У.бр.85/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Жарко Бишевац од Скопје, за заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, повредени со Пресудата ГЖ-3722/18 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 27 март 2019 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето на Жарко Бишевац од Скопје, за заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, повредени со Пресудата ПЛ1-П-1745/17 донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 20 февруари 2018 година, Пресудата ГЖ-2098/18 донесена од Апелациониот суд во Скопје 11 јули 2018 година, Пресудата ПЛ1-П-1740/17 донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 15 мај 2018 година, Пресудата ГЖ-4071/18 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 8 ноември 2018 година и Пресудата ПЛ1-П-1746/17 донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 3 април 2018 година.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Жарко Бишевац од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, повредени со пресудите означени во точките 1 и 2 од оваа одлука.
Во барањето најнапред се цитираат одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, членовите 9, 50, 51 и член 110 алинеја 3 од Уставот, а потоа се наведува: „Имајќи ги во предвид горенаведените одредби, сметам дека со донесените пресуди како конечни управни акти сум ставен во нерамноправна положба и сум дискриминиран по основ на имотната и општествената положба, како и нерамноправно третиран како да сум активен потрошувач на услугата на Снабдување со топлина БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје иако со сите средства се обидов да докажам дека на моја штета погрешно се интерпретираат законски одредби и дека и јас треба да имам третман на непотрошувач односно некорисник на услугите на ова правно лице … Токму тука се чувствувам дискриминиран по основ на социјалниот и општествениот статус, бидејќи сум во категоријата на некорисници и непотрошувачи на услугите на БЕГ, немам склучено Договор, а се третирам како потрошувач, што ме става во нерамноправна положба со сите граѓани на Република Северна Македонија …“.

Подносителот на барањето предлага да се поништат оспорените пресуди, со што ќе се спречела неговата дискриминација во однос на сите граѓани кои не се корисници на услугите на БЕГ, а претходно Уставниот суд да го запре извршувањето на оспорените пресуди за да се спречело барателот да трпи штета зголемена со дополнителните извршителски трошоци и камата.

5.а) Уставниот суд на седницата утврди дека Пресудата ГЖ-3722/18, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 27 март 2019 година, Жарко Бишевац ја прими на 11 април 2019 година, а ова барање за заштита на слободи права го достави до Уставниот суд на 17 мај 2019 година.

Оттука, Уставниот суд утврди дека има процесни претпоставки за постапување по тој дел од барањето на Жарко Бишевац поднесено до Уставниот суд со оглед дека од доставувањето на Пресудата до поднесувањето на барањето не поминало 2 месеци.

б) Од наведената пресуда на Апелациониот суд во Скопје, Уставниот суд утврди дека, покрај другото, во неа се наведува следното:

„Врз основа на правилно и целосно утврдената фактичка состојба, овој суд најде дека и материјалното право е правилно применето од причина што првостепениот суд од изведените докази правилно утврдил дека тужителот е правен субјект чија основна дејност е дистрибуција на топлинска енергија. Тужениот е сопственик на стан во Скопје, што се наоѓа во колективен објект за домување. Тужениот, односно неговиот стан бил исклучен од мрежата на тужителот со заедничка согласност на двете страни на 01.11.2011 година за што било приложено Барање за исклучување, обострано потпишано. Тужениот сега има статус на исклучен потрошувач, па согласно чл.66 ст.2 в.в. чл.53 ст.2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на 30.07.2012 година, од страна на тужителот му бил пресметуван дел од надоместокот за топлинска енергија и тоа надоместок за ангажирана моќност како фиксен дел. Заради наплата на овој надоместок од тужениот, тужителот изготвил и му доставил на тужениот 2 фактури со пресметан износ за овој надоместок и тоа: фактура бр. 510317 08 16 5 на износ од 380,00 денари за месец 08/2016 година сметано од 16.09.2016 година до исплатата и фактура бр. 510317 09 16 6 на износ од 380,00 денари за месец 09/2016 година сметано од 16.10.2016 година до исплатата.

Согласно член 66 став 1 од Правилата за снабдување со топлинска енергија (Сл.весник на РМ бр. 97/2012) со денот на влегување во сила на овие Правила сите претходно исклучени потрошувачи од Системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на систем за дистрибуција најдоцна со 01.10.2012 година. Согласно член 66 став 2 од Правилата „Сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат Договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија која се определува согласно Тарифниот систем за топлинска енергија.

Согласно член 53 став 1 од Правилата за условите за снабдување со топлинска енергија (Сл.весник на РМ бр. 97/2012), во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање по претходно добиена согласност на тој колективен објект. Согласно став 2 од истиот член, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член, се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност – фиксен дел, надоместок за топлинска енергија кој се определува согласно Тарифниот систем за топлинска енергија.

По оценка на овој суд, правилно првостепениот суд го применил материјалното право кога го применил чл.53 и чл.66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, …
Од напред наведените одредби произлегува дека и покрај тоа што тужениот е исклучен од системот за снабдување на топлинска енергија, сепак има обврска за плаќање на дел од надоместокот за топлинска енергија и тоа надоместок за ангажирана моќност како фиксен дел, во смисла на член 251 став 1 од ЗОО според кој: Доверителот во обврзан однос е овластен да бара од должникот исполнување на обврската, а должникот е должен да ја исполни совесно во сето како што гласи таа. Воедно, обврската исклучените потрошувачи задолжително да го плаќаат овој надоместок произлегува и од одлуката на Уставниот суд на РМ од 22.05.2013 година која била во важност во периодот на кој се однесува предметниот долг, а според која: Исклучените потрошувачи се должни да плаќаат надоместок за ангажирана моќност на потрошувач како пасивен корисник на топлинска енергија.

Апелациониот суд Скопје го ценеше жалбениот навод на тужениот дека првостепениот суд немал во предвид дека во конкретниот случај помеѓу странките не бил склучен никаков договор и дека тужениот не ги користи услугите на дистрибутивниот систем на тужителот, за да се смета за пасивен потрошувач од што би произлегла за тужениот обврската да плаќа ваков надомест, но го одби како неоснован. Ова од причина што околноста што тужениот е исклучен од системот за снабдување со топлинска енергија и не склучил договор со тужителот не го ослободува тужениот од обврската за плаќање на надоместок за ангажирана моќност, бидејќи согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија кои се донесени согласно Законот за енергетика, тужениот се третира како исклучен, односно пасивен потрошувач со самото тоа што тужителот испорачува топлинска енергија во зградата на тужениот како колективен објект за домување, каде распределбата се врши преку еден мерен уред, од каде произлегува и неговата обврска за плаќање на надоместокот …“

Од образложението на Пресудата ГЖ-3722/18 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 27 март 2019 година, Уставниот суд утврди дека обврската за исклучените потрошувачи од дистрибутивната топлинска мрежа, да плаќаат надоместок за ангажирана моќност како фиксен дел, се заснова на Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени врз основа на Законот за енергетика.

Имајќи предвид дека Правилата за снабдување со топлинска енергија се однесуваат на сите исклучени потрошувачи од дистрибутивната топлинска мрежа, па и на оние кои немаат склучено договор со БЕГ а живеат во колективни објекти за домување во кои постои еден мерен уред, Уставниот суд оцени дека наведената пресуда не создава нееднаквост на барателот Жарко Бишевац во однос на другите некорисници, непотрошувачи на топлинска енергија, па нема нееднаквост ниту по основ на социјална припадност како што се наведува во неговото барање. Поради тоа, Уставниот суд одлучи барањето на Жарко Бишевац да го одбие согласно член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

6.а) Во врска со пресудите означени во точката 2 од оваа одлука, Уставниот суд ги утврди следните факти:

– Пресудата ПЛ1-П-1745/17, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 20 февруари 2018 година, Жарко Бишевац ја прими на 19 март 2018 година, што произлегува од Повратницата за лична достава на Основниот суд Скопје II од Скопје;
– Пресудата ГЖ-2098/18, донесена од Апелациониот суд во Скопје 11 јули 2018 година, Жарко Бишевац ја прими на 15 октомври 2018 година, што произлегува од Доставницата за лична достава на Основниот суд Скопје II од Скопје;
– Пресудата ПЛ1-П-1740/17, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 15 мај 2018 година, Жарко Бишевац ја прими на 18 јули 2018 година, што произлегува од Повратницата за лична достава на Основниот суд Скопје II од Скопје;
– Пресудата ГЖ-4071/18, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 8 ноември 2018 година, Жарко Бишевац ја прими на 4 декември 2018 година, што произлегува од Повратницата за лична достава на Основниот суд Скопје II од Скопје;
– Пресудата ПЛ1-П-1746/17, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 3 април 2018 година, Жарко Бишевац ја прими на 28 јуни 2018 година, што произлегува од Повратницата за лична достава на Основниот суд Скопје II од Скопје;
– Пресудата ГЖ-3722/18, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 27 март 2019 година, Жарко Бишевац ја прими на 11 април 2019 година, што произлегува од Повратницата за лична достава на Основниот суд Скопје II од Скопје.

б) Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, „Секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подолго од 5 години од денот на неговото преземање.“

Од изнесената деловничка одредба произлегува дека барањето за заштита на слобода или право утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, а со кое се оспорува поединечен акт, може да се поднесе во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт до граѓанинот.

Во конкретниот случај, од доставувањето на означените пет пресуди (1.Пресуда ПЛ1-П-1745/17, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје-примена на 19 март 2018 година; 2.Пресуда ГЖ-2098/18, донесена од Апелациониот суд во Скопје 11 јули 2018 година-примена на 15 октомври 2018 година; 3.Пресуда ПЛ1-П-1740/17, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје-примена на 18 јули 2018 година; 4.Пресуда ГЖ-4071/18, донесена од Апелациониот суд во Скопје-примена на 4 декември 2018 година, и 5.Пресуда ПЛ1-П-1746/17, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје-примена на 28 јуни 2018 година), до поднесувањето на ова барање на Жарко Бишевац пред Уставниот суд на 17 мај 2019 година, поминало повеќе од 2 месеци.

Оттука, Уставниот суд утврди дека постојат процесни пречки за постапување по тој дел од барањето, поради што Судот одлучи да го отфрли барањето согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

7. Врз основа на изнесеното, Уставниот суд одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Уставниот суд ја донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Во однос на точката 1, оваа одлука е донесена со мнозинство гласови.

У.бр.85/2019
8 јули 2020 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати