Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба, („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 79/2020, 87/2020 и 90/2020).
2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на уредбите со законска сила означени во точката 1 на ова решение.
Подносителот на иницијативата ги оспорил уредбите за коишто сметал дека не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како дел од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Оспорените уредби не биле во согласност ниту со членот 51 од Уставот, каде е определено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Понатаму, уредбите не биле во согласност со уставната определба дека Собранието на Република Северна Македонија го донесува и изменува Уставот и донесува закони и дава автентично толкување на законите согласно член 68 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот.
Исто така, Уредбите не биле во согласност ниту со член 125 ставови 2 и 3 од Уставот, каде е определено дека постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, додека пак одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
Понатаму во иницијативата се цитира и уставната определба од член 126 став 2 од Уставот, каде е утврдено дека овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието.
Подносителот во иницијативата наведува дека досега од страна на Собранието на Република Северна Македонија немало донесено закон за вонредна состојба и дека не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето: Владата да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба, а Собранието морало да донесе таква одлука, иако распуштено, бидејќи мандатот на пратениците во Собранието не престанувал да важи со распуштањето туку тој траел до изборот на новите пратеници во Собранието.
Имено, одлука за постоење на вонредна состојба донесувал претседателот на Републиката и му ја поднесувал на Собранието на потврдување штом тоа ќе било во можност да се состане. Претседателот можел таквата одлука да ја повторува неограничен број пати во период од 30 дена, онолку колку што ќе побарала Владата.
Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа не можел да биде супститут на Собранието, бидејќи Собранието вршело политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што биле одговорни пред Собранието.
Притоа, ако Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжат и по завршувањето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежеле на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување. Уредбите коишто Владата ги донесувала за време на вонредна состојба не важеле по завршувањето на вонредната состојба.
Владата на Република Северна Македонија можела со примената на Законот за управување со кризи како и со Законот за заштита од заразни болести да донесе голем дел од мерките преземени со уредбите со законска сила.
Имено, без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието, во согласност со член 126 став 2 од Уставот, Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната сотојба.
Врз основа на наведеното, се бара поништување на оспорените уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, а до донесувањето на конечна одлука да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствата што се преземале врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените уредби е предвидено дека:
Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 25 март 2020 година, донесе
УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/04, 84/05, 25/07, 87/08, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12, 70/13, 119/13, 120/13, 187/13, 38/14, 41/14, 138/14, 88/15, 192/15, 6/16, 30/16, 61/16 и 64/18 и 120/18), ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За свикување и одржување годишно собрание на акционери и собир на содружници, од страна на органот на управување на акционерските друштва, односно органот на управување на друштвата со ограничена одговорност, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Член 2
За акционерските друштва, кај кои започнал да тече рокот за свикување и одржување годишно собрание на акционери и за друштвата за ограничена одговорност кај кои започнал да тече рокот за свикување и одржување собир на содружници, нема да се одржи годишно собрание на акционери, односно нема да се одржи собир на содружници, за време на траењето на вонредната состојба.
Започнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери, односно собир на содружници, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.
Член 3
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-2523/1 Претседател на Владата
25 март 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р.
Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 ), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 2 април 2020 година, донесе
УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/20), во членот 1 ставот 2 се менува и гласи:
“За начинот на распоредување на добивката остварена од финансиското работење во претходната деловна година од страна на трговските друштва кои се во целосна сопственост на државата, за пресметување законска затезна камата од членот 487 став (6) од Законот за трговските друштва, за време на траењето на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила“.
По ставот 2 се додава нов став 3, кој гласи:
“За утврдување на крајниот рок за исплата на дивидендата која што им се доделува на странски содружници, односно на странски акционери според правата што ги дава уделот, односно според родот и класата на акции, кај сите трговски друштва, за време на траењето на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила..“
Член 2
Членот 2 се менува и гласи:
„Добивката остварена од финансиското работење на трговските друштва од членот 1 став 2 од оваа уредба со законска сила, се уплаќа во Буџетот на Република Северна Македонија.
Владата на Републука Северна Македонија донесува одлука за распоредување на добивката од ставот 1 на овој член, врз основа на утврдена листа на трговски друштва во целосна или доминантна сопственост на државата, со потешкотии во работењето.“
Член 3
По членот 2, се додава нов член 2-а, кој гласи:
“Член 2-а“
По одобрувањето на годишната сметка и на финансиските извештаи и утврдувањето на постоењето добивка за распределба, собирот на содружниците, односно собранието го определуваат делот којшто им се доделува на странските содружници, односно на странските акционери во форма на дивиденда, според правата што ги дава уделот, односно според родот и класата на акциите.
Органот на управување не може да исплати дивиденда на странски содружници, односно за странски акционери, за време на траењето на вонредната состојба.
Одредбата за пресметување законска затезна камата од членот 487 став (6) од Законот за трговските друштва не се применува за време на траењето на вонредната состојба.“
Член 4
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр.44-2604/1 Претседател на Владата
2 април 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р.
Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 4 април 2020 година, донесе
УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖЕЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА
Член 1
Со оваа уредба со законска сила престанува да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/20 и 87/20).
Член 2
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-2842/1 Претседател на Владата
4 април 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во согласност со член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи предвид дека оспорените уредби не се повеќе дел од правниот поредок на Републиката сметано од 4 април 2020 година, Судот оцени дека има процесни пречки за одлучување по иницијативата, така што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.88/2020
7 октомври 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати