У.бр.193/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницата одржана на 1 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 94/2020).

2. Грозданчо Сутинов, адвокат од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ја оспорува предметната уредба како спротивна со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, членот 32 и членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата, со предметната уредба директно се повредувале основните слободи и права на лицата кои извршуваат функција советници – членови на советот на единиците на локалната самоуправа на начин што им се ограничувало правото на исплата за извршена работа.

Притоа, според наводите во иницијативата, ваквото ограничување на правото на исплата за извршена работа се правело на дискриминаторска основа од причина што од текстот на уредбата можело да се заклучи дека доносителот на истата прави разлика помеѓу една категорија лица за кои се предвидува целосно суспендирање на ова право, како и друга категорија на лица кои се евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија или не се приматели на пензија согласно евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, за кои немало да се однесува ваквото ограничување на правото на исплата за извршена работа.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила била со следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 6 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ИСПЛАТА НА ПАРИЧНИТЕ ПАУШАЛИ И ПАРИЧНИТЕ НАДОМЕСТОЦИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ И ЧЛЕНОВИТЕ НА ОДБОРИТЕ НА ДИРЕКТОРИ, ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ И ЧЛЕНОВИТЕ НА УПРАВНИ И НАДЗОРНИ ОДБОРИ, ПРЕТСЕДАТЕЛИ И ЧЛЕНОВИ НА КОМИСИИ, РАБОТНИ ГРУПИ И СОВЕТОДАВНИ И ЕКСПЕРТСКИ ТЕЛА ФОРМИРАНИ ОД ДРЖАВНАТА И ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ И ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТИТЕ НА ЕДИНИЦИТЕ НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

Член 1

Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат на ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци во органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институции кои вршат дејности од областа на културата, образованието, детската, социјалната, здравствената заштита, како и други дејности од јавен интерес утврден со закон основани од Република Северна Македонија или единиците на локална самоуправа, независните регулаторни тела со јавни овластувања утврдени со закон, како и јавните претпријатија, трговските друштва, заводите, агенции, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Северна Македонија или единиците на локалната самоуправа, на претседателите и членовите на одборите на директори, управни и надзорни одбори, комисии, работни групи и советодавни и експертски тела и совети на единиците на локалната самоуправа, кои се истовремено вработени или приматели на пензија, за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

На лицата од член 1 на оваа уредба со законска сила заклучно со месец декември 2020 година не им се исплатуваат парични надоместоци, како и надоместоци за патни и други материјални трошоци.
Оваа уредба со законска сила не се однесува на лица кои на денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија или не се приматели на пензија согласно евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија на кои може да им се исплаќаат паричните паушали и паричните надоместоци и други материјални трошоци во вкупен износ не поголем од минималната плата утврдена за месец декември 2019 година во Република Северна Македонија, во износ од 14.500 денари.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-2867/1                                                                                                                                                                                                                       Заменик на претседателот
6 април 2020 година                                                                                                                                                                                             на Владата на Република Северна Македонија
Скопје                                                                                                                                                                                                                         м-р Радмила Шекеринска-Јанковска, с.р.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, оспорената Уредба со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 94/2020), беше предмет на оцена пред Уставниот суд, при што, со Одлука У.бр.141/2020 од 24 јуни 2020 година, Судот истата ја поништи како несогласна со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, членот 54 и член 126 став 2 од Уставот.

Имајќи предвид дека оспорената уредба беше предмет на уставно-судска оцена, при што, истата е поништена, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по предметната иницијатива, односно исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на истата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.193/2020
01.07.2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати