Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 24 јуни 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на член 6 став 1 во делот: „со актите за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела“, и став 2 во делот: „со важечките акти за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела“ од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011, 27/2014, 144/2014, 72/2015, 104/2015, 153/2015, 23/2016, 178/2016 и 120/2018).
2. Радослав Спасовски од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените делови од член 6 став 1 и став 2 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, не биле во согласност со член 30 став 3 од Уставот, според кој никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, и со член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Во иницијативата се наведува дека согласно Уставот, не било допуштено јавниот интерес, во кој се содржани и добрата во општа употреба, да се утврдува со некој друг акт освен со закон, поради што не можело да се регулира дека јавниот интерес за добрата во општа употреба се утврдувал со урбанистички планови, на што упатувале оспорените делови од член 6 ставови 1 и 2 од Законот.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Законот било утврдено дека добрата во општа употреба се утврдувале во рамки на урбанистичкото планирање, со тоа се загрозувала приватната сопственост на градежното земјиште на физичките и правните лица, а во интерес на други субјекти кои граделе објекти на градежното земјиште што со урбанистичките планови било предвидено за добра во општа употреба.
Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените делови од член 6 ставови 1 и 2 од Законот и истите да ги укине.
3. Судот на седницата утврди дека членот 6 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, гласи:
(1) Градежното земјиште што е во општа употреба (јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини) и градежното земјиште што со актите за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела е наменето за добро во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизација.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член предмет на приватизација може да биде градежното земјиште на кое право на користење имаат лицата кои се поранешни сопственици на градежното земјиште и физичките и правните лица кои за стекнатото право на користење на градежно земјиште платиле надоместок, а кое со важечките акти за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела е наменето за добро во општа употреба, а намената во моментот на одлучувањето по поднесеното барање за приватизација не е реализирано.
(3) Околноста дали намената на градежното земјиште во моментот на одлучување е во целост или делумно реализирана се утврдува од страна на органот на државната управа надлежен за имотно-правните работи преку увид на лице место извршен од страна на вешто лице – геометар.
(4) Доколку околноста дали намената на градежното земјиште во моментот на одлучување е во целост или делумно реализирана не може да се утврди на начин од ставот (3) на овој член, истата ќе биде утврдена врз основа на известување од страна на општината каде што се наоѓа градежното земјиште кое е предмет на барањето за приватизација, во рок од 15 дена, од денот на доставување на барањето од органот на државната управа надлежен за имотно-правните работи.
(5) Правните дела спротивни на ставот (1) од овој член се ништовни и не произведуваат правно дејство.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со членот 30 од Уставот е утврдено дека се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1); Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата (став 2); Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3); Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).
Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011, 27/2014, 144/2014, 72/2015, 104/2015, 153/2015, 23/2016, 178/2016 и 120/2018), со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица.
Со член 6 став 1 од Законот, е утврдено дека градежното земјиште што е во општа употреба (јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини) и градежното земјиште што со актите за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела е наменето за добро во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизација.
Според ставот 2 од овој член од Законот, по исклучок од ставот 1 на овој член предмет на приватизација може да биде градежното земјиште на кое право на користење имаат лицата кои се поранешни сопственици на градежното земјиште и физичките и правните лица кои за стекнатото право на користење на градежно земјиште платиле надоместок, а кое со важечките акти за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела е наменето за добро во општа употреба, а намената во моментот на одлучувањето по поднесеното барање за приватизација не е реализирано.
Со ставовите 3 и 4 од овој член од Законот, е уреден начинот на утврдување на околноста дали на определено градежно земјиште е реализирана намената за конкретно планираното добро во општа употреба, а со ставот 5 е уредено дека правните дела спротивни на ставот 1 од овој член се ништовни и не произведуваат правно дејство.
Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) во членот 16 предвидел: „Сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, стварите во општа употреба, градежното земјиште, шумите и земјоделското земјиште, пасиштата и водите, како и стварите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се ствари (добра) од општ интерес за Републиката.
Стварите кои врз основа на Уставот или со посебни закони се прогласени за ствари од општ интерес за Републиката, можат да бидат предмет на правото на сопственост на државата односно на физички и правни лица.
Облиците на сопственост врз градежното, земјоделското и шумското земјиште, пасиштата и водите се уредуваат со посебни прописи.
Ствари во општа употреба се ствари во државна сопственост коишто ги користат сите физички и правни лица.
За стварите во општа употреба се грижи и со нив управува Република Македонија, ако поинаку не е определено со закон.
Стварите од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита и правата врз нив можат да се ограничуваат согласно со закон.
Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени ствари од општ интерес во државна сопстеност можат да се отстапат на користење на физички и правни лица (концесија)“.
Со Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016 и 178/2016) во членовите 6 и 7 е утврдено, меѓу другото дека јавен интерес е градење на објекти за општа употреба и тоа: патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта, гробишта.
Врз основа на изнесениве уставни и законски одредби, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, произлегува дека одредбите од членот 6 од Законот, во деловите коишто се оспоруваат со иницијативата се во согласност со Уставот и истите не можат уставно-правно да се проблематизираат. Ова поради тоа што неспорно е дека државата како сопственик на градежното земјиште определува што е предмет на приватизација и во кои случаи се врши изземање. Определувањето на градежното земјиште кое е во општа употреба, со одредбите од членот 6 од Законот, не значи и ограничување на сопственоста на што се укажува во иницијативата, ниту е во спротивност со Уставот, од причини што предметното градежно земјиште е во сопственост на државата и кога тоа со урбанистичките планови е наменето за добра во општа употреба – јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини, градежното земјиште не може да биде предмет на приватизација на физички и правни лица и останува државна сопственост. Но, доколку со урбанистичките планови се планирани овие урбани содржини, а тие не се реализирани, предметното градежно земјиште може да биде предмет на приватизација само кон баратели – физички и правни лица, кои според правниот режим на градежното земјиште имаат статус на „поранешни сопственици“ на земјиштето или претходно стекнале право на користење на градежното земјиште со платен надоместок.
Оттука, во деловите од законските одредби коишто ги оспорува иницијаторот не се работи за ограничување на право на сопственост со урбанистичките планови, туку спротивно на тоа, со одредбите се овозможува приватизација на градежно земјиште и премин од државна во приватна сопственост, но во облик и степен кој го дозволува тоа, со задржување на државната сопственост на градежното земјиште што е веќе во општа употреба урбанистички наменето за јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини, како и е овозможена приватизација на градежното земјиште доколку наведените урбанистички намени не се реализирани.
Од овие причини, Судот оцени дека за оспорените делови од член 6 ставови 1 и 2 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот.
5. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.9/2020
24 јуни 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати