У.бр.227/2020 и У.бр.242/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 14 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба , донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3194/1 од 16 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 103/2020),
– Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3462/1 од 28 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 111/2020),
-Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба , донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3987/1 од 14 мај 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 126/2020),
– Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-4438/1 од 22 мај 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 134/2020), и
– Одлуката за едностран раскин на договорот за концесија за експлотација на минерална суровина – Варовник на локалитетот КРАСТА с.Лабуништа, Општина Струга, донесена од Владата на Република Северна Македонија бр.44-4442/1 од 26 мај 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 136/2020).

2. Адвокатското друштво “ИПСО ЈУРЕ”-Битола и Светозар Ристески, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од Адвокатското друштво ИПСО ЈУРЕ оспорените уредби биле во спротивност со членот 126 од Уставот и член 15 став 1 од Европската конвенција за човекови права.

Подносителот на иницијативата смета дека уредбите со законска сила донесени за време на вонредна состојба мораат да бидат во согласност со причината поради која е утврдено постоење на вонредна состојба и не смеат да излегуваат надвор од причината за вонредната состојба и да навлегуваат во другите правно уредени односи и траат само до завршувањето на вонредната состојба.

Со оглед на тоа што Одлуката за прогласување на вонредна состојба е донесена заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот COVID-19 произлегува дека уредбите коишто ги носи Владата треба да бидат поврзани со и околу мерките за санација и претпазливост од пандемијата. Меѓутоа, според иницијативата, оспорените уредби и содржината којашто тие ја уредуваат не се однесувала на причината за утврдувањето на вонредната состојба определена во Одлуката на Претседателот, а тоа е заштитата и справување со последиците од ширењето на пандемијата предизвикана од коронавирусот и излегува надвор од наведената причина за вонредната состојба.

Имено, со одредбата од член 2а став 1 се додавала нова содржина со што Владата изворно и оригинерно нормира одредена ситуација којашто не била предвидена со Законот.

Со оспорените уредби Владата по сопствена оцена паушално раскинувала договори за концесија под превезот на нарушување на јавниот интерес и здравјето на населението користејќи ја вонредната состојба. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека оспорените уредби излегуваат надвор од причините за прогласување на вонредна состојба и со оспорените уредби не се вршело операционализација на постојна одредба од членот 51 од Законот за минерални суровини, туку се вршело изворно нормирање.

Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените уредби и истовремено да донесе времена мерка со која ќе се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените уредби.

Со иницијативата поднесена од Светозар Ристески, адвокат од Скопје, се оспоруваат основниот текст на уредбата и трите измени на истата, како и одлуката за едностран раскин на договорот за концесија, наведувајќи дека истите се во спротивност со одредбите од Уставот и тоа член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6, 7 и 10, член 30 ставови 1 и 3, членот 55, како и членовите 61, 68, 91, 125 и 126. Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорените акти не се во согласност и со членот 4 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и со член 6 став 1 и членот 14 и членовите 1, 15, 17 и 18 од Протоколот 12 од Европската конвенција за човекови права, како и со членот 1 од Протоколот 1.

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителот преку наведените уредби всушност ја оспорува Одлуката за едностран раскин на Договорот за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина-варовник на локалитетот КРАСТА, с.Лабуништа, Општина Струга. Имено,според наводите во иницијативата пред донесување на оспорената одлука претходело донесување, односно склучување на договор за концесија, за што следувале финансиски импликации за другата страна на договорот, односно биле преземени одредени потребни дејствија и истражувања на конкретниот локалитетот што предизвикало одредени финансиски трошоци. По сите преземени дејствија страната во договорот добила и дозвола за експлоатација по кое надлежното Министерство за економија одобрило врз основа на склучениот Договор за концесија со Владата, подносителот да врши експлоатација на минерална суровина-варовник. Подносителот бил совесен, пазарно ориентиран субјект и договорна страна коај ги исполнил сите законски предвидени услови.

Меѓутоа, и покрај тоа, Владата во услови на вонредна состојба, иако истата била странка во конкретниот договор, ги донела оспорените уредби и донесува одлука за едностран раскин на договот, со што се создава правна несигурност на граѓаните и ги руинира наведените одредби од Уставот и меѓународните договори. Ова, дотолку повеќе што договот бил склучен за период од 30 години што значи дека на подносителот досега му е сторена голема штета, а во иднина уште повеќе му се повредувале правните интереси со оглед на тоа дека нарушувањето на јавниот интерес, безбедноста на здравјето на локалното население не постојат како причина за истите, не биле изведени докази за фактите дека со работењето на подносителот би се предизвикала опасност за здравјето и безбедноста на населението.

Од наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените акти како и да донесе времена мерка, односно да ги запре од извршување сите дејствија и акти преземени врз основа на оспорените уредби, а особено да го запре извршувањето на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените акти се со следнава содржина:

I. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19), ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За роковите за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесена иницијатива за вршење на детални геолошки истражувања, за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања на ист простор и за ист вид на минерални суровини за кои е доставен извештај со кој се потврдува дека деталните геолошки истражувања не се во целост завршени, за доставување на елаборат од извршените детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за издавање на дозвола за детални геолошки истражувања, за поднесување на барање за проширување на концесија за експлоатација, за поднесување на барање за продолжување на периодот на кој е доделена концесија за експлоатација, за поднесување на барање за доделување на концесија за експлоатација по истекот на концесијата за детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација и за започнување со експлоатација на минералните суровини по издавањето на дозволата за експлоатација, за време на траењето на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Роковите за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесена иницијатива за вршење на детални геолошки истражувања, за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања на ист простор и за ист вид на минерални суровини за кои е доставен извештај со кој се потврдува дека деталните геолошки истражувања не се во целост завршени, за доставување на елаборат од извршените детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за издавање на дозвола за детални геолошки истражувања, за поднесување на барање за проширување на концесијата за експлоатација, за поднесување на барање за продолжување на периодот на кој е доделена концесија за експлоатација, за поднесување на барање за доделување на концесија за експлоатација по истекот на концесијата за детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација и за започнување со експлоатација на минералните суровини по издавањето на дозволата за експлоатација, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-3194/1                                                                                                                                                                                                          Претседател на Владата
16 април 2020 година                                                                                                                                                                                  на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                                                                                                                                                      Оливер Спасовски, с.р.

II. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 28 април 2020 година донесе

У Р Е Д Б А СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба (“Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20) член 1 во ставот 2 по зборовите „за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата“ се додаваат зборовите „и рокот за плаќање на понудениот концесиски надоместок за добивање на концесијата“, а по зборовите „за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата“ се додаваат зборовите „и рокот за плаќање на понудениот концесиски надоместок за добивање на концесијата“.

Член 2

Во членот 2 по зборовите „за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата“ се додаваат зборовите „и рокот за плаќање на понудениот концесиски надоместок за добивање на концесијата“, а по зборовите „за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата“, се додаваат зборовите „и рокот за плаќање на понудениот концесиски надоместок за добивање на концесијата“.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3469/1                                                                                                                                                                                                         Претседател на Владата
28 април 2020 година                                                                                                                                                                                  на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                                                                                                                                                     Оливер Спасовски, с.р.

III. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 14 мај 2020 година донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20 и 111/20) по членот 2 се додава нов член 2а кој гласи:

„Член 2а

Владата еднострано ќе го раскине договорот за концесија за експлоатација на неметалични минерални суровини во случај кога со вршењето на експлоатацијата на неметаличната минерална суровина е нарушен јавниот интерес, безбедноста и здравјето на локалното население.
Во случај на едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација од ставот 1 на овој член, концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на неметалична минерална суровина на друг локалитет во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на одлуката за едностран раскин на договорот.
Во случај кога е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација од ставот 2 на овој член, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини во рок од 30 дена по службена должност бара мислење од органите на државната управа надлежни за вршење на работите од областа на заштитата на животната средина и просторното планирање, заштитата на културното наследство, транспортот и врските, земјоделството, шумарството, водите, како и од други органи на државната управа надлежни за вршење на работите од соодветната област и од единицата односно единиците на локалната самоуправа на чија територија е поднесено барање за доделување на концесија.
Постапката за доделување на концесијата за експлоатација од ставот 3 на овој член ќе се спроведе согласно член 42 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19)“.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3987/1                                                                                                                                                                                                                      Претседател на Владата
14 мај 2020 година                                                                                                                                                                                                    на Република Северна Македонија,
СКОПЈЕ                                                                                                                                                                                                                                Оливер Спасовски, с.р.

IV. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 22 мај 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба (“Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/20, 111/20 и 126/20) по членот 2a се додава нов член 2б кој гласи:

„Член 2б

Одредбата на член 2а од оваа уредба со законска сила ќе се применува за време на траење на вонредната состојба како и 90 дена по престанување на траењето на вонредната состојба.“

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4438/1                                                                                                                                                                                                                      Претседател на Владата
22 мај 2020 година                                                                                                                                                                                                     на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                                                                                                                                                                   Оливер Спасовски, с.р.

V. ОДЛУКА ЗА ЕДНОСТРАН РАСКИН НА ДОГОВОРОТ ЗА КОНЦЕСИЈА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНА СУРОВИНА – ВАРОВНИК НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КРАСТА“ С. ЛАБУНИШТА, ОПШТИНА СТРУГА

1. Со оваа одлука Договорот за концесија за експлоатација на минералната суровина – варовник на локалитетот „Краста“ с. Лабуништа, Општина Струга бр.24-449/11 од 7.6.2013 година, еднострано се раскинува од страна на концедентот, бидејќи со вршењето на експлоатацијата на минералната суровина-варовник е нарушен јавниот интерес, безбедноста и здравјето на локалното население.

2. Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – варовник на Трговското, услужно производно друштво АНАДА-КОМ увоз-извоз Струга ДООЕЛ на локалитетот „Краста“ с. Лабуништа, Општина Струга бр.41- 385/1 од 16.5.2013 година (,,Службен весник на Република Македонија” бр. 77/13).

3. Оваа oдлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4442/1                                                                                                                                                                                                                           Претседател на Владата
26 мај 2020 година                                                                                                                                                                                                         на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                         Оливер Спасовски, с.р.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од анализата на содржината на оспорените уредби, а особено од содржината на членот 2б неспорно произлегува дека наведените уредби со законска сила ќе се применуваат за време на траење на вонредната состојба, како и 90 дена по престанување на траењето на вонредната состојба.

Оттука, според Судот, оспорените уредби по својата природа имаат темпорален карактер, кој се исцрпел по определениот краен рок за нивната примена. Имено, нивната важност е во периодот на траење на вонредната состојба, односно 90 дена по престанувањето на вонредната состојба, што значи дека истите произведуваат правно дејство заклучно со 23 септември 2020 година, кога престанува временски определениот период по истекот на вонредната состојба.

Имајќи ги во вид наведените факти, Судот оцени дека оспорените уредби ја исцрпеле својата содржина и дејство, односно истите имаат темпорален карактер кој се исцрпел по определениот рок за нивна примена. Поради ова, оспорените уредби веќе не се во правниот поредок, односно во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување по иницијативата поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

По однос на оспорената одлука, според Судот, Уставниот суд не е надлежен да ја цени нејзината уставност и законитост од причина што оспорената одлука нема карактер на општ пропис, не делува erga omnes, туку истата уредува односи inter partes односно уредува одредени облигациони односи на две договорни страни за што во случај на спор и неисполнување на одредени права и обврски уредени со конкретниот договор надлежен е редовен граѓански суд. Од овие причини Судот оцени дека и по однос на оспорената одлука исполнети се условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.227/2020
У.бр.242/2020
14 октомври 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати