У.бр.187/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 70 став 5 во делот „ставот 3 на“, член 70 став 8 во делот „ставот 4 на“ и член 70 став 10 во делот „ставот 4 на“ од Законот за внатрешна пловидба („Службен весник на Република Македонија“ број 55/2007, 26/2009, 22/2010, 23/2011, 53/2011, 155/2012, 15/2013, 137/2013, 163/2013, 42/2014, 166/2014, 146/2015, 193/2015, 31/2016 и 64/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредби од актот означен во точката 1 од Решението.

Подносителот во иницијативата наведува дека, од содржината на одредбата од ставот 3 на членот 70 од наведениот закон, неспорно произлегувало дека со истата се пропишувала само состојбата во однос на тоа кој можел да управува чамец со сопствен погон со јачина на механички двигател до 5 Кw или 5,00 метри должина само за сопствени потреби.

Подносителот исто така наведува дека од содржината на ставот 4 на членот 70 од истиот Закон произлегувало дека истата само регулира кој ја формира комисијата пред која се полага испитот за стекнување управувач со чамец но не и каков било надоместок односно висина на надоместок.

Според подносителот, неспорно произлегувало дека оспорените делови од иницијативата, од член 70 ставовите 5, 8 и 10 од наведениот закон, упатувале на примена на одредба („став 3„ и „став 4“) коишто во себе не го содржеле предметот на уредување на која упатувале и поради тоа можеле да доведат во забуна во применувањето на тие одредби кое нешто не било во духот на начелото на владеење на правото пропишано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Врз основа на погоре наведеното се предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови и истите да ги укине.

3. Судот на седницата во однос на точната содржина на член 70 од Законот за внатрешна пловидба („Службен весник на Република Македонија“ број 55/2007, 26/2009, 22/2010, 23/2011, 53/2011, 155/2012, 15/2013, 137/2013, 163/2013, 42/2014, 166/2014, 146/2015, 193/2015, 31/2016 и 64/2018) го утврди следното:

Во основниот текст на Законот за внатрешна пловидба („Службен весник на Република Македонија“ број 55/2007), членот 70 имал 10 става и гласел:

1) Чамец со сопствен погон може да се користи во пловидба ако со него управува стручно оспособено лице за управувач на чамец, кое е телесно и душевно способно и има наполнето 18 години живот.
2) Лице со наполнети 16 години живот може да управува чамец со сопствен погон со јачина на механички двигател до 5 Kw или до 5,00 метри должина само за сопствени потреби.
3) За стекнување звање управувач на чамец се полага испит во Капетанијата пред комисија именувана од министерот за транспорт и врски.
4) Со звање управувач на чамец може да се стекне и странско физичко лице доколку положи испит од ставот 3 на овој член.
5) За положен испит се издава уверение за оспособеност за управување со чамец. Уверението мора секогаш да се наоѓа на чамецот што плови.
6) За полагање испит кандидатот плаќа надоместок.
7) Висината на надоместокот од ставот 4 на овој член треба да биде во рамките на трошоците за литература што се користи, потрошен материјал, како и трошоци за испитната комисија и друго.
8) Висината на надоместокот за полагање испит, како и за работата на Комисијата, ги пропишува Владата на Република Македонија.
9) Средствата од ставот 4 на овој член се приход на Буџетот на Република Македонија.
10) Начинот за стекнување звање управувач на чамец, планот и програмата за полагање испит за стекнување звање управувач на чамец, образецот на уверението за стекнатото звање ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Со членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешна пловидба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/2009) во членот 70 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

“Телесната и душевната способност на лицата од ставот 1 на овој член ја утврдува здравствена организација, која за извршениот преглед издава лекарско уверение.“

Ставовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 стануваат ставови 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10 и 11.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од утврдената фактичка состојба произлегува дека станува збор за очигледен технички пропуст на законодавецот најпрво при означувањето на оспорените делови од одредбите на членот 70 во основниот текст на Законот за внатрешна пловидба („Службен весник на Република Македонија“ број 55/2007), каде што во ставовите 7 и 9, се упатува на ставот 4, а всушност треба да се упатува на ставот 6, за потоа со настанатата измена и дополнување на Законот за внатрешна пловидба, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/2009) каде што со додавањето на новиот став 2 на член 70, законодавецот извршил пренумерација на ставовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, и 10, на начин што истите се нумерирани како ставови 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10 и 11, исто така пропуштил наведената пренумерација да ја усогласи и во текстот на новите сега оспорени ставови 5, 8 и 10, во кои останало повикување на непроменета нумерацијата на ставовите 4, 7 и 9 од основниот текст на Законот.

Од целината на членот 70 од Законот, и покрај наведените недоследности во ставовите 5, 8 и 10 на членот, станува збор за јасни и прецизни законски одредби во кои се пропишуваат начинот и условите за стекнување на управувач на чамец со сопствен погон, поради што нема дилеми и нејаснотии за спроведување на постапката, односно сметаме дека се работи за потреба од номотехничко усогласување, и притоа со оспорените делови од одредбите од Законот не се доведуваат во заблуда оние на кои се однесуваат и оние кои треба да ги применуваат, односно не се повредува начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, како што се наведува во иницијативата.

Во конкретниот случај, имајќи ги во предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и претходно изнесеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, со оглед дека се работи за прашање коешто е од надлежност на законодавецот, кој ги донесува, изменува и дополнува законите, а не е во надлежност на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.187/2020
7 октомври 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати