Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 07.10.2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на:
-Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.93/2020), и
– Уредбата со законска сила за изменување на Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.97/2020).
2. Светскиот македонски конгрес, преку претседателот Тодор Петров од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на уредбите означени во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените уредби со законска сила не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 1 април 2020 година, донесе
У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ОД ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ПОГОДЕНИ ОД ЗДРАВСТВЕНОЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ВИРУСОТ COVID-19, ЗАРАДИ ИСПЛАТА НА ПЛАТИТЕ ЗА МЕСЕЦИТЕ АПРИЛ И МАЈ 2020 ГОДИНА
Член 1
1. Со оваа уредба со законска сила, се уредуваат условите, начинот и постапката на финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година.
2. „Работодавач од приватниот сектор“ во смисла на оваа уредба е секој правен субјект од приватниот сектор кој вработува работници врз основа на договор за вработување, физичко лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавач корисник, согласно со Законот за приватни агенции за вработување.
Член 2
1. Финансиската поддршка на работодавачот од приватниот сектор од членот 1 став (2) на оваа уредба ќе се спроведува преку Владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравственоекономската криза предизвикана од вирусот COVID-19 со исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година (во понатамошниот текст: „работодавач-барател на финансиска поддршка“).
2. Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое се остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот.
Член 3
1. Работодавачот-барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците до Управата за јавни приходи. Формата и содржината на Барањето од ставот (1) на овој член е дадено во Прилог и е составен дел на оваа уредба со законска сила.
2. Барањето од ставот (1) на овој член, работодавачот-барател на финансиска поддршка го поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5-ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.
3. Во барањето од ставот (2) на овој член, работодавачот-барател на финансиска поддршка дава Изјава за исполнетоста на условите од ставот (4) на овој член и членот 4 на оваа уредба.
4. За користење на финансиската поддршка, работодавачот-барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:
a) намалувањето на вкупните приходи на работодавачот-барател на финансиска поддршка во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во 2019 година, а за работодавач барател на финансиска поддршка кој е запишан во соодветен регистар (основан) после месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%,
б) работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година и
в) најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот – барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка. Работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10% од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите од оваа точка.
Член 4
1. Работодавач-барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка за работник доколку:
а) работникот за периодот декември 2019 година, јануари 2020 година и февруари 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време.
б) користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба,
в) користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и
г) работодавач за работник со дополнителна работа, согласно членот 121 од Законот за работните односи.
2. Финансиска поддршка за исплата на платите не може да користи:
• сопственик/основач на работодавачот-барател на финансиска поддршка, управител, прокурист, односно застапник по закон и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка,
• орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и
• приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од став (2) алинеја 2 на овој член.
Член 5
1. Работодавачот со комплетното барање од членот 3 став (2) на оваа уредба, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.23. од МПИН образецот внесува шифра 619. За користење на финансиска поддршка за работниците, согласно со член 2 став (2) од оваа уредба, во исто време со мерката за субвенционирање на придонесите согласно со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 239/19), работодавачот со комплетното барање од членот 3 став (2) на оваа уредба, во полето 3.23. од МПИН образецот работодавачот внесува шифра 621, со која побарува финансиска поддршка/субвенционирање по двата основи.
2. По обработка на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец.
3. Управата за јавни приходи ја известува Владата на Република Северна Македонија за работодавачите кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на платите.
4. Износот на финансиска поддршка од членот 2 став (1) на оваа уредба се исплатува до 13-ти во месецот за претходниот месец преку Владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка кој ги исполнил условите од членот 3, став 4 и членот 4 на оваа уредба, согласно со известувањето од Управата за јавни приходи.
5. Роковите за поднесување на МПИН образецот до Управата за јавни приходи и исплатата на платата, данокот на доход и социјалните придонеси е уреден со закон.
Член 6
1. Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите од членот 3 став (4), членот 4 и ставот 2 на овој член од Уредбата.
2. За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.
Член 7
1. Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка; за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година, односно за вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.
2. Враќањето на износот од ставот 1 на овој член ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.
Член 8
Доколку работодавачот не ги исполни обврските од член 6 став 2, ќе се применуваат одредбите од Кривичниот законик.
Член 9
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
4. Исто така, Судот утврди дека врз основа на членот 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“, бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 9 април 2020 година, донесе
У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ОД ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ПОГОДЕНИ ОД ЗДРАВСТВЕНО-ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ВИРУСОТ COVID-19, ЗАРАДИ ИСПЛАТА НА ПЛАТИТЕ ЗА МЕСЕЦИТЕ АПРИЛ И МАЈ 2020 ГОДИНА
Член 1
Во Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 93/20), во член 4, во ставот 1., во точката в), по зборот „невработеност“ се додаваат зборовите: „(за мерките од проектот „Македонија вработува“)“.
Во ставот 2., алинејата 1 се брише.
Член 2
Во член 6, во став 2., зборот „четири“, се заменува со зборот „два“, а зборот „септември“, се заменува со зборот „јули“.
Член 3
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
5. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи го во предвид изнесеното, а посебно содржината на оспорените уредби, Судот оцени дека во конкретниот случај, оспорените уредби имале примена за одреден временски период и тие повеќе не претставуваат правна основа за создавање на нови права и обврски, односно се исцрпела нивната примена поради што не постојат процесни претпоставки за оценување на нивната согласност со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.133/2020
07.10.2020 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати