Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 23 септември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба бр.08-607/2 од 16.04.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020).
2. Политичката партија Алијанса за Албанците, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одлука не била во согласност со членот 125 од Уставот на Република Северна Македонија, поточно во делот VII – Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба.
Имено, Уставот не му давало право на претседателот да ја продолжи вонредната состојба со втората Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, донесена од страна на претседателот на Републиката, особено што ќе немало кој да ја прекине оваа одлука доколку престанеле причините за постоење на вонредната состојба, единствено Собранието можело да донесе одлука за престанок на вонредната состојба.
Притоа, Уставот децидно определувал дека Одлуката со која се утврдувало постоењето на вонредната состојба има важност од најмногу 30 дена и во Уставот не постоела одредба со која можело да се продолжува вонредната состојба од страна на претседателот. Според подносителот, само доколку Собранието не можело да се состане, тогаш претседателот можел да ја прогласи втората претседателска Одлука за утврдување на постоење вонредна состојба.
На крајот, од Уставниот суд се бара, поведување постапка за оценување на уставноста на втората претседателска Одлука за утврдување на постоење вонредна состојба и нејзино поништување или укинување.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука е предвидено дека:
Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до претседателот на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/2 од 14.4.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година, донесувам
ОДЛУКА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЊЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
I
Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19.
II
Одлуката се донесува врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/2 од 14.4.2020 година до Претседателот на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да одржи седница.
III
Одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
IV
За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.
V
Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр.08-607/2 Претседател на Владата
16 април 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективни договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Имено, со Решение У.бр.55/2020 од 12 мај 2020 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020) имено, според Судот, на 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020). Според оваа одлука, се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19. Одлуката е донесена врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, како и врз основа на образложен предлог на Владата на Република Северна Македонија бр.44-2329/2 од 14.04.2020 година, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр.09-1690/2 од 18.03.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020), не може да одржи седница.
Оттука, произлегува дека и при донесувањето на втората одлука за утврдување на вонредна состојба, исто како и при донесувањето на првата таква одлука, до претседателот на Републиката, од страна на Владата е доставен образложен предлог во кој се утврдува постоење на епидемија со која е зафатена територијата на целата Република, од кои причини постои потреба од прогласување на вонредна состојба. По разгледувањето на оправданоста на предлогот, следува донесувањето на Одлуката. Имајќи го предвид наведеното, неосновани се наводите во иницијативата дека претседателот немал право да ја донесе Одлуката, како и тоа дека ја донел спротивно на Уставот на Република Северна Македонија.
Исто така, со Решение У.бр.207/2020 од 08.07.2020 година, Уставниот суд ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2020).
Имајќи во предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020).
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.173/2020
23 септември 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати