У.бр.112/2016

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеите 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 14 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:

– Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.159/2015), како и уставноста и законитоста на:
– Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2016),
– Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/2016),
– Одлуките за помилување без спроведување на постапка, донесени од Претседателот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.72/2016).

2. Зоран Стојановски од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста, односно уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените акти се повредувале одредбите од Уставот од причина што Одлуката за распуштање на Собранието и нејзиното изменување и дополнување имале одложно дејство, односно истата влегува во сила, но нејзината примена се одлага за одреден период, што според подносителот на иницијативата било спротивно на уставните норми. Имено, од содржината на Одлуката за распуштање на Собранието како и Одлуката за нејзино изменување биле во спротивност со членовите 51 и 52 од Уставот од причина што имале директно влијание на функционалноста на организацијата на државната власт, истите биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, го загрозувале владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и правната сигурност на граѓаните.

Со Одлуките за помилување без спроведување на постапка донесени од претседателот на Републиката се повредувало начелото на законитост како основно начело на кривичното право и членот 14 од Уставот и би значело пречекорување на уставните овластувања и признавање на апсолутен имунитет на тоа лице. Имено, во секоја од оспорените одлуки биле наведени само имињата на поименично определени лица но не и кривичното дело за кое се дава ослободување од гонење со што всушност се надминувале уставните овластувања на помилувањето и се дава апсолутен имунитет на поименично определените лица во одлуките, што ги прави неуставни и незаконити.

Исто така, секоја од овие одлуки била во спротивност со членот 52 од Уставот бидејќи има ретроактивно дејство, односно влегува во сила пред нејзиното објавување во Службен весник, односно со денот на нејзиното донесување, што е спротивно на Уставот.

Оспорениот закон, според наводите во иницијативата бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 51 и 106 од Уставот. Ова, од причина што со овој закон се воведува нов орган за гонење на сторителите на кривични дела и покрај уставно утврдената надлежност во членот 106 од Уставот дека таква надлежност има Јавното обвинителство на Република Македонија, односно истото е единствен и самостоен орган кој ги гони сторителите на кривични дела.

Од наведените причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените акти.

3.Судот на седницата утврди дека оспорените акти се со следнава содржина:

I. Врз основа на член 68 став 2 и членот 63 став 3 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 18 јануари 2016 година, донесе

О Д Л У К А
за распуштање на Собранието на Република Македонија

Член 1

Собранието на Република Македонија се распушта.

Член 2

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 24 февруари 2016 година.

Собрание на Република Македонија.

Бр.08-362/1                                                                                                                                                                                                                              Претседател
18 јануари 2016 година                                                                                                                                                                                на Собранието на Република Македонија
С к о п ј е                                                                                                                                                                                                                          Трајко Вељановски,с.р.

II. На 23 февруари 2016 година, Собранието на Република Македонија, донесе Одлука за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, која гласи:

Врз основа на членот 68 став 2 и членот 63 став 6 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 23 февруари 2016 година, донесе

ОДЛУКА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА РАСПУШТАЊЕ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 1

Во Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 9/16), во членот 2 датата „24 февруари 2016 година“ се заменува со датата „7 април 2016 година“.

Член 2

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Бр. 08 – 1320/1                                                                                                                                                                                                                                        Претседател
23 февруари 2016 година                                                                                                                                                                                               на Собранието на Република Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                               Трајко Вељаноски,с.р.

III. Врз основа на член 84 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија бр.52/1991 и 91/2001) и членовите 9 и 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993), а во врска со член 114 став 1 од Кривичниот законик, Претседателот на Република Македонија на 12. 04. 2016 година ги донел одлуките: бр.08-510/1, 08-511/1, 08-512/1, 08-513/1,08-514/1, 08-515/1, 08-516/1, 08-517/1, 08-518/1, 08-519/1, 08-520/1, 08-521/1, 08-522/1, 08-523/1, 08-524/1, 08-525/1, 08-526/1, 08-527/1, 08-528/1, 08-529/1, 08-530/1, 08-531/1, 08-532/1, 08-533/1, 08-534/1, 08-535/1, 08-536/1, 08-537/1, 08-538/1, 08-539/1, 08-540/1, 08-541/1, 08-542/1, 08-543/1, 08-544/1, 08-545/1, 08-546/1, 08-547/1, 08-548/1, 08-549/1 и 08-550/1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016).

Во секоја од наведените одлуки било предвидено ослободување од гонење, без спроведување на постапка на поименично наведени лица. Секоја од наведените одлуки е објавена во „Службен весник на Република Македонија“. Истовремено, на истиот датум Претседателот на Република Македонија за секое поименично наведено лице донел и посебни решенија кои не се објавени.

Во секое решение покрај поименично наведеното име и презиме на лицето утврдено е во која фаза на постапката кое кривично дело и одредба од Кривичниот законик за кое се товари лицето, притоа решенијата не се објавени во „Службен весник на Република Македонија“.

Претседателот на Република Македонија, врз основа на член 84 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија, член 1 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија бр.20/1993) и член 11-а став 1 и 2 од Законот за дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2016), а во врска со член 114 став 1 од Кривичниот законик во два наврати и тоа: на 27 мај 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2016) и на 7 јуни 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.108/2016) донел одлуки за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење, без спроведување на постапката, за сите поименично наведени лица за кои претходно имаше донесено одлуки за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка кои одлуки се оспорени со иницијативата.

IV. Содржина на оспорениот закон: Оспорениот закон содржи вкупно XVI глави, со наслов:

I. Глава –Основни одредби,
II. Глава – Значење на изразите употребени во овој закон,
III. Глава – Избор на јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.
IV. Глава – Услови за избор на јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.
V. Глава – Надлежности и должности на јавниот обвинител,
VI. Глава – Начело на автономија на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.
VII. Глава – Одговорност на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство.
VIII. Глава – Односи со јавност,
IX. Глава – Организација на јавното обвинителство,
X. Глава – Начела на хиерархија и субординација,
XI. Глава – Воспоставување надлежност врз тековни предмети.
XII. Глава – Меѓународна правна помош и соработка.
XIII. Глава – Финансирање и административни средства.
XIV. Глава – Разрешување на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство и престанок на Јавното обвинителство.
XV. Глава – Краен рок за покренување на обвинение, и
XVI. Глава – Преодни и завршни одредби.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, според Судот, за содржината на оспорените одлуки, како и за оспорениот закон Уставниот суд на Република Северна Македонија веќе со свои одлуки, односно решенија се произнел и зазел став по однос на истите.

Имено, Судот со Одлука У.бр.104/2016 од 25 мај 2016 година ги поништил Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија бр.08-362/1 од 18.01.2016 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2016) и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, бр.08-1320/1 од 23.02.2016 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/2016). Оттука, јасно произлегува дека истите не се повеќе во правниот поредок поради што исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата во овој дел, односно постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По однос на оспорените одлуки за помилување донесени од претседателот на Републиката, исто така, Судот со Решение У.бр.95/2016 од 5 октомври 2016 година зазел став дека истите не се повеќе во правниот поредок, односно престанале да важат поради што не постојат процесни претпоставки за нивно оценување во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите сметано од 30 јуни 2020 година престанал да важи и не е дел од правниот поредок, Судот по однос на овој акт се произнел и донел Решение У.бр.97/2015 и У.бр.60/2016 од 23 септември 2020 година со која ги отфрли иницијативите за оценување на неговата согласност со одредбите од Уставот поради постоење на процесни пречки за одлучување. Оттука, и по однос на овој оспорен акт, Судот оцени дека се исполнети условите за примена на член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата и во овој дел.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.112/2016
14 октомври 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати