У.бр.217/2020-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 и член 112 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 47 алинеја 1 и членовите 70 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

I.

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-6309/1 од 22 јуни 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 169/2020).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението со кое се запира извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

II.

Р Е Ш Е Н И Е

3. СЕ ЗАПИРА постапката за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за измена и дополнување на Уредбата за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3992/1 од 12 мај 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 123/2020).

4. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

5. Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.217/2020 година од 1 јули 2020 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за измена и дополнување на Уредбата за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3992/1 од 12 мај 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 123/2020) и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-6309/1 од 22 јуни 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.169/2020).

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените акти со одредбите од Уставот на Република Северна Македонија.

6. Судот на седницата утврди дека оспорените уредби се со следната содржина:

I. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 19 мај 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНА И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/20) во член 1 во ставот (2) зборовите „поднесување на пријави во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за реемитување на програмски сервиси на странски радиодифузери кои операторите планираат да ги реемитуваат на својот програмски сервис за територијата на Република Северна Македонија“ се заменуваат со зборовите „донесувањето на подзаконските акти“.

Член 2

Во член 2 ставот (1) се менува и гласи: „Јавната расправа за подзаконските акти од член 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16, 132/17, 168/18, 248/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/20), може да се спроведе и со употреба на средства за електронска комуникација и истата трае 15 дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.“ По ставот (1) се додава нов став (2) кој гласи: „Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги донесува подзаконските акти од член 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16, 132/17, 168/18, 248/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/20), во рок од пет дена од денот на завршувањето на јавната расправа од став 1 на овој член.“
Ставот (2) станува став (3).

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3992/1                                                                                                                     Заменик на претседателот
12 мај 2020 година                                                                                            на Владата на Република Северна Македонија
м-р Радмила Шеќеринска-Јанковска,с.р

II. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 22 јуни 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА АУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 140/20), во членот 3 бројот „60“ се заменува со бројот „150”.

Член 2

По членот 3 се додава нов член 3-а кој гласи:

„Член 3-а Операторите од член 3 од оваа уредба со законска сила кои имаат извршено регистрација во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги до денот на влегувањето во сила на подзаконските акти од член 2 став (1) од оваа уредба со законска сила, должни се до истекот на рокот од член 3 од оваа уредба со законска сила за доставување на пријави за регистрација на странски радиодифузери кои ги реемитуваат да обезбедат непрекинато реемитување на програмските сервиси на сите радиодифузери кои ги реемитуваат, согласно одредбите од Законот од електронски комуникации.“

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-6209/1                                                                                                                                                                                             Претседател на Владата
22 јуни 2020 година                                                                                                                                                                         на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                          Оливер Спасовски, с.р.

7. Според член 8 став 1 алинеи 1, 4 и 11 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 125 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Ако Собранието не може да се состане одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието штом тоа ќе е во можност да се состане.

Во членот 126 од Уставот е предвидено дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со законот донесува уредби со законска сила.

Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршување на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието.

Со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се предвидува дека со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорноста на радиодифузерите, давателите на аудиовизуелните медиумски услуги по барање и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи коишто ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите.

Меѓународната и регионалната правна рамка со која се уредуваат прашањата поврзани со вонредна состојба се содржани во членот 4 и членот 15 на Европската конвенција за човекови права. Во овие меѓународни инструменти утврдени се општо прифатени начела релевантни за вонредна состојба, кои државите треба да ги почитуваат; привременост: ова се однесува на вонредната природа на прогласувањето вонредна состојба; исклучителна закана: кризата мора да претставува стварна, моментална или најмалку непосредна опасност за заедницатa; објавување: вонредната состојба мора официјално да се прогласи и јавно да се соопшти; неопходно е да ги информира граѓаните за законската состојба и ја намалува можноста од de facto вонредна состојба, т.е. ситуација поради која државата ги ограничува човековите права без официјално да прогласи вонредна состојба; соопштение: другите држави и соодветните тела коишто го набљудуваат меѓународниот договор мора да се известат за преземените мерки; на пример, доколку државата сака да ги дерогира своите обврски според ЕКЧП или МПГПП тогаш таа мора да го информира генералниот секретар на Советот на Европа или генералниот секретар на ОН за своето дерогирање, мерките што ги презела и причините за тоа, како и за престанокот на дерогирањето; пропорционалност: мерките преземени да се спречи кризата мора да се пропорционални на тежината на ситуацијата на опасност. Ова се однесува на областа на применувањето, нивната материјална содржина и нивното времетраење; законитост: човековите права и основните слободи за време на вонредна состојба мора да ги почитуваат ограничувањата пропишани во соодветните инструменти на меѓународното и националното право; вонредна состојба не значи привремено укинување на владеењето на правото, ниту пак ги овластува оние кои се на власт да не го почитуваат начелото на законитост, на коешто се обврзани во секое време; права коишто не можат да бидат ограничени: ова се однесува на основните права за кои нема дерогирање дури и за време на вонредна состојба.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста

Во суштина вонредната состојба претставува состојба во која поради настанување на големи природни непогоди или епидемии, со цел справување со причините и/или последиците, се нарушува воспоставениот ред, и во такви околности мерките коишто се преземаат од Владата во вонредна состојба мора да бидат пропорционални, дизајнирани и насочени кон справување со причинителот на состојбата и последиците од истата, да презема мерки коишто се во суштинска врска со причинителот и последиците, со времен карактер и лимитиран интензитет, при што има уставни овластувања за ограничување на човековите права за таа цел (освен оние кои не можат да бидат ограничени ни во вонредна состојба), се со цел, (брзо, во временска смисла) да го повратат уставниот поредок со кој човековите права повторно ќе можат целосно да бидат обезбедени. Вонредната состојба е уставна материја, и во време на вонредна состојба Владата мора да ги почитува темелните вредности на уставниот поредок, а особено владеењето на правото.

Согласно членот 10 од Законот за Влада на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 26/01, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието.

Според член 35 став 1 од Законот за Влада за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Согласно член 36 став 1 од истиот закон се предвидува дека со уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието.

Уредбите со законска сила се правни прописи, акти што ги носи орган којшто во поделбата на власта припаѓа на извршната власт (Влада),а правниот основ за нивното донесување го пропишува Уставот единствено во ситуација на прогласена вонредна состојба. Нивната суштина, нивниот материјален карактер, се сведува на неопходноста во услови на вонредна состојба да се овозможи функционирање на уставно-правниот поредок, од една страна, и ефикасно, флексибилно, пропорционално, разумно и добро балансирано Владата да уредува и нормира мерки со кои ќе се отстранат причините коишто довеле до прогласување на вонредната состојба но и последиците од истата. Сето ова има времен карактер, како што е овластувањето на Владата за носење уредби со законска сила кое се ограничува со времетраењето на вонредната состојба и истите подлежат на уставно-судска контрола и во времетраење на вонредната состојба.

Имајќи го во предвид наведеното, Судот оцени дека Уставниот суд е надлежен да ја цени уставноста на Уредбата со законска сила од аспект на членот 126 (дали пропорционално и разумно уредува и нормира мерки со кои непосредно или посредно ќе се отстранат причините коишто довеле до прогласување на вонредната состојба како и последиците од истата, или го повредува членот 126 во неговата суштина), од аспект на членот 54 (дали има дискриминација по наведените основи) дали се повредува право коешто не може да биде дерогирано ни во вонредна ни во воена состојба и меѓународно признатите права коишто не можат да бидат дерогирани.

Меѓутоа, според Судот, со донесувањето на оспорената уредба означена во точката 1 од оваа одлука, Владата на Република Северна Македонија ги пречекорила, односно ги надминала своите со Устав предвидени овластувања. Имено, донесувањето на оспорената уредба со законска сила не претставува мерка којашто има непосреден ефект во справувањето со последиците од епидемијата и Владата согласно овластувањата предвидени во членовите 125 и 126 од Уставот треба да донесува уредби со законска сила само и исклучиво со цел справување со причинителот и последиците од вонредната состојба предизвикана од присуството на коронавирусот – COVID-19, а не и уредби со кои се уредуваат медиумските услуги коишто сега ги уредува Владата со оспорената одредба и коишто според Судот немаат допирни точки со вонредната состојба.

Од овие причини, Судот оцени дека со Уредбата означена во точката 1 од оваа одлука, Владата на Република Северна Македонија излегува надвор од овластувањето коешто согласно Уставот го има Владата во вонредна состојба согласно членовите 125 и 126 од Уставот и мерката којашто е уредена со предметната уредба нема легитимна цел, ниту општествена оправданост, истите се непропорционални во светло на целта која се сака да се постигне, односно во справувањето со кризата предизвикана од коронавирусот COVID-19.

7. По однос на Уредбата означена во точката 2 Судот утврди дека Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 29 мај 2020 година донесе нова Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, бр.44-4750/1 од 29 мај 2020 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 140/2020 од 29 мај 2020 година.

Во членот 4 на Уредбата е предвидено дека со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила престанува да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2832/1 од 3 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 90/2020 и 123/2020).

Во членот 5 од наведената уредба е утврдено дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

Согласно наведените одредби, новата Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија влегува во сила на 29 мај 2020 година, кога е и објавена во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

Според член 47 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Оттука, јасно произлегува дека наведената уредба престанала да важи и истата е надвор од правниот поредок уште пред поведувањето на постапката, поради што Судот оцени дека согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија исполнети се условите за запирање на поведената постапка.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.217/2020
7 октомври 2020
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати