Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба бр.08-682/2 од 16 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.127/2020 од 17 мај 2020 година), донесена од претседателот на Република Северна Македонија.
2. Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 63 и членот 125 од Уставот на Република Северна Македонија, при што истите и ги цитира.
Подносителот на иницијативата, наведува дека Уставниот суд при одлучувањето треба да ги има предвид и членот 65, членот 67, членот 86 со Амандманот XIII и членот 93 од Уставот, член 12 став 1 и член 15 став 4 од Изборниот законик и истите ги цитира.
Подносителот наведува дека било неуставно и незаконско тврдењето дека со распуштањето на Собранието, престанал мандатот на пратениците и дека мандатот на пратениците не престанувал со распуштање на Собранието. Повторното одржување на предвремени избори за пратеници во Собранието било можно само со нова одлука за распуштање на Собранието, бидејќи Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020) донесена на 16.02.2020 година, по службена должност престанала да важи со донесувањето на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена на 18.03.2020 година бидејќи предвремените избори за пратеници во Собранието не се одржале на 12.04.2020 година.
Според подносителот на иницијативата, претседателот на Републиката не требало да го прифати известувањето од претседателот на Собранието за неможноста за свикување на Собранието, бидејќи пратениците сѐ уште имале мандат во согласност со Уставот и Изборниот законик.
Според наводите во иницијативата, независно од писменото известување од претседателот на Собранието до претседателот на Републиката во согласност со членот 63 од Уставот и член 15 став 4 од Изборниот законик, Собранието требало да заседава и да ја донесе Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба по предлог на Владата, а не тоа да го стори претседателот на Републиката. Поради овие причини, подносителот смета дека оспорената одлука била во спротивност со член 125 став 2 од Уставот, а во врска со членот 63 од Уставот и членот 15 став 4 од Изборниот законик.
Во иницијативата се наведува дека претседателот на Републиката ниту добил ниту побарал известување од претседателот на Собранието за неможноста за свикување на седница на Собранието, туку се повикал на известувањето од претседателот на Собранието бр.09-1690/2 од 18.03.2020 година, коешто било релевантно само за Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена од 18.03.2020 година, а којашто според Уставниот суд престанала да важи и не била веќе во правниот поредок.
Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба број 08-682/2 од 16 мај 2020 година била нова одлука, а не изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба бр.08-526/2 од 18.03.2020 година или на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба бр.08-607/2 од 16.04.2020 година.
На крај, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука, а до донесувањето на конечната одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената одлука.
Воедно, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд имајќи во предвид дека оспорената одлука по истекот на 14 дена од денот на нејзиното донесување, односно од 30 мај 2020 година престанала да важи и повеќе не била во правниот поредок, да донел одлука: „Дали кога била во важност Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба бр.08-682/2 од 16 мај 2020 година („Службен весник на РСМ“ бр.127/2020 од 17.05.2020 година) била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 63 и членот 125 став 2 од Уставот на Република Македонија“.
3. Судот на седницата утврди дека претседателот на Република Северна Македонија на 16 мај 2020 година ја донел оспорената одлука врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до претседателот на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена, заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус којшто е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр.44-2329/3 од 15.05.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.03.2020 година.
Во точката 1 од Одлуката, се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.
Според точката 2, одлуката се донесува врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/3 од 15.05.2020 година до претседателот на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус којшто е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020), не може да одржи седница.
Согласно точката 3, одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Според точката 4, за времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.
Во точката 5 е утврдено дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Во член 125 став 1 од Уставот е уредено кога може да се прогласи вонредна состојба, односно се уредува дека вонредна состојба може да се прогласи и во случај кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.
Во услови кога Собранието не е распуштено, тоа може да донесе одлука со која се утврдува постоење на вонредна состојба, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена согласно член 125 став 3 од Уставот.
Но, доколку Собранието не може да се состане, одлуката за постоење на вонредна состојба ја донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (член 125 став 4 од Уставот).
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата ја оспорува Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена од претседателот на Републиката на 16 мај 2020 година со која се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена.
Оваа одлука е донесена во услови кога во Република Северна Македонија Собранието е распуштено со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија од 16.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020).
Меѓутоа, имајќи предвид дека по истекот на 14 дена од денот на донесувањето на оспорената одлука и престанокот на нејзината важност, председателот на Република Северна Македонија донел уште две одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.142/2020 од 31.05.2020 година и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.159/2020 од 15.06.2020), произлегува дека оспорената одлука има времен карактер бидејќи се однесува за периодот од 16 мај до 30 мај 2020 година, по кој датум се исцрпува во примената и истата повеќе не е во правниот поредок.
Во однос, пак на наводите на иницијативата со кои се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на предметната одлука за периодот додека била во важност и произведувала правно дејство, Уставниот суд со Решение У.бр.55/2020 од 12.05.2020 година не повел постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020 од 17.04.2020), којашто била тогаш на сила и оценил дека истата не била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11, член 51 став 2, член 54 став 1, член 87 став 1, член 110 став 1 алинеја 6 и член 125 став 3 од Уставот.
Со оглед на наведената фактичка состојба, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, а соодветно на тоа и барањето во иницијативата Судот да донесе времена мерка за запирање на извршување на актите и дејствијата преземени врз основа на оспорената одлука.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.205/2020
08.07.2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати