У.бр.115/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за утврдување на цени на водните услуги за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2781/1 од 2 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 89/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорената уредба со законска сила, не била согласна со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, чиишто содржини се цитираат во продолжение на иницијативата.

Со иницијативата се изложуваат наводи и заклучоци во однос на тоа што уредувале уставните одредби и како требало да се толкуваат и применуваат, како и дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, при што се бара поништување на оспорената уредба со законска сила со предлог за донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила, е со следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 2 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ЦЕНИ НА ВОДНИТЕ УСЛУГИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за утврдување на цени на водните услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/2016), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За рокот за доставување на барањето за утврдување на тарифа за водна услуга за снабдување со сурова вода наменета за водоснабдување на населението и рокот за доставување на барањето за утврдување на тарифа за водна услуга снабдување со вода за пиење, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води за сите даватели на водни услуги кои обезбедуваат водна услуга на подрачја поголеми од 10.000 еквивалент жители за време на траење на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите на оваа уредба со законска сила.

Член 2

Доставувањето на барањето за утврдување на тарифа за водна услуга снабдување со сурова вода наменета за водоснабдување на населението чиј рок е определен согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги, а кој истекува за време на траењето на вонредната состојба, ќе се изврши до 15 април 2020 година.
Доставувањeто на барањето за утврдување на тарифа за водна услуга снабдување со вода за пиење, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води за сите даватели на водни услуги кои обезбедуваат водна услуга на подрачја поголеми од 10.000 еквивалент жители, чиј рок е определен согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги, а кој истекува за време на траењето на вонредната состојба, ќе се изврши до 15 мај 2020 година.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2781/1                                                                                                                                                                                                           Претседател на Владата
2 април 2020 година                                                                                                                                                                                   на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                       Оливер Спасовски, с.р.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Maкедонија, владеењето на правото е темелнa вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 126 став 1 од Уставот, е утврдено дека при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 на членот од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на овластувањето коешто го има за време на прогласена вонредна состојба од член 126 став 1 од Уставот, донела Уредба со законска сила за примена на Законот за утврдување на цени на водните услуги за време на вонредна состојба, број 44-2781/1 од 2 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 89/2020).

Со членот 1 од оспорената уредба со законска сила, Владата уредила дека за време на траењето на вонредната состојба Законот за утврдување на цени на водните услуги за време на вонредна состојба ќе се применува, но дека во однос на рокот за доставување на барањето за утврдување на тарифа за водна услуга за снабдување со сурова вода наменета за водоснабдување на населението и рокот за доставување на барањето за утврдување на тарифа за водна услуга снабдување со вода за пиење, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води за сите даватели на водни услуги кои обезбедуваат водна услуга на подрачја поголеми од 10.000 еквивалент жители за време на траење на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите на оваа уредба со законска сила.

Со членот 2 од оспорената уредба со законска сила, се уредени роковите во кои може да се достават погоре наведените барања, а кои истекувале за време на траењето на вонредната состојба.

Со иницијативата се оспорува уставноста на предметната уредба со законска сила, меѓутоа во иницијативата нема конкретно образложение за причините поради кои се смета дека оспорената уредба со законска сила била спротивна на повеќе уставни одредби наведени во иницијативата. Во иницијативата се изнесуваат само наводи и заклучоци во однос на тоа што уредувале уставните одредби и како требало да се толкуваат и применуваат, како и дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила,

Во однос на наводите од подносителот на иницијативата дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, според Судот, истите не се основани, бидејќи овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба, директно произлегува од одредбите на Уставот, поточно од членот 126 од Уставот.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање на мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба како и последиците од истата.

Со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба со законска сила со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.115/2020
8 јули 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати