У.бр.194/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 7 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 во делот „престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува 200 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.“ од Уредбата со законска сила за примена на Законот за вршење на сметководствени работи, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 29 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.140/2020).

2. Мартин Бошкоски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорената одредба од Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата е наведено дека оспорените одредби од Уредбата биле во спротивност со член 51 став 1, членот 61 и член 126 ставови 1 и 2 од Уставот од причина што истите упатуваат на продолжување на правното важење на Уредбата и во периодот по завршувањето на вонредната состојба, во кој период правно гледано истата не произведувала правно дејство. Со оспорената уредба се уредувал рокот за исполнување на обврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување од 60 часа за сметководител за период од три години односно 90 часа за овластен сметководител за период од три години, започната во 2017 година, престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува 200 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба, која обука во услови на редовна општествена состојба е регулирана согласно со Законот за вршење на сметководствени работи.

Според наводите во иницијативата, оспорената уредба со законска сила донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија била спротивна на Уставот од причина што истата била со продолжено правно важење и во периодот кој следи по завршувањето на вонредната состојба, во кој период правно гледано Уредбата не можело да произведува правно дејство. Во иницијативата е наведено дека по престанокот на вонредната состојба донесената Уредба со законска сила претставувала правен акт којшто бил хиерархиски подреден на Законот кој бил применлив за правната област која била регулирана со Уредбата и во конкретниот случај со останување во сила и во периодот од 200 дена по престанокот на вонредната состојба се создавал правен конфликт помеѓу два правни извори и се навлегувало во надлежностите на Собранието како носител на законодавната власт.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека требало да се има во предвид дека уредбите со законска сила биле нормативно и временски ограничени во однос на нивното траење, односно argumentum a contrario, правната сила на овие уредби престанувала со завршувањето на вонредната состојба и поради наведените причини предлага да се донесе решение за поведување на постапка и оспорениот дел да се поништи во целост.

3. Судот на седницата го утврди следното: „Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македoнија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македoнија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 29 мај 2020 година донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРШЕЊЕ НА СМЕТКОВОДСТВЕНИ РАБОТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/12, 188/13, 27/14, 154/15, 192/15, 23/16, 190/16 и 193/17), ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. (2) За рокот за исполнување на обврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување за сметководител односно овластен сметководител, за време на траењето на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Рокот за исполнување на обврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување од 60 часа за сметководител за период од три години односно 90 часа за овластен сметководител за период од три години, започната во 2017 година, престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува 200 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба. (2) Oбврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување од најмалку 10 часа во текот на една година за сметководител, односно од најмалку 20 часа за овластен сметководител, нема да се однесува за сметководителите односно овластените сметководители кои обуката за континуирано професионално усовршување ја започнале во 2018 и 2019 година. (3) Доколку сметководителот, односно овластениот сметководител од ставот (1) на овој член, до 31.12.2019 година посетил повеќе од 60 односно 90 часови обука за континуирано професионално усовршување, тие часови му се признаваат во следниот тригодишен циклус.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4708/1                                                                                                                                                                                                                                    Заменик на претседателот
29 мај 2020 година                                                                                                                                                                                                                             на Владата на Република
Скопје                                                                                                                                                                                                                                                     Северна Македонија

4. Со конкретната Уредба, Владата уредила одредени прашања во врска со Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012, 188/2013, 27/2014, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 190/2016 и 193/2017), меѓукои и тоа дека рокот за исполнување на обврската за посета на обуката за континуирано професионално усовршување од 60 часа за сметководител за период од три години односно 90 часа за овластен сметководител за период од три години, започната во 2017 година, престанува да тече за време на траењето на вонредната состојба и продолжува 200 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.

Од членовите 125 и 126 на Уставот произлегува дека: вонредна состојба настанува (1) ако настанат, покрај другото, големи епидемии (член 125 став 1 од Уставот), (2) постоењето на вонредната состојба го утврдува Собранието на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, и трае најмногу 30 дена (член 125 ставови 2 и 3 од Уставот) и (3) ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката, при што таа одлука се поднесува на Собранието на потврдување тогаш кога тоа ќе може да се состане (член 125 став 4 од Уставот). Од изнесените уставни одредби, понатаму, произлегува дека: при постоење на вонредна состојба (1) Владата, во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (член 126 став 1 од Уставот) и (2) овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае додека Собранието не одлучи дека вонредната состојба е завршена (член 126 став 2 од Уставот).

Со други зборови, настанувањето на вонредната состојба, во принцип, се утврдува од Собранието на Републиката во постапка (по предлог на овластени субјекти), на начин (со одлука како вид на правен акт) и со времетраење (најмногу 30 дена) утврдени во Уставот, а, по исклучок, кога Собранието не може да се состане, постоењето на вонредната состојба се утврдува со одлука на претседателот на Републиката и се поднесува на потврдување до Собранието штом тоа ќе е во можност да се состане. Притоа, во ситуација кога е утврдено постоење на вонредна состојба без оглед дали со одлука на Собранието на Републиката или со одлука на претседателот на Републиката, Владата има уставно овластување да донесува уредби со законска сила, со тоа што тие уредби мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон.

Оттука, понатаму произлегува дека со уредба со законска сила при постоење на вонредна состојба, Владата можела да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба, со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот. Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Со оглед на тоа што, во конкретниот случај, оспорената уредба е донесена во врска со заштитата и справувањето со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, Судот утврди дека оспорената уредба на Владата на Републиката има основа во членовите 125 и 126 од Уставот и не навлегува во слободите и правата утврдени во членот 54 од Уставот. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената уредба со наведените одредби од Уставот па одлучи да не поведе постапка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.194/2020
07.10.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати