Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 23 септември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за медијација за време на вонредна состојба, број 44-2361/1 од 19 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 70/2020).
2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила означена во точката 1 на ова решение.
Подносителот на иницијативата ја оспорил Уредбата за којашто сметал дека не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на владеењето на правото, поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како дел од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Оспорената уредба не била во согласност ниту со членот 51 од Уставот, каде е определено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Понатаму, Уредбата не била во согласност со уставната определба дека Собранието на Република Северна Македонија го донесува и изменува Уставот и донесува закони и дава автентично толкување на законите согласно член 68 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот.
Исто така, Уредбата не била во согласност ниту со член 125 ставови 2 и 3 од Уставот, каде е определено дека постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, додека пак одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
Понатаму во иницијативата се цитира и уставната определба од член 126 став 2 од Уставот, каде е утврдено дека овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието.
Подносителот во иницијативата наведува дека досега од страна на Собранието на Република Северна Македонија немало донесено Закон за вонредна состојба и дека не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето: Владата да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба, а Собранието морало да донесе таква одлука, иако распуштено, бидејќи мандатот на пратениците во Собранието не престанувал да важи со распуштањето, туку тој траел до изборот на новите пратеници во Собранието.
Имено, одлука за постоење на вонредна состојба донесувал претседателот на Републиката и му ја поднесувал на Собранието на потврдување штом тоа ќе било во можност да се состане. Претседателот можел таквата одлука да ја повторува неограничен број пати во период од 30 дена, онолку колку што ќе побарала Владата.
Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа не можел да биде супститут на Собранието, бидејќи Собранието вршело политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што биле одговорни пред Собранието.
Притоа, ако Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжат и по завршувањето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежеле на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување. Уредбите коишто Владата ги донесувала за време на вонредна состојба не важеле по завршувањето на вонредната состојба.
Владата на Република Северна Македонија можела со примената на Законот за управување со кризи како и со Законот за заштита од заразни болести да донесе голем дел од мерките преземени со уредбите со законска сила.
Имено, без Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието, во согласност со член 126 став 2 од Уставот, Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраење на вонредната сотојба.
Врз основа на наведеното, се бара поништување на оспорената уредба со законска сила донесена од Владата за време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, а до донесувањето на конечна одлука Судот да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствата што се преземале врз основа на уредбата со законска сила донесена од Владата за време на вонредната состојба.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорената уредба е предвидено дека:
Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седница одржана, на 19 март 2020 година, донесе
УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МЕДИЈАЦИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр.188/13, 148/15, 192/15 и 55/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За полагање на испитот за медијатори за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Член 2
Полагањето на испитот за медијатори се одложува за време на траењето на вонредната состојба.
Член 3
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-2361/1 Претседател на Владата
19 март 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски,с.р.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во согласност со член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за медијација за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 70/2020), е утврдено дека Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр.188/2013, 148/2015, 192/2015 и 55/2016), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба. Имено, за полагање на испитот за медијатори за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила, додека пак полагањето на испитот за медијатори се одложува за време на траењето на вонредната состојба.
Претседателот на Република Северна Македонија на 15 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 159/2020), донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба бр.08-777/3 за период од 8 дена. Оттаму, вонредната состојба траеше заклучно со 22 јуни 2020 година.
Имајќи предвид дека Уредбата имала важност и се применувала за време на траењето на вонредната состојба која престанала на горенаведениот датум, Судот оцени дека истата повеќе не е дел од правниот поредок, така што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.63/2020
23 септември 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати