У.бр.122/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 14 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, број 44-2813/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 90/2020).

2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила означена во точката 1 на ова решение.

Подносителот на иницијативата ја оспорил Уредбата за која сметал дека не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како дел од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Оспорената уредба не била во согласност ниту со членот 51 од Уставот, каде е определено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Понатаму, Уредбата не била во согласност со уставната определба дека Собранието на Република Северна Македонија го донесува и изменува Уставот и донесува закони и дава автентично толкување на законите согласно член 68 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот.

Исто така, Уредбата не била во согласност ниту со член 125 ставови 2 и 3 од Уставот, каде е определено дека постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, додека пак одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Понатаму во иницијативата се цитира и уставната определба од член 126 став 2 од Уставот, каде е утврдено дека овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието.

Подносителот во иницијативата наведува дека досега од страна на Собранието на Република Северна Македонија немало донесено закон за вонредна состојба и дека не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето: Владата да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба, а Собранието морало да донесе таква одлука, иако распуштено, бидејќи мандатот на пратениците во Собранието не престанувал да важи со распуштањето туку тој траел до изборот на новите пратеници во Собранието.

Имено, одлука за постоење на вонредна состојба донесувал претседателот на Републиката и му ја поднесувал на Собранието на потврдување штом тоа ќе било во можност да се состане. Претседателот можел таквата одлука да ја повторува неограничен број пати во период од 30 дена, онолку колку што ќе побарала Владата.

Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа не можел да биде супститут на Собранието, бидејќи Собранието вршело политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што биле одговорни пред Собранието.

Притоа, ако Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжат и по завршувањето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог-закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежеле на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување. Уредбите коишто Владата ги донесувала за време на вонредна состојба не важеле по завршувањето на вонредната состојба.

Владата на Република Северна Македонија можела со примената на Законот за управување со кризи како и со Законот за заштита од заразни болести да донесе голем дел од мерките преземени со уредбите со законска сила.

Имено, без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието, во согласност со член 126 став 2 од Уставот, Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната сотојба.

Врз основа на наведеното, се бара поништување на оспорената уредба со законска сила донесена од Владата за време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, а до донесувањето на конечна одлука да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземале врз основа на уредбата со законска сила донесена од Владата за време на вонредната состојба.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената уредба е предвидено дека:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14,196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 3 април 2020 година, донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 31/16, 142/16, 190/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За роковите за преземање на предметите по започнатите постапки со непосредна спогодба и со јавно наддавање на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за преземање на следењето, вршењето и сите активности кои произлегуваат од работите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за преземање на надлежностите за располагање со градежно земјиште во сопственостна Република Северна Македонија, за донесување на Годишната програма, како и за формирање на Комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање и за воспоставување на Електронскиот систем за јавно наддавање на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Роковите за преземање на предметите по започнатите постапки со непосредна спогодба и со јавно наддавање на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за преземање на следењето, вршењето и сите активности кои произлегуваат од работите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за преземање на надлежностите за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за донесување на Годишната програма, како и за формирање на Комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање и за воспоставување на Електронскиот систем за јавно наддавање на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, се продолжуваат за 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-2813/1                                                                                                                                                                                                                                    Претседател на Владата
3 април 2020 година                                                                                                                                                                                                               на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                               Оливер Спасовски,с.р.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, со Решение У.бр.209/2020 од 08.07.2020 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, број 44-2813/1 од 3 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 90/2020).

По однос на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, бр.44-5217/1 од 9 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 154/2020), Судот со Одлука У.бр.209/2020 од 23.09.2020 година, истата ја поништи.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот оцени дека наводите во сега поднесената иницијатива не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во однос на предметот У.бр.209/2020, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.122/2020
14 октомври 2020
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати