ставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 23 септември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на.
– Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со Законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 128/2020) и
– Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со Законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 140/2020).
2. Ѓорѓи Павлов, адвокат од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актите, означени во точката 1 од Решението.
Во иницијативата, подносителот наведува дека изворната Уредба со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), согласно Одлуката на Уставниот суд 84/2020 од 24.06.2020 година, Судот ја поништил и истата станала непостоечка, односно веќе не постоела во правниот систем на Република Северна Македонија, поради што оспорените уредби со законска сила упатувале на дополнување на изворната уредба која што била непостоечка со што доведувало до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои биле засегнати со конкретната проблематика.
Поради наведеното, оспорените Уредби со законска сила не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија односно со принципот на владеење на правото, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените уредби со законска сила и истите да ги поништи.
3. Судот на седницата утврди дека уредбата со законска сила ја има следната содржина:
а) Според членот 1 од Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.128/2020) се определува дека во Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020), по членот 3 се додава нов член 3-а кој гласи „Одредбата во член 2 од оваа уредба со законска сила ќе се применува за време на вонредната состојба, како и 60 дена по престанувањето на траењето на вонредната состојба. Во членот 2 од дополнувањето на Уредбата се определува дека „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
б) Согласно членот 1 од Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со Законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 140/2020) во членот 1 став 2 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/20 и 128/2020) по зборот „задоцнување“ се става запирка и се додаваат зборовите „за постапката на присилна наплата како“. Согласно членот 2 од Уредбата, „во член 2 по зборот „камата“ се додаваат зборовите „по каматна стапка“. Според членот 3 од Уредбата, по членот 2 се додава нов член 2-а, кој гласи: „Член 2-а Управата за јавни приходи нема да издава опомена за плаќање на данок и нема да отпочнува постапка на присилна наплата за време на траењето на вонредната состојба како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 30 јуни 2020 година и тоа за: – даночен долг кој е доспеан, а неплатен, и за кој не се отпочнати постапки на присилна наплата; – даночен долг по сите основи кој ќе доспее во месеците мај и јуни 2020 година и – судски такси и парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парнични, прекршочни, кривични и управни постапки во корист на Република Северна Македонија, а кои ги наплатува Управата за јавни приходи, кои се доспеани, а неплатени, и за кои не е отпочната постапка на присилна наплата.“ и во членот 4 од дополнувањето на Уредбата се определува дека „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд со Решение У.бр.216/2020 од 08.07.2020 година ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со Законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 128/2020) и Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со Законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 140/2020).
Од страна на Судот, иницијативата е отфрлена врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија поради постоење на процесни пречки за постапување по истата, од причина што со Одлуката У.бр.84/2020 од 24 јуни 2020 година, Судот ја поништи основната Уредба со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020) и истата не е повеќе дел од правниот поредок поради што, оспорените дополнувања не може самостојно да продолжат да важат и да произведуваат правно дејство бидејќи ја следат правната судбина на основниот текст на Уредбата.
Имајќи предвид дека Судот веќе се произнел за уставноста на оспорените у редби со законска сила, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради одлучена работа.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.234/2020
23 септември 2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати