У.бр.142/2019-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 08.07.2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 66 став 2 алинеја 6 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2011, 68/2012, 76/2013, 113/2016 и 95/2019).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата на Дамјан Видовски од Скопје, со Решение У.бр.142/2019 од 12.05.2020 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 66 став 2 алинеја 6 од актот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 32 и членот 112 од Уставот, како и со членот 12 од Законот за адвокатурата.

4. Судот на седницата, утврди дека според член 66 став 1 од Статутот, барањето за прием се доставува до Комисијата за прием.

Во член 66 став 2 од Статутот е предвидено дека кон барањето за прием се приложуваат:
– кратка биографија,
– универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Северна Македонија со завршено четиригодишно високо образование на правни студии и стекнат VII/1 степен на образование или стекнати 300 кредити според Европскиот кредит-трансфер систем,
– доказ за положен правосуден испит,
– уверение за државјанство,
– уверение дека не е одземена деловна способност и
– доказ за невработеност.

5. Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Согласно членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Според член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 113/2012 и 148/2015), адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош.

Според членот 5 од овој закон, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува, покрај другото, и со организирање на адвокатите во Адвокатска комора, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора и нејзините органи и за запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Во член 6 став 1 од Законот е определено дека адвокатската дејност ја вршат адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија.

Според член 10 ставови 1 и 2 од Законот, правото на вршење на адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија и по уписот на адвокатот му се издава лиценца за работа.

Во членот 12 од Законот е предвидено дека, во Именикот на адвокатите може да се запише лице, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење на адвокатската дејност и да ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Македонија или да е државјанин на држава земја членка на Европската Унија;
– да е деловно способно;
– има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија со завршено четиригодишно високо образование на правни студии или со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит–трансфер систем (ЕКТС) или нострифицирана диплома од правен факултет од странство;
– активно да го зборува македонскиот јазик;
– да има положено правосуден испит во Република Македонија;
– да не е во работен однос и
– да не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата.

Во член 13 став 1 од Законот е определено дека, по барање за упис во Именикот на адвокатите и Именикот на адвокатските друштва решава надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија, определен со акт на Адвокатската комора на Република Македонија, на начин и под услови определени со овој закон. Во содржината на останатите 20 става од овој член од Законот е разработена постапката за упис, роковите за постапување на надлежните органи и тела по повод поднесено барање за упис, правото на жалба против решението со кое се врши прием или се одбива барањето за упис, како и правото за водење на управен спор против конечното решение на Комората.

Членот 34 од Законот предвидел дека актите на Комората мора да бидат во согласност со Уставот, Законот за адвокатурата и другите закони.

Членот 57 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2011, 68/2012, 76/2013, 101/2013 и 13/2017) предвидува дека прием на адвокати се врши во месеците: март, јуни, септември и декември.

Својство на адвокат се стекнува со упис во Именикот на адвокати, според членот 58 од Статутот.

Од содржината на членовите 66, 67 и 68 од Статутот произлегува дека по поднесеното барање одлучува Комисијата за прием при што врши проверка на фактите и условите за прием, се носи решение за прием, истото треба да стане конечно, се дава свечена изјава пред Комисијата за прием по што се врши упис во Именикот од страна на Комисијата. Од сето ова, а и од фактот што приемот на адвокати, согласно член 57 од Статутот, се врши четири пати годишно или на секои три месеци, произлегува дека од поднесување на барањето за прием до уписот на адвокатот во Именикот, може да помине подолг временски период пред истиот да ја започне својата дејност.

Притоа членот 12 од Законот за адвокатурата ги предвидува условите за запишување во Именикот на Адвокатската комора, меѓу кои, согласно алинејата 7 и условот лицето да не е во работен однос, но тоа е општ услов за запишување во Именикот и не е предвиден како услов за поднесување на барањето. Што треба да се приложи кон барањето за упис, што не е исто што и направен конечен прием, е разработено во членот 66 од Статутот, меѓу другото и во спорната алинеја 6 којашто предвидува доставување на доказ за невработеност.

Според Судот, барањето да се достави ваков доказ не е уставно проблематично за лицата кои се невработени во моментот кога го поднесуваат барањето, но за лицата кои се вработени во моментот кога аплицираат станува проблематично, од причини што барањето на ваков доказ преставува пречка за исполнување на предвидените услови. На овој начин се доведува во прашање правото на слободен избор на вработување гарантирано во членот 32 од Уставот. Практикувањето од страна на Комората лицата што се во работен однос да ја известат Комората дека се во работен однос и по одобрениот прием да достават доказ дека им престанал работниот однос на претходното работно место, односно дополнително да достават доказ за престанок на работниот однос, (појаснување од Комората), упатува на тоа дека и Комората прави разлика помеѓу доставување на докази при поднесување на барање и оценка на условите за конечен прием.

Ако се земе предвид траењето на постапката за упис, како и предвидените четири термини во годината за прием на адвокати, предвидената конечност на уписот, можноста лицето да биде одбиено и да има потреба да води спор, произлегува дека условот при поднесување на барањето предвиден во Статутот, но не и во Законот за адвокатурата (член 12 е за пристапување кон упис) се јавува како пречка за остварување на можно вработување на лицата кои се во работен однос, но сакаат да станат адвокати во иднина.

Оттаму, според Судот во оспорената одредба се предвидува обврска којашто не произлегува од условите за упис и прием во адвокати утврдени во член 12 од Законот за адвокатура што не е во согласност со оваа законска одредба, како и со членот 32 од Уставот бидејќи се јавува како пречка за остварување на вработување на лицата кои се во работен однос во моментот кога сакаат да поднесат барање за прием за упис во Адвокатската комора.

Воедно, при одлучувањето се имаше предвид дека Судот веќе има став за статутарни одредби на Комората со идентична содржина како сега оспорената, а по однос на исто правно прашање. Имено со Одлуката У.бр.32/2004 од 06.10.2004 година Судот, меѓу другото го укинал член 66 став 2 алинеја 7 од претходно важечкиот Статут на Адвокатската комора на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002) бидејќи утврдил дека не е во согласност со членот 32 од Уставот. Заради повторното доуреду-вање спротивно на наведената одлука на Судот оспорената одредба не е во согласност и со член 112 став 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.142/2019
08.07.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати