У.бр.163/2020, У.бр.165/2020 и У.бр.189/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

-Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3324/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020) во целина и посебно членот 7 во делот: „како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација” и

-членот 8 во делот: „како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација” од Уредбата со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус covid-19 за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3322/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, Дарко Јаневски од Скопје и СЕМАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ-МАКЕДОНИУМ од Богданци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на актите, во целина односно во делови од нивните одредби, означени во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.163/2020, поднесена од Светскиот македонски конгрес од Скопје, оспорената Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, не била согласна со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, чиишто содржини се цитираат во продолжение на иницијативата.

Со иницијативата се изложуваат наводи и заклучоци во однос на тоа што уредувале уставните одредби и како требало тие да се толкуваат, а и применуваат, како и дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, при што се бара поништување на оспорената уредба со законска сила, со предлог за донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на истата.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.165/2020, поднесена од Дарко Јаневски од Скопје, во членот 1 од уредбите со законска сила, стоело уредување дека предвидените мерки со уредбите важеле за време на траењето на вонредната состојба, меѓутоа со членот 7 од Уредбата со законска сила којашто се однесува на мерката носење лична заштита на лицето и со членот 8 од Уредбата со законска сила којашто се однесува на мерката задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус covid-19 за време на вонредна состојба, стоело уредување дека тие се применуваат за време на траењето на вонредната состојба, како и до завршување на пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација. Според подносителот, правен апсурд и контрадикторно било од една страна во насловот на самите уредби, а и во членот 1 од истите, јасно и недвосмислено да се определува дека тие важат за време на вонредната состојба, а од друга страна со оспорените делови на членовите од уредбите, да се остава можност истите да можат да се применуваат и по престанувањето на вонредната состојба, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.

Ова, од причини што не било јасно дали мерките од уредбите важеле додека трае вонредната состојба или пак ќе важат и потоа, односно, се´ додека Светската здравствена организација (СЗО) не прогласи завршување на пандемијата со COVID-19. Доколку вонредната состојба престане во државата, а СЗО не прогласи крај на пандемијата, продолжувањето на мерките би значело владеење од страна на Светската здравствена организација, односно Организацијата на обединетите нации (ООН) како основачки орган на СЗО, каде што граѓаните на Република Македонија немале апсолутно никакви правни инструменти тоа да го оспорат.

Граѓанинот како суверен, на непосредни избори го давал легитимитетот на Собранието да донесува закони коишто граѓанинот можел да ги оспори пред Уставниот суд доколку сметал дека се противуставни. Владата исклучиво можела да донесува уредби со законска сила коишто можеле да се применуваат во точен временски интервал и тоа за време на траењето на вонредната состојба, а по тој период, исклучиво Собранието било надлежно да ја оценува потребата за донесување на закон со кој ќе го нормирал истото, а во случајот Владата излегла надвор од уставните овластувања навлегувајќи во надлежностите кои Уставот му ги доверил на законодавниот дом, со што оспорените делови од уредбите со законска сила не биле во согласност со темелната вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот којашто се однесува на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот според кој Собранието ги донесува законите и истите автентично ги толкува.

Оспорените содржини во предметните уредби со законска сила не биле во согласност и со член 8 став 2 од Уставот, бидејќи при нивното уредување, Владата не зела во предвид дека во Република Северна Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането, дека според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во Република Северна Македонија како демократска држава, јасно и недвосмислено биле разграничени надлежностите помеѓу законодавната, извршната и судската власт и доколку во вонредна состојба истите биле сконцентрирани, нивното времетраење требало јасно да биде разграничено, без никаква двосмисленост, од кои причини оспорените содржини од предметните уредби не биле согласни со погоре наведените уставни одредби, но и со член 1 став 1 од Уставот според кој Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а суверенитетот на Република Северна Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Со иницијативата се укажува дека Светската здравствена организација не препорачувала носење на заштитни маски, додека здравствено-репресивните мерки како што бил режимот на самоизолација, државниот карантин и слично, воопшто не зависеле од Уредбата со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирусот COVID-19 и истите мерки биле спроведени со веќе постоечкиот Закон за заштита на населението од заразни болести.

Од наведените причини со иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените содржини од предметните уредби со законска сила како несогласни со членот 1, член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и ставот 2 и членот 51 од Уставот, истите да се поништат, а до конечната одлука, се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените содржини од уредбите со законска сила, заради спречување на можноста од настанување на тешко отстранливи последици поради нивното извршување.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.189/2020, поднесена од СеМакедонски Национален Совет-Македониум од Богданци, членовите 1 и 2 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3324/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020), биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 8, членот 11, член 12 ставови 1 и 2 и член 16 став 1 од Уставот, бидејќи според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, а бидејќи оспорените членови од предметната уредба со законска сила немале уставна основа, немале ниту правна сила, односно не спроведувале правно дејство, од кои причини со иницијативата се предлага поништување на оспорените членови 1 и 2 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3324/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020), која во целина се оспорува со иницијативата поднесена од Светски македонски конгрес од Скопје, е со следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 22 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА НОСЕЊЕ ЛИЧНА ЗАШТИТА НА ЛИЦЕТО ЗАРАДИ СПРЕЧУВАЊЕ НА ШИРЕЊЕТО, СУЗБИВАЊЕ НА ЗАРАЗНАТА БОЛЕСТ ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19 И ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредува носењето лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од Коронавирусот COVID-19 и заштита на населението, како и надзорот над спроведувањето на носењето лична заштита на лицето, за време на траењето на вонредната состојба.

Член 2

Секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).

Под лична заштита на лицето од ставот 1 на овој член, се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).

По исклучок од ставот 1 на овој член, секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија, може да не ја носи личната заштита на лицето, ако:

-носи посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи,
-престојува во двор на станбена семејна куќа,
-вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности,
-патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или
-се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.

Член 3

Сите домашни и странски правни лица на територијата на Република Северна Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја обавуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштита на лицето од страна на сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема од член 2 од оваа уредба со законска сила.

Член 4

Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат вршат надзор над спроведувањето на одредбите од оваа уредба со законска сила, секој во однос на одредбите од оваа уредба со законска сила, за прашањата за кои тие се надлежни согласно закон.

Член 5

Во случај на прекршување на одредбите од членовите 2 и 3 од оваа уредба со законска сила, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 април 2020 година, надлежните органи од член 4 од оваа уредба со законска сила, ќе изрекуваат писмени опомени.

Член 6

Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 2 од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 2000 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско правно лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое одговорно лице во правното лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила.

Член 7

Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација.

Член 8

Оваа уредба со законска сила влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3324/1                                                                                                                                                                                                                          Претседател на Владата
22 април 2020 година                                                                                                                                                                                                    на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                        Оливер Спасовски, с.р.

Судот утврди дека оспорувањето на делот од членот 7 од погоре наведената уредба со законска сила, оспорен со иницијативата од подносителот Дарко Јаневски од Скопје, се однесува на зборовите „како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација”.

Судот, исто така утврди дека оспорувањето на делот од членот 8 од Уредбата со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус covid-19 за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3322/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020), оспорен од истиот подносител, се однесува на зборовите „како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација”.

Судот утврди и дека со иницијативата по предметот У.бр.189/2020, од подносителот СеМакедонски национален Совет-Македониум од Богданци предмет на оспорување се членовите 1 и 2 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3324/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020), чии содржини се изнесени погоре.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 39 став 2 од Уставот е утврдено право, но и должност на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Со член 126 став 1 од Уставот, е утврдено дека при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 на членот од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Со Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016) се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести.

Според член 2 точки 1), 4), 5) и 9) од Законот,

1) „заразна болест” е заболување предизвикано од биолошки агенс (бактерии, вируси, паразити, габи) или нивни токсини кое може на директен или индиректен начин да се пренесе на луѓето;

4) „епидемија” е пораст на заболувања од одредена заразна болест кој по време и место го надминува вообичаениот број на случаи во претходниот период, како и невообичаено зголемување на бројот на заболените со компликации или смртен исход, појава на две или повеќе меѓусебно поврзани заболувања од заразна болест која никогаш или повеќе години не се појавила на едно подрачје или појава на поголем број заболувања од непознат причинител што ги следи фебрилна состојба;

5) „носителство” е состојба кога лице излачува патогени агенси и може да биде извор на зараза, иако лицето не е болно;

9) „карантин” е изолација што се состои од ограничување на движењето на болни или на сомнително болни или на контакти со болни од одредени болести со висок ризик, во наменски простории каде што ризикот од ширење на инфекциите е намален на најниска можност, во присуство на персонал кој користи соодветни заштитни средства и со посебен режим на движење и однесување.

Со членот 4 од Законот, е уредено дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување, а според членот 5 од Законот, заштитата од заразни болести се остварува преку планирање, организирање, постојано следење на епидемиолошката состојба и спроведување на мерките пропишани со овој закон, како и на надзор и контрола над спроведените мерки.

Според членот 11 од Законот, заштитата на населението од заразни болести опфаќа општи и посебни мерки за спречување на појавата, раното откривање, спречувањето на ширење и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите.

Според членот 13 од Законот, посебни мерки за заштита на населението од заразни болести се: 1) откривање на извори на зараза (заболени или носители) и поставување на етиолошка дијагноза; 2) пријавување на заразните болести; 3) епидемиолошки истражувања; 4) изолација, здравствен надзор, карантин, превoз и задолжително лекување; 5) имунопрофилакса и хемиопрофилакса; 6) дезинфекција, дезинсекција и дератизација; 7) спроведување на здравствено-хигиенски прегледи; 8) следење на интрахоспиталните инфекции и преземање мерки за нивно превенирање и 9) здравствена едукација.

Членот 28 од Законот е посветен на мерките изолација, здравствен надзор, карантин, превoз и задолжително лекување и

Според овој член од Законот,

Лицата кои се заболени од заразни болести кои можат непосредно да се пренесат на други лица се изолираат во текот на лекувањето.

Лицата заболени од колера, цревен тифус и паратифус, чума, антракс, бруцелоза туберкулоза, лепра, тетанус, дифтерија, менингококна болест, гасна гангрена, болеста од ХИВ, легионерска болест, повратна треска, пегав тифус, Брил-Зинцерова болест, детска парализа, беснило, вирусен енцефалит пренесен со крлежи, други вирусни енцефалити, жолта треска, хеморагични трески, маларија и лајшманијаза задолжително се лекуваат во здравствени установи за лекување на заразни болести.

Во здравствените установи за лекување на заразните болести задолжително се изолираат и лицата за кои се сомнева дека боледуваат од колера, чума, вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg), детска парализа и дифтерија.

За заболени од белодробна чума и вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg) кои се пренесуваат од човек на човек, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин).

Лицата кои се заболени од други заразни болести, по медицински индикации, се лекуваат и изолираат и во други здравствени установи или домашни услови, доколку за тоа постојат услови.

Според членот 29 од Законот, на лица кои биле или се сомнева дека биле во контакт со болен од белодробна чума и вирусни хеморагични трески (Ebola, Lassa и Marburg) кои се пренесуваат од човек на човек, им се одредува строга изолација (карантин). Одлука за карантин, местото на карантинот и времетраењето на карантинот донесува министерот на предлог на Комисијата за заразни болести.

Според членот 56 од Законот,

При појава на епидемија на подрачје за кое е основан завод за здравствена заштита епидемијата ја прогласува надлежниот завод.

Во случај кога постои опасност, епидемијата и заразната болест да се шират и на други подрачја, Министерството прогласува епидемија и наложува мерки за нивно сузбивање.

Со членот 58 од Законот, е определено дека, кога со мерките пропишани со овој закон не е можно во Република Македонија да се спречи внесување и ширење на одредени заразни болести, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството може да ги нареди следниве мерки: 1) да одреди услови за патување, како и мерки и услови при враќање од држава каде што постои можност за заразување со посебно опасни заразни болести; 2) да забрани патување во држава каде што постои можност за заразување со посебно опасни заразни болести; 3) да воспостави посебен режим на движење или да забрани движење на населението во заразените, односно загрозените подрачја; 4) да забрани собирање на населението на јавни собири, во кино сали, училишта, јавни објекти, локали и други јавни места, додека трае опасноста од ширење на заразната болест; 5) да ограничи или забрани промет на одделни видови на стоки и производи и 6) други мерки пропишани со овој закон.

Од погоре наведеното произлегува дека со Законот за заштита на населението од заразни болести предвидени се повеќе мерки со цел спречување на ширењето и сузбивање на заразни болести и инфекции.

На 11.03.2020 година, генералниот секретар на Светската здравствена организација, прогласи пандемија на COVID-19, поради појавата на новиот вид коронавирус, проширен на повеќе континенти.

На 18 март 2020 година, претседателот на Републиката, повикувајќи се на пандемијата прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти, донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, а последователно уште неколку.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на прогласената вонредна состојба и овластувањето од член 126 став 1 од Уставот, донесе Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3324/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020), како и Уредба со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус covid-19 за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3322/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020).

Со иницијативата по предметот У.бр.163/2020 во целина се оспорува уставноста на предметната уредба со законска сила, без конкретно образложение за причините поради кои се смета дека оспорената уредба со законска сила била спротивна на повеќе уставни одредби наведени во иницијативата. Во иницијативата се изнесуваат само наводи и заклучоци во однос на тоа што уредувале уставните одредби и како требало тие да се толкуваат и применуваат, како и дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила.

Во однос на наводите од подносителот на иницијативата дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, според Судот, истите не се основани, бидејќи овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба, директно произлегува од одредбите на Уставот, поточно од членот 126 од Уставот.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање на брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање на мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба, како и последиците од истата.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Во конкретниот случај, Судот го имаше во предвид Законот за заштита на населението од заразни болести, во кој се утврдени мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести, како и околноста што во наведениот закон, носењето лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест, како мерка не е опфатена, меѓутоа имајќи ја во предвид посебно настанатата ситуација, како и потребата од преземање брзи и ефикасни мерки, односно потребата од брзо нормирање на определени прашања коишто не се нормирани во закон или недоволно се нормирани во однос на поконкретни ситуации, Владата врз основа на уставното овластување ја пропишала предметната уредба со законска сила која за физичките лица (домашни и странски) налага обврска за носење на лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заради заштита на целокупното население во Републиката.

Интенцијата на уредената должност за лицата (домашни и странски) да носат лична заштита на лицето, е со цел граѓанинот да се заштити себе, но и да ги заштити останатите граѓани од можна зараза со covid-19, односно да се намали ризикот од пренос на заразата и според Судот, ваквата превентивна мерка не е во спротивност со Уставот, напротив оваа мерка е во согласност со член 39 став 2 од Уставот, со која одредба јасно е утврдено право, но и должност на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите.

Исто така, ако се има во предвид член 2 точка 5 од Законот за заштита на населението од заразни болести, којшто укажува дека поимот „носителство” означува состојба кога лице излачува патогени агенси и може да биде извор на зараза, иако лицето не е болно, следствено, обврската за носење на лична заштита на лицето, е во функција на заштита како на своето така и на туѓото здравје, односно воопшто на јавното здравје на населението, што е и уставна определба.

Оттука, според Судот, мерката пропишана со Уредбата со законска сила за носење на лична заштита на лицето е општествено оправдана и легитимна мерка во справувањето со последиците од епидемијата и пропорционална во светло на целта која треба да се постигне со истата.

Уредбата со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус covid-19 за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-3322/1 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 107/2020) во целина била предмет на оцена пред Уставниот суд, при што со Решение У.бр.162/2020 од 15 мај 2020 година, Судот не повел постапка за оценување на нејзината уставност, со образложение дека овластувањето на Владата за донесување на уредби со законска сила во време на траење на вонредна состојба е согласно членовите 125 и 126 од Уставот, дека мерката од Уредбата има посреден ефект во справувањето со последиците од епидемијата, дека има легитимна цел и општествена оправданост, како и дека истата е разумна и пропорционална во светло на целта која треба да се постигне, а дотолку повеќе што истата е во корелација и со Одлуката на Светската здравствена организација која ја прогласи пандемијата со COVID-19.

Судот утврди дека погоре наведената уредба со законска сила во целина била предмет на оцена пред овој суд од аспект на наводите кои биле содржани во иницијативата по предметот, а дека со иницијатива по предметот У.бр.165/2020, посебно се оспорува дел од содржината на членот 8 од Уредбата, со наводи кои не биле содржина во претходната иницијатива, па по тој основ, Судот се впушта во оцена на уставноста на оспорениот дел содржан во членот 8 од погоре наведената уредба со законска сила.

Воедно, со иницијативата по предметот У.бр.165/2020, покрај тоа што се оспорува дел од содржината на членот 8 од Уредбата со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус covid-19, се оспорува и дел од содржината на членот 7 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето.

Оспорените содржини на членовите 7 и 8 од предметните уредби со законска сила се идентични и гласат: „Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација.”

Со иницијативата по предметот У.бр.165/2020, наведените членови се оспоруваат во деловите: „како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација”, со наводи дека од истите јасно не произлегувало дали мерките ќе важеле се додека Светската здравствена организација не прогласи крај на пандемијата, а доколку важеле, тоа било спротивно со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 3 и 4, ставот 2 и членот 51 од Уставот.

Во конкретниот случај, од содржината на членовите од уредбите и нивните оспорени делови, произлегува дека мерките од уредбите со законска сила се применуваат за време на траењето на вонредната состојба, но и потоа до завршување на пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација.

Со член 56 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, се уредува дека во случај кога постои опасност, епидемијата и заразната болест да се шират и на други подрачја, Министерството прогласува епидемија и наложува мерки за нивно сузбивање.

Во конкретниот случај, Министерството не донело одлука за прогласување на епидемија на ниво на целата територија на Републиката, со оглед дека овој вид на нов коронавирус (covid-19) изворно не потекнува од нашата земја, туку како појава за прв пат е детектиран во декември 2019 година, во градот Вухан, во провинцијата Хубеи во Народна Република Кина, којшто за кратко време се прошири надвор од границите на територијата на Кина, од кои причини на 11.03.2020 година, генералниот секретар на Светската здравствена организација, прогласи пандемија на COVID-19, поради појавата на новиот вид коронавирус, проширен на повеќе континенти.

Следствено, на 18 март 2020 година, претседателот на Републиката повикувајќи се на пандемијата прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој се прошири во многу земји, вклучително и на територијата на Република Северна Македонија, донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

Според Судот, оспорените делови на членовите од предметните уредби со законска сила не имплицираат повреда на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата по предметот У.бр. 165/2020, поради следното:

Од временски аспект, потребата од примена на предметните мерки, може да го надмине периодот на траењето на вонредната состојба бидејќи донесените мерки се во директна корелација со пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација, односно тие се во причинско-последична врска со covid-19, којшто се прошири и на нашата територија, за што беше прогласена и вонредната состојба.

Што се однесува до траењето на самите мерки, нереални се очекувањата нивната временска важност да се ограничи со времето на траењето на вонредната состојба, или пак нивното траење однапред да се определи за точно утврден временски период од – до, поради неизвесноста од времетраењето на оваа заразна појава на територијата на нашата Република, од која причина стои упатувањето на нивна примена и по завршувањето на вонредната состојба.

Во однос на оспорената содржина „како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација”, Судот смета дека ваквата формулација не може да се интерпретира на начин дека донесените мерки продолжуваат да важат се додека СЗО не прогласи крај со covid-19 во светот (на глобално ниво), туку во смисла дека мерките ќе бидат во примена се додека на нашата територија не заврши пандемијата со covid-19 која беше прогласена од Светската здравствена организација, а се прошири и на нашата територија, што значи за нивното траење, односно нивното укинување, исклучиво одлучуваат релевантните надлежни субјекти од нашата држава.

Имено, во зависност од интензитетот на заразата, секоја земја самостојно и суверено одлучува на кој начин ќе се справува со кризата од пандемијата и кои и какви мерки ќе воспостави на својата територија во функција на заштита на населението од заразната болест и сузбивање на истата, секако имајќи ги во предвид и препораките од СЗО коишто не се обврзувачки, меѓутоа имајќи во предвид дека препораките ги упатува релевантна светска организација којашто на глобално ниво ги следи состојбите во сферата на здравството, придржувањето на истите е повеќе од целисходно, а особено кога на глобално ниво има ширење на нова непозната болест, како што е случајот со covid-19, оценет како опасен вирус и со тенденција на брзо ширење меѓу светската популација. Следствено, носењето лична заштита на лицето како превентивна мерка, неспорно е воспоставена од страна на сите национални власти во земјите каде вирусот е пропишрен и се уште како превентивна мерка е присутна на глобално ниво. Ова, дотолку повеќе ако се има во предвид дека по укинувањето на рестрикциите за движење и патување надвор од границите на одредени земји зафатени со covid-19, односно отворање на границите, коешто овозможува мешање и контакти на домашни и странски лица, обврската за носење лична заштита на лицето како превентивна мерка, во услови на присуство на вирусната зараза, не може да се смета за општествено неоправдана и нецелисходна мерка.

Во однос на прашањето, кога оваа мерка ќе се исцрпи во својата општествена оправданост, односно во целисходноста од нејзината примена, нереални се очекувањата за објективна прогноза во однос на тоа до кога националните власти во земјите зафатени со covid-19, ќе ги применуваат мерките, меѓутоа секоја земја самостојно и суверено одлучува за траењето на мерките кои ги воспоставува, односно истите да ги укине, но и повторно истите да ги воспостави по нивното укинување, а во оваа смисла и надлежните субјекти во нашата Република, се додека не констатираат состојба на исчезнување на заразата од covid-19 на територијата на Републиката, или нејзино намалување до степен оценет како незагрозувачки, обврската за носење лична заштита на лицето не може да се смета за неоправдана и нецелисходна.

Во однос на наводите со кои се укажува што препорачувала Светската здравствена организација во однос на мерките, научните гледишта и ставови по прашањето реално можат да бидат разновидни, но неспорно е дека носењето на лична заштита на лицето како превентивна мерка во ситуација на појава на зараза на глобално ниво, според Судот, не може да се смета за неоправдана и прекумерна мерка во услови на присутност на зараза предизвикана од вирус, оценет од релевантни субјекти како опасен вирус со карактеристично својство на брзо и лесно ширење и пренесување меѓу населението.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба во целина и посебно во оспорениот дел на членот 7 од Уредбата и оспорениот дел на членот 8 од Уредбата со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус covid-19 за време на вонредна состојба, со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.163/2020
У.бр.165/2020 и
У.бр.189/2020
8 јули 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати