Издвоено мислење по предметот У.бр.195/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992, по нашето гласање против Решението У.бр.195/2020 од 8 јули 2020 година, го издвојуваме и писмено го образложуваме следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Не се согласуваме со Решението У.бр.195/2020 на Уставниот суд со кое мнозинството судии одлучија да не се поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба, како и со образложението дека со оспорената уредба со законска сила „не се повредувале членовите 9 и 54 од Уставот како и одредбите на меѓународните акти на кои се повикува подносителот на иницијативата“.

Спротивно на ваквиот став на мнозинството судии искажан во наведеното решение, сметаме дека оспорената уредба со законска сила не е во согласност со следните уставни одредби како и со општо прифатените норми на меѓународното право (конвенции, декларации и сл.).

А) Член 1 став 1 од Уставот според кој Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Б) Член 8, став 1, алинеи 1, 3, 8 и 11 од Уставот на Република Македонија, според кој основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, на владеењето на правото и на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
В) Член 9 од Уставот, според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Г) Членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Д) Членот 54 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи според кој уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Членот 1 од Универзалната декларација за човекови права според кој „сите човекови суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општочовечката припадност“.

„Сите права и слободи наведени во Декларацијава им припаѓаат на сите луѓе, без оглед на разликите меѓу нив, како што се: раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или општествено потекло, сопственост, раѓање или друг статус“.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби ЕКЧП и УДЧП сметаме дека со оспорената уредба со законска сила се ставени во нееднаква положба и дискриминирани се граѓаните кои не се предвидени како корисници на финансиската поддршка од владината програма П1 – Мерки за справување со Ковид наспроти граѓаните – корисници на помошта определени во член 1 став 1 од Уредбата: граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица на возраст од 16 до 29 години и здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од Ковид-19 со издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги.

Исто така, сметаме дека со оспорената уредба се врши директна дискриминација на граѓаните односно повреда на правото на еднаквост третман на граѓаните од страна на државата, кои не се корисници на финансиската поддршка од буџетски средства, односно се ставаат во привилегирана положба една група граѓани како корисници на буџетски средства предвидени во владината програма наспроти сите останати граѓани кои не се корисници на финансиската помош без претходно утврдена методологија и критериуми за доделување финансиска помош на сите граѓани на кои што им е неопходно потребна финансиска поддршка заради ублажување на последиците предизвикани од пандемијата од коронавирусот Ковид-19.

Имено, во конкретниот случај со оспорената уредба, финансиската поддршка само на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и дел од здравствените работници претставува основа за дискриминација што се темели на недозволен различен третман кон граѓаните, по основ на општествен и имотен статус, возраст, положба во општеството, припадност на група. Оттука, сметаме дека различното и селективното третирање на граѓаните според имотниот статус и возраст не е пропорционално, односно оправдано во услови на епидемија која претставува општа опасност за сите, како и дека со решенијата содржани во оспорената уредба не може да се оправда селективноста како неопходна и легитимна во едно демократско општество.

Во конкретниот случај, и покрај фактот што пандемијата Ковид-19 претставува општо загрозувачка пандемија од која никој не е поштеден, а во случајот со справување на негативните последици од неа директно се справуваат и други категории вработени лица, како на пример, пензионерите со минимални пензии, матичните доктори кои исто така на соодветен начин учествуваа во заштита и спречување на последиците од Ковид-19, припадниците на полицијата кои континуирано беа и се уште се ангажирани во регулирањето на јавниот ред, а особено во услови на вонредна состојба и полициски час, припадниците на Армијата кои исто така во одреден период беа вклучени во борбата против пандемијата и слично. Од овие причини, сметаме дека со оспорената уредба е повредена еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ставени се во дискриминирана положба мнозинството граѓани, наспроти малцинството таргетирани граѓани со кој чин има повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на државата. Со арбитрарна уредба, врз основа на арбитрарни критериуми се овозможи да има привилегирани граѓани кои ќе земаат финансиска помош од буџетски средства, наспроти мнозинството граѓани кои ги дискриминира и ги остави без финансиска поддршка иако и тие граѓани имаат право на поддршка и финансиска помош во време на пандемија.

Исто така, сметаме дека со оспорената уредба се прави дискриминација не само по основ на статус, положба, возраст и професија, туку и интерна дискриминација во рамките на лица со ист или сличен имотен статус, иста или слична возраст, иста или слична професија, бидејќи согласно член 2 од Уредбата се утврдени мерки за финансиска поддршка само за:

А) „Граѓани со низок доход“ полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се приматели на социјална помош или невработени лица кои активно бараат работа евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија заклучно со 22.05.2020 година, кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 60.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „граѓани-корисници на финансиска поддршка“):
Б) „Вработени лица со низок доход“ се државјани на Република Северна Македонија кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „работници-корисници на финансиска поддршка“).
В) „Млади лица“ се државјани на Република Северна Маккедонија со наполнети 16 години и не постари од 29 години, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и Градот Скопје) и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (универзитети основани од Република Северна Македонија), согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: „млади лица-корисници на финансиска поддршка“).
Г) „Здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од Ковид-19 се државјани на Република Северна Македонија вработени во јавните здравствени установи, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, центри за јавно здравје, членови на тимовите за Итна медицинска помош, лица вработени во инфективните одделенија на општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани во инфективните одделенија на соодветната јавна здравствена установа респективно за времето на ангажирање согласно со евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување заради тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од Ковид-19 (во натамошниот текст: „здравствени работници-корисници на финансиска поддршка“).

На тој начин со оспорената уредба се направи збирна/ кумулативна и повеќекратна дискриминација со заштитена карактеристика и статус (имотна и статусна припадност, возраст, професија), обезбедувајќи им повластен статус на повеќе таргетирани групи што власта смета дека во моментов треба да ги заштити како најпогодени од пандемијата, а ги дискриминира другите групи и поединци кои, исто така, имаа/т конкретен ангажман во санирањето на негативните последици од пандемијата и еднакво беа погодени со последиците од пандемијата (припадници на полицијата, Армијата, матичните и другите доктори и медицински персонал, фармацевти, вработени во маркети, лицата вработени во кризните штабови и слично), како и пензионерите со ниски пензии.

За нас не е спорно дека Уставот ја овластил Владата да донесува уредби со законска сила за време на вонредна состојба но, исто така, Уставот го ограничил тоа овластување на Владата, уредувајќи дека истото мора да биде во согласност со Уставот и со закон, а во конкретниот случај со оспорената уредба се врши дискриминација на другите граѓани во однос на привилегираните категории граѓани посочени со Уредбата за време на вонредна состојба.

Членот 126 од Уставот на кој се повикува Владата, само уредува овластување за Владата да може да донесува уредби со законска сила до завршување на вонредната состојба, меѓутоа, тоа уставно овластување никако не значи и не подразбира да може Владата, арбитрарно, своеволно и дискриминирачки по своја сопствена проценка и оценка, самата, слободно да одлучува кои граѓани ќе ги дискриминира, кои ќе ги привилегира со уредба, кого се ќе опфати со привилегиите, а кого не, што впрочем и се прави со оспорената уредба.

Ограничувањата на слободите и правата за време на воена или вонредна состојба, според член 54 од Уставот, можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и исклучиво според одредбите на Уставот и не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Уставната определба, уредбите со законска сила да мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, упатува на тоа дека уредбите со законска сила можат да бидат донесени само во функција на операционализација на уставни и законски одредби, а со истите не може да се уредува ограничување/дискриминирање на слободи и права за човекот и граѓанинот.

Ограничувањата на слободите и правата на човекот и граѓанинот се уредуваат со Уставот, а доколку Уставот упатил тоа ограничување да биде уредено со закон, ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, мора да биде пропоционално со целите коишто треба да се постигнат со тоа ограничување и да биде неопходно во едно демократско општество.

На крајот, сметаме дека во Решението Уставниот суд дал мошне куса аргументација и не одговорил на сите аспекти коишто се покренуваат како правни прашања во иницијативата по однос на повредите на Уставот и ЕКЧП.

Врз основа на изнесеното сметаме дека оспорената уредба со законска сила не е во согласност со наведените уставни одредби, како и со Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Судии на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,

Јован Јосифовски
Никола Ивановски

Решение У.бр.195/2020