди дека „Теренската контрола на регистрациониот агент законодавецот ја пропишал на единствен начин, независно од тоа дали регистрациониот агент е сметководител или адвокат, со што сите регистрациони агенти се ставени во иста положба во однос на контролата, како што се ставени во иста положба и во однос на исполнувањето на критериумите за добивање на овластување за регистрационен агент и во однос на вршењето на самата дејност.
Дејствијата коишто ги презема регистрациониот агент (чување на конвертираните прилози) и коишто подлежат на контрола, се пропишани со закон, поради што наводите во иницијативата дека со преземањето на овие дејствија се надминувале овластувањата во полномошното дадено на регистрациониот агент од неговиот клиент и се повредувал личниот интегритет на клиентите, се неосновани“.
Од наведените причини, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите за примена на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата, поради пресудена работа и поради тоа дека нема основи за поинакво одлучување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.81/2019
28.10.2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати