На 9 јули 2020 година, претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати, оствари работна средба со делегација на Специјалната мисија за проценка на изборите во Република Северна Македонија, предводена од шефот на Мисијата, Лаима Андрикине.
На средбата, претседателот на Судот, ги запозна членовите на делегацијата со одлуките на Судот во врска со изборниот процес кои беа донесени во претходниот период, почнувајќи од оцената на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, Решението за распишување на избори на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, уредбите со законска сила поврзани со изборниот процес, како и последната одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, донесена од претседателот на Републиката. Притоа беше потенцирано дека овие одлуки Судот ги донесе во состојба со огромен број на прилив на предмети за краток период и голем број на одржани седници за краток период. Покрај ова, на Делегацијата им беше презентиран дел од обемната уставно-судска пракса по однос на прашања поврзани со изборите и избирачкото право.
Од страна на претставниците на делегацијата беше потенцирана важноста на улогата на Уставниот суд во однос на остварувањето на активното и пасивното избирачко право преку остварувањето на неговите надлежности, како што се оцената на уставноста на законите, а особено на Изборниот законик, но и уставноста и законитоста на други прописи кои се однесуваат на оваа материја.