У.бр.98/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за исплата на регрес за користење на годишен одмор, донесена од страна на Управниот одбор на ЈП „Водовод и канализација“ на Град Скопје, заведена под број 0202-5836/8 од 13 мај 2019 година.

2. Александар Димитриевиќ, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука од точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека биле заведени повеќе судски постапки пред Основниот суд Скопје 2 Скопје врз основа на поднесени тужбени барања за исплата на регрес за годишен одмор, јубилејна награда и исплата на новогодишен надоместок против ЈП„ Водовод и канализација“ Скопје согласно оспорената одлука со која била утврдена исплатата на регресот за последните три години.

Според наводите во иницијативата со одредбите на оспорената одлука и склучената Спогодба за регулирање на начинот на исплата на регрес за користење на годишен одмор на работниците од ЈП„ Водовод и канализација“ Скопје им била нанесена голема штета и неправда на работниците бидејќи исплатата на регресот ќе се извршела на неколку рати до крајот на 2020 година и оттаму било јасно дека истите исплати имале ретроактивно дејство, а тоа било во спротивност со член 52 став 4 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се поставува прашањето дали ќе била испочитувана оспорената одлука од ЈП„ Водовод и канализација“ Скопје од причина што во тој период сите парични побарувања ќе биле застарени согласно Законот за работни односи и дека со оспорената одлука им биле ускратени правата на работниците кои ги имале стекнато согласно колективниот договор.

Исто така, во иницијативата се споменуваат и се цитираат одлуки кои Уставниот суд ги донел заради повратното дејство на законски одредби. Од истите причини во иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за исплата на регрес за користење на годишен одмор донесена од страна на Управниот одбор на ЈП„Водовод и канализација“ на Град Скопје, заведена под број 0202-5836/8 од 13 мај 2019 година и се бара Уставниот суд да ја поништи или укине истата.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 80 став 1 од Колективниот договор за комуналните дејности на Pепублика Cеверна Mакедонија и член 60 став 1 точка 1 и став 4 од Колективниот договор за уредување на правата обврските и одговорностите на работниците од работен однос во JП „Водовод и канализација“ Скопје, Управниот одбор на JП „Водовод и канализација“ — Скопје на својата осумнаесетта седница, одржана на ден 13 05.2019 година ја донесе следната

О Д Л У К А
за исплата на perpec за користење на годишен одмор

Член 1

На вработените во JП Водовод и канализација Скопје кои го исполнуваат условите за исплата на perpec за користење на годишен одмор за 2016 година, 2017 година и 2018 година да им се исплати perpec за користење на годишен одмор во износ од:-за 2016 година износ од 3.000,00 денари,- за 2017 година износ од 3.000,00 денари-за 2018 година износ од 3.000,00 денари

Член 2

Исплатата на регресот за користење на годишен одмор од член 1 на оваа Одлука да се изврши на неколку рати, во момент кora ке бидат обезбедени финансиски средства кои нема да влијаат на тековното работење на Претпријатието.

Член 3

Се овластува Директорот на претпријатието да склучи Спогодба за регулирање на начинот на исплата на perpec за годишен одмор со Синдикатот на работниците од угостителството, туриэмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и эаштитните друштва на Република Македонија.

Член 4

Се задолжува Директорот нa Претпријатието за спроведување на оваа Одлука.

Член 5

Оваа Одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување.

Образложение

Согласно член 80 став 1 од Колективниот договор за комуналните дејности на PCM и член 60 став 1 точка 1 од Колективниот договор за уредување на правата обврските и одговорностите на работниците од работен однос во JП „Водовод и канализација“ Скопје, вработените во JП „Водовод и канализација“ Скопје за деновите поминати на годишен oдмор имаат право на надомест за користење на годишен одмор во висина до една просечно исплатена нето плата во стопанството во Република Северна Македонија.

Согласно член 60 став 4 од Колективниот договор за уредување на правата обврските и одговорностите на работниците од работен однос во JП „Водовод и канализација“ Скопје висината на регресот за користење на годишен одмор и начинот на исплатата ја утврдува со Одлука Управниот одбор на претпријатието, во зависност од финансиската можност.

Со оглед на фактот дека JП „Водовод и канализација“ Скопје, 2018 година ја заврши со загуба од работењето и не е во можност да го исплати регресот за годишен одмор за последните три години во целост, се направи пресметка на износот кој претпријатието би можелo да го исплати на име perpec за користење на годишен одмор на неколку рати, без при тоа да западне во тешка финансиска ситуација.

По донесувањето на оваа одлука ќе се стапи во консултации со Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално- станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија како репрезентативен синдикат за склучување на Спогодба за исплата на perpec за користење на годишен одмор за 2016 година, 2017 година и 2018 година.

Врз основа на погоре наведеното се донесе одлука како во диспозитивот.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Согласно членот 112 став 2 од Уставот се предвидува дека Уставниот суд ќе укине или поништи друг npoпиc или општ акт, колективен договор, cтaтyт или програма на политичка пapтиja или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.

Со општите акти на оригинален (изворен) начин се уредуваат односите и се уредуваат правата и обврските за граѓаните и за другите правни лица во рамките на надлежноста на органот кој ги донесува. Тие содржат општи правни норми, кои се однесуваат на неопределен број случаи. Во конкретниот случај Одлуката за исплата на регрес за користење на годишен одмор донесена од Управниот одбор на претпријатието заведена под број 0202-5836/8 од 13 мај 2019 година се однесува зa вработените во JП „Водовод и канализација“ на Град Скопје кои ги исполнуваат условите за исплата на peгpec за користење на годишен одмор за 2016 година, 2017 година и 2018 година со цел да им се исплати peгpec за користење на годишен одмор во определен износ и на начин согласно во моментот обезбедени финансиски средства кои нема да влијаат на тековното работење на JП „Водовод и канализација“ на Град Скопје.

Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа, не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите коишто содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и коишто утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, оспорениот акт, Одлука за исплата на регрес за користење на годишен одмор донесена од страна на Управниот одбор на ЈП„Водовод и канализација“ на Град Скопје, заведена под број 0202-5836/8 од 13 мај 2019 година не претставува општ акт со којшто се пропишуваат општи норми на однесување, се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и коишто утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото што на одлуката и дава карактер на конкретен акт поради што не претставува пропис подобен за уставно-судска анализа.

Поради наведеното, а врз основа на наведените уставни и деловнички одредби, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста на оспорената одлука, односно во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.98/2019
7.10.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати