Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 14 октомври 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за судска служба за време на вонредна состојба, број 44-2955/1 од 8 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 95/2020).
2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила означена во точката 1 на ова решение.
Подносителот на иницијативата ја оспорил Уредбата за која сметал дека не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како дел од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Оспорената уредба не била во согласност ниту со членот 51 од Уставот, каде е определено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Понатаму, Уредбата не била во согласност со уставната определба дека Собранието на Република Северна Македонија го донесува и изменува Уставот и донесува закони и дава автентично толкување на законите согласно член 68 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот.
Исто така, Уредбата не била во согласност ниту со член 125 ставови 2 и 3 од Уставот, каде е определено дека постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, додека пак одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
Понатаму во иницијативата се цитира и уставната определба од член 126 став 2 од Уставот, каде е утврдено дека овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието.
Подносителот во иницијативата наведува дека досега од страна на Собранието на Република Северна Македонија немало донесено Закон за вонредна состојба и дека не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето: Владата да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба, а Собранието морало да донесе таква одлука, иако распуштено, бидејќи мандатот на пратениците во Собранието не престанувал да важи со распуштањето туку тој траел до изборот на новите пратеници во Собранието.
Имено, одлука за постоење на вонредна состојба донесувал претседателот на Републиката и му ја поднесувал на Собранието на потврдување штом тоа ќе било во можност да се состане. Претседателот можел таквата одлука да ја повторува неограничен број пати во период од 30 дена, онолку колку што ќе побарала Владата.
Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа не можел да биде супститут на Собранието, бидејќи Собранието вршело политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што биле одговорни пред Собранието.
Притоа, ако Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжат и по завршувањето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежеле на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување. Уредбите коишто Владата ги донесувала за време на вонредна состојба не важеле по завршувањето на вонредната состојба.
Владата на Република Северна Македонија можела со примената на Законот за управување со кризи како и со Законот за заштита од заразни болести да донесе голем дел од мерките преземени со уредбите со законска сила.
Имено, без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието, во согласност со член 126 став 2 од Уставот, Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната сотојба.
Врз основа на наведеното, се бара поништување на оспорената уредба со законска сила донесена од Владата за време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, а до донесувањето на конечна одлука да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземале врз основа на уредбата со законска сила донесена од Владата за време на вонредната состојба.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената уредба е предвидено дека:
Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 8 април 2020 година, донесе
УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СУДСКА СЛУЖБА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/14, 33/15, 98/15, 6/16, 198/18 и 248/18) ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За користење на правото на годишен одмор од страна на вработените во судска служба се применуваат одредбите на оваа уредба со законска сила.
Член 2
Вработените во судска служба кои се работно ангажирани за времетраењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение од претседателот на судот.
На вработените во судска служба кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, согласно мерките за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.
Член 3
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-2955/1 Претседател на Владата
8 април 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски,с.р.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во согласност со членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за судска служба за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 95/2020), уредува право на користење на годишен одмор од страна на вработените во судската служба, така што оние вработени кои се работно ангажирани за времетраењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, врз основа на одобрение од претседателот на судот, додека пак вработените во судската служба кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, согласно мерките за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.
Претседателот на Република Северна Македонија на 15 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 159/2020), донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба бр.08-777/3 за период од 8 дена. Оттаму, вонредната состојба траеше заклучно со 22 јуни 2020 година.
Имајќи предвид дека Уредбата имала важност и се применувала за време на траењето на вонредната состојба којашто престанала на горенаведениот датум, Судот оцени дека истата повеќе не е дел од правниот поредок, така што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.144/2020
14 октомври 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати