У.бр.181/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации како и за времен прекин на постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, бр. 09-3172/3 од 18.03.2020 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.4/2020).

2. ФИБУЛА ЕР ТРАВЕЛ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, застапувана од адвокатот Драган Коровешовски од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука на Советот на Општина Охрид биле повредени член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7, 9, и 10 и став 2 и членот 51 од Уставот; член 22 став 1 точки 1 и 2 и членот 51 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002); член 47 ставови 1 и 2, член 58 ставови 1 и 2, член 59 ставови 1, 2, 3 и 16, и член 68 став 1 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2009….и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020); членовите 1, 11, 15, 18 и член 19 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весниок на Република Македонија“ бр.199/2014) и членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011) со кој се менува членот 65 на Законот за животна средина.

Во иницијативата се цитираат сите наведени уставни и законски одредби.

Потоа, се наведува дека законската постапка за донесување на урбанистички планови морало да се почитува и при ставање вон сила на плановите, а особено при нивна измена и ставање на ограничување за градење на простори коишто самата локална самоуправа, па и државата со проекти за локални економски и туристички развој ги определила како погодни за градење и тоа во услови кога исти прописи важеле и денес. Владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Се наведува дека постоела законска обврска општината, во постапката за донесување на ДУП, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена, но притоа, органот што го подготвува планскиот документ бил должен, согласно членот 65 од Законот за животна средина, на што упатувал Законот за просторно и урбанистичко планирање, на својата веб-страна да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата.

Со оспорената одлука се прогласувал времен прекин на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на територијата на Општина Охрид, и тоа за изградени објекти во членот 7 од Одлуката: во крајбрежен појас на Охридско Езеро дефиниран со Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион (2020- 2029), се обесправувале дел од граѓаните кои имаат објекти во овие подрачја, а постапката била временски лимитирана и наместо локалната самоуправа да створи услови постапката за тие објекти да се спроведе брзо и со строга контрола на законитоста, таа диктирала мораториум и го повредувала Законот за постапка со бесправно изградени објекти.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд оспорената одлука да ја укине како незаконита.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука донесена од Советот на Општина Охрид, број 08-3172/3 од 18.03.2020 година, гласи:

„Врз основа на член 22 став 1 точка 1, член 36 став 1 и член 62 од Законот за локалната самоуправа (Сл.весник на РМ бр. 5/02) и член 18 став 1 од Статутот на општина Охрид (Сл.гласник на општина Охрид бр.8/07, 1/08, 10/10, 5/11, 9/14, 14/14 и 10/19, ), а во врска со член 2 став 2 и 3, член 6, член 7, член 9 став 1 алинеа 4 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, како и во врска со заклучоците од седмата седница на Владата на Република Северна Македонија од 10.02.2020 година и препораките на УНЕСКО, Советот на општина Охрид на седницата одржана на ден 18.03.2020 година, ја донесе следната:

ОДЛУКА
ЗА НАЧИН НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПОСТОЈНИТЕ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ И УРБАНИСТИЧКО ПЛАНСКИ ДОКУМЕНТАЦИ КАКО И ЗА ВРЕМЕН ПРЕКИН НА ПОСТАПКИ ЗА УТВРДУВАЊЕ ПРАВЕН СТАТУС НА БЕСПРАВНО ИЗГРАДЕНИ ОБЕЈКТИ

Член 1

Општина Охрид ја почитува и прифаќа реафирмацијата на определбата на Владата на Република Северна Македонија да се зачува статусот светско наследство на УНЕСКО на природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Член 2

Се воведува времен прекин на сите постапки кои се однесуваат на издавање одобрение за градење, одобрение за надградба и одобрение за доградба, односно спроведување на детални урбанистички планови, урбанистички планови вон населено место, урбанистички планови за село, општи акти за села, урбанистичко-плански документации и архитектонско-урбанистички проекти и тоа:
– Во крајбрежен појас на Охридско Езеро дефиниран со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион
– Во граници на Старото градско јадро на Охрид дефинирани со Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење
– Во граници на археолошки локалитети
– За поединечни заштитени добра.

Член 3

Сите постапки со добиено одобрение за градење можат да продолжат со реализација.

Член 4

Оваа Одлука не се однесува на барања за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти и на барања за градби од јавен интерес од државно и локално значење.

Член 5

Оваа Одлука не се однесува на барања за:
– Извод од план
– Решение за измени во тек на градба
– Промена на инвеститор
– Реконструкција, адаптација и пренамена
– Решение за градби за кои не се издава одобрение за градење
– Отпочнати постапки за издавање на одобрение за градење, одобрение за надградба и одобрение за доградба
– Отпочнатите постапки за оттуѓување на градежно земјиште.

Начин и постапка за спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020- 2029)

Член 6

При издавање изводи од детални урбанистички планови, урбанистички планови вон населено место, урбанистички планови за село, општи акти за села, урбанистичко-плански документации и архитектонско-урбанистички проекти, да се наведе потребата од примена на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020- 2029) при изработката на идејните и основните проекти.
При изработката на идејни и основни проекти да се применуваат насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020- 2029).
Во постапките за одобрување на идеен проект за парцели во контактна зона на Старо градско јадро на Охрид, барателите се должни да достават мислење на проектот од аспект на примена на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, издадено од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.

Времен прекин на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на територијата на Општина Охрид

Член 7

Се прогласува времен прекин на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на територијата на Општина Охрид и тоа за изградени објекти:
– Во крајбрежен појас на Охридско Езеро дефиниран со Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020- 2029)
– Во граници на Старото градско јадро на Охрид дефинирани со Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење
– Во граници на археолошки локалитети
– За поединечни заштитени добра
– Во граници на Национален парк Галичица
– За градби за кои барањето се однесува на целиот објект со намена:
А2 домување во станбени згради
А3 групно домување
А4 времено сместување
Б2 големи трговски единици
Б3 големи угостителски единици
Б4 деловни дејности
Б5 хотели
Г1 тешка индустрија

За останатите барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, постапката продолжува со тоа што во барањата ќе биде приложено позитивно решение за одобрување на елаборат за заштита на животна средина согласно член 24 од Законот за животна средина и позитивно мислење од Управата за заштита на културното наследство, изработени согласно Препораката број 9 од Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од 2017 година.

Член 8

Оваа Одлука ќе се применува заклучно со 01.10.2020 година.

Член 9

Оваа Одлука стапува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“. “

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Предмет на оспорување со иницијативата е Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации како и за времен прекин на постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, бр. 09-3172/3 од 18.03.2020 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.4/2020).

Според членот 8 од Одлуката, оваа одлука ќе се применува заклучно со 01.10.2020 година.

Советот на Општина Охрид, во одговор на наводите од иницијативата, го извести Уставниот суд дека Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 10.02.2020 година, со заклучок бр.44-1351/1 им препорачала на Советот на Општина Охрид, Советот на Општина Струга и Советот на Општина Дебрца да ги продолжат одлуките за времен мораториум донесени од страна на советите на општините Охрид, Струга и Дебрца од август 2019 година, се до усогласување на постојните планови со режимите за заштита од Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029). Имајќи ја предвид постапката за донесување, изменување и дополнување на урбанистичките планови согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, за која е потребен подолг временски период за услогласување на истите, а притоа да се избегне ситуација на целосно неспроведување и реализација на урбанистичките планови, а со цел да се испочитуваат режимите на заштита од Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот Регион, како и имајќи ги предвид препораките на Владата, Советот на Општина Охрид на седницата одржана на 18.03.2020 година, ја донел оспорената одлука.

Од анализата на наведената одлука произлегува дека истата има карактер на времена одлука, со важност од 18.03.2020 година до 01.10.2020 година, која во меѓувреме се исцрпела во својата примена и дејство, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.181/2020
28 октомври 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати