Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, бр.08-1421/1 од 16 февруари 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020).
2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 2 став 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 63 став 3 од Уставот.
Подносителот наведува дека во оваа иницијатива имало основи за поинакво одлучување од Решението на Уставниот суд, У.бр.40/2020 од 8 и 15 април 2020 година. Дополнителните докази биле засновани и на цитирани мислења на Уставниот суд, коишто требало да бидат земени во предвид при одлучувањето.
Според подносителот на иницијативата, во согласност со член 63 став 3 од Уставот, Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 16 февруари 2020 година, престанала да важи на 13 април 2020 година и повеќе не била во правниот поредок на државата, затоа што предвремените избори за пратеници на Собранието не се одржале во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието.
Но, бидејќи таа одлука за распуштање на Собранието и натаму претставувала правен основ за донесување на пет одлуки од претседателот на Републиката (за утврдување на постоење на вонредна состојба) и неколку стотини уредби со законска сила донесени од Владата, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд:
– Да ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020) како несогласна со со член 2 став 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 63 став 3 од Уставот и
– До донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на Одлуката, поради настанување на тешко отстранливи последици по владеењето на правото, правата и слободите на граѓаните и внатрешниот правен поредок на државата.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука гласи:
Врз основа на членот 68 став 2 и членот 63 став 6 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 16 февруари 2020 година, донесе
О Д Л У К А
ЗА РАСПУШТАЊЕ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Член 1
Собранието на Република Северна Македонија се распушта.
Член 2
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Бр. 08 – 1421/1 Претседател на Собранието
16 февруари 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје м-р Talat Xhaferi, с.р.
4. Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.
Во согласност со член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата:
-ако не е надлежен да одлучува за барањето;
-ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
-ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, бр.08-1421/1 од 16.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020). Притоа, со Решение У. бр. 40/2020 од 8 и 15 април 2020 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на наведената одлука.
Со сега доставената иницијатива, истиот подносител на иницијативата, наведувајќи ги истите причини, повторно ја оспорува уставноста на истата одлука и бара нејзино поништување.
Со оглед на фактот дека за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.215/2020
8 јули 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати