У.бр.128/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 12 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020) и Уредбата со законска сила за изменување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.94/2020), донесени од Владата на Република Северна Македонија.

2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на Уредбите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените уредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандман 29, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.Иницијативата содржи наводи за состојби настанати со прогласување на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија со Одлуката од 18 март 2020 година, донесена од претседателот на Републиката заради пандемијата со коронавирусот КОВИД-19, при што меѓу другото, се наведува дека поради тоа што во правниот поредок не бил донесен закон за вонредна состојба, Собранието на Републиката требало да продолжи со работа и покрај тоа што било самораспуштено. Собранието на седница требало да донесе одлука за прогласување на вонредна состојба и да даде овластување на Владата да донесува уредби со законска сила, кои не би смееле да претставуваат изменувања и дополнувања на законите, туку требало да бидат во рамки на борбата со заразната болест. Со оглед на тоа што Владата донесувала уредби со законска сила во рамки на прогласена вонредна состојба од претседателот на Републиката, а не од Собранието, произлегувало дека уредбите со законска сила не биле во согласност со наведените одредби од Уставот. Имено, Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието, согласно член 126 став 2 од Уставот, немала овластување да донесува уредби со законска сила со важност за времетраењето на вонредна состојба. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените уредби и истите да ги поништи, како и да донесе времена мерка со решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорените уредби.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019), Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 4 април 2020 година донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА СПОРТИСТИ, СТРУЧНИ ЛИЦА ОД ОБЛАСТА НА СПОРТОТ И СПОРТСКА АДМИНИСТРАЦИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредуваат условите, начинот и постапката за финансиска подршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за месеците април и мај 2020 година.
„Спортист“ е физичко лице кое спортските активности ги врши професионално, има склучено договор во спортски клуб и е впишан во регистерот на спортисти што настапуваат во системот на натпревари што го води националната спортска федерација.
„Стручно лице во областа на спортот“ е тренер кои има завршено најмалку више образование во областа на спортот или стекнато лиценца/и добиени од соодветна меѓународна спортска асоцијација, како и стручно лице лекар, психолог, нутриционист и друго стручно лице од областа на спортот кое има соодветно образование од односната професија и е впишано во регистерот на тренери и други стручни лица што ги води националната спортска федерација.
„Спортска администрација“ се физички лица кои се вработени како административни работници на неопределно или определено време или ангажирани со друг вид на договор во спортските клубови и националните спортски федерации.

Член 2

Финансиската поддршка на спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортската администрација ќе се спроведува преку Агенцијата за млади и спорт со средства обезбедени од Буџетот на Северна Република Македонија.
Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500 денари.
Корисник на финансиска поддршка согласно оваа уредба со законска сила може да биде спортист, стручно лице од областа на спортот и спортска администрација кое:
-е државјанин на Република Северна Македонија;
-е вработено на неопределно или определено време или ангажирано со договор на дело, авторски договор или друг договор со кој лицето е повремено или привремено ангажирано за извршување на работа (во натамошниот текст: договор за работа) во спортски клубови и национални спортски федерации, кои имаат решение за вршење дејност спорт, во натпреварувачката 2019/2020 година, од 1 септември 2019 година;
-за месец декември 2019 година и јануари и февруари 2020 година, не остварило нето плата и/или надоместок врз основа на договор за работа во спортски клубови и национални спортски федерации повисок од 39.900 денари за секој месец одделно, согласно склучените договори и извршените исплати за истиот период и
-не е вработено или ангажиран со договор за работа во друг правен субјект во месец април и мај 2020 година според евиденцијата на Агенција за вработување на Република Северна Македонија.

Член 3

Агенцијата за млади и спорт во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, на својот веб страна објавува соопштение за примена на оваа уредба со законска сила и во истиот рок уредбата ја доставува заедно со Барањето за исплаќање на финансиска поддршка за спортисти, стручни лица и спортска администрација за време на траењето на вонредната состојба, со потребната документација што се доставува во прилог на барањето, и Изјава кои се дадени во прилог и се составен дел на оваа уредба со законска сила.
Спортските клубови кои имаат лица кои може да користат финансиска поддршка согласно оваа уредба со законска сила, до 15 април 2020 година до Националната спортска федерација доставуваат комплетна документација за користење на финансиската поддршка, односно за секое физичко лице спортист, стручен работник од областа на спортот или спортска администрација го доставуваат одделно Барањето и Изјавата од став 1 на овој член со прилжената документација.
Националните спортски федерации до 22 април 2020 година до Агенцијата за млади и спорт доставуваат комплетна документација за користење на финансиската поддршка, односно за секое физичко лице спортист, стручен работник од областа на спортот или спортска администрација од спортски клуб или националната спортска федерација го доставуваат одделно Барањето и Изјавата од став 1 на овој член со потребната документација.

Член 4

За користење на финансиска поддршка за спортисти, стручни работници од областа на спортот и спортска администрација од член 2 од оваа уредба со законска сила, одлучува Комисија за финансиска поддршка за спортисти, стручни работници од областа на спортот и спортски работници (во натамошниот текст: Комисија).
Директорот на Агенцијата за млади и спорт ја формира Комисијата која се состои од пет члена, од редот на вработените во Агенцијата.
Врз основа на увид во поднесената документација за остварување на финансиска поддршка за спортисти, стручни работници од областа на спортот и спортска администрација, Комисијата врз основа на комплетноста на документацијата и проверка на точноста на податоците од истата, изготвува листа со податоци за барателите што имаат доставено комплетна документација од член 4 став 1 од оваа уредба со законска сила и истата ја доставува до директорот на Агенцијата за млади и спорт.
Листата на баратели на финансиска поддршка за спортисти, стручни работници од областа на спортот и спортска администрација што имаат доставено комплетна документација, Агенцијата за млади и спорт ја доставува до Управа за јавни приходи:
-до 30 април 2020 година, со барање за известување во врска член 2 точка 3 алинеја 4 од оваа уредба со законска сила дали секое поединечно лице од доставената листа е вработено во друг правен субјект во месец април 2020 година според евиденцијата на Управата за јавни приходи;
-до 30 април 2020 година, со барање за известување во врска член 2 точка 3 алинеја 4 од оваа уредба со законска сила дали секое поединечно лице од доставената листа е вработено во друг правен субјект во месец мај 2020 година според евиденцијата на Управата за јавни приходи.
Управата за јавни приходи врз основа на барањето од член 5 став 4 алинеја 1 и 2 од овој член, до 5 мај 2020 година, односно до 5 јуни 2020 година ја известува Агенцијата за млади и спорт за лицата од листата доколку се вработени или ангажирани со договор на работа во друг правен субјект.
По добивање на Известување од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Комисијата констатира дали се исполнети сите услови од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, како и врз основа на комплетност на документацијата од член 3 став 1 од оваа уредба со законска сила, до 10 мај 2020 година за корисници на финансиска поддршка за април 2020 година, односно до 10 јуни 2020 година за корисници на финансиска поддршка за мај 2020 година, доставува до директорот на Агенцијата листа на корисници, заради донесување на решенија за финансиска поддршка.
Исплата на средствата за финансиска поддршка за спортисти, стручни работници од областа на спортот и спортска администрација се врши по донесено решение од директорот на Агенцијата за млади и спорт на трансакциска сметка на корисникот на финансиската поддршка, најдоцна до 15 мај 2020 година за финансиската поддршка за месец април 2020 година, односно најдоцна до 15 јуни 2020 година за финансиската поддршка за месец мај 2020 година.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2837/1                                                                                                                                                                                                      Претседател на Владата
3 април 2020 година                                                                                                                                                                               на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                  Оливер Спасовски, с.р.

На 7 април 2020 година Владата на Република Северна Македонија донесе:

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА СПОРТИСТИ, СТРУЧНИ ЛИЦА ОД ОБЛАСТА НА СПОРТОТ И СПОРТСКА АДМИНИСТРАЦИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за финансиска поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за време на вонредна состојба „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 90/20), во член 4 став 4 во воведната реченица зборовите „Управа за јавни приходи“ се заменуваат со зборовите „Агенција за вработување на Република Северна Македонија“.
Во алинејата 1 зборовите „Управата за јавни приходи“ се заменуваат со зборовите „Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија“.
Во алинејата 2 зборовите „до 30 април“ се заменуваат со зборовите „до 31 мај“ и зборовите „Управата за јавни приходи“ се заменуваат со зборовите „Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија“.
Во ставот 5 зборовите „Управата за јавни приходи“ се заменуваат со зборовите „Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија“, а зборовите „член 5 став 4 алинеја 1 и 2 од овој член“ се заменуваат со зборовите „став 4 алинеја 1 и 2 на овој член“.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2914/1                                                                                                                                                                                                                                Претседател на Владата
7 април 2020 година                                                                                                                                                                                                            на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                              Оливер Спасовски, с.р.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 63 став 6 од Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Во делот на Уставот кој се однесува на „Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба“, со членот 125 е определено: „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии (став 1); Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2); Одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3); Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).

Според член 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (став 1); Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието (став 2).

Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 16 февруари 2020 година, донело Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020)

Во услови кога Собранието не е распуштено, може да донесе одлука со која се утврдува постоење на вонредна состојба, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена согласно член 125 од Уставот.

Но, ако Собранието не може да се состане, одлуката за постоење на вонредна состојба ја донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Во случајов, претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а на предлог на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија утврдил постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус КОВИД-19, а согласно пандемиската епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафатил и територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2329/1 од 18.03.2020 година и врз основа на известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр.09-1690/2 од 18.03.2020 година, претседателот на Република Северна Македонија донел Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-526/2 од 18.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020). Оваа одлука е донесена во услови кога во Република Северна Македонија Собранието е распуштено со Одлуката од 16.02.2020 година. Претседателот на Републиката, исто така по истекот на рокот на траење на прогласената вонредна состојба од 30 дена, донел и уште три следователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 08-607/2 од 16 април 2020година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2020), број 08-682/2 од 16 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 127/2020) и број 08-729/2 од 30 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 142/2020), со важност до 13 јуни 2020 година.

Поаѓајќи од одредбите на членот 126 од Уставот, дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата донесува уредби со законска сила и ова овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието, неспорно е дека оспорената уредба е во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со Уставот јасно е определено дека кога Собранието не е во можност да се состане, претседателот на Републиката може да прогласи постоење на вонредна состојба, дека одлуката за прогласување се доставува на потврдување на Собранието штом тоа ќе може да се состане, како и Собранието одлучува за завршување на вонредната состојба. Прашањето за донесување на уредби со законска сила во услови на вонредна состојба, е поврзано со вонредната состојба и неспорно со Уставот е дадено такво овластување на Владата. Не е спорно прашање од уставно-правен карактер дали Владата има овластување да донесува уредби со законска сила бидејќи со Уставот е дадено такво овластување и постои уставен основ за тоа, ова особено што во концептот на Уставот, Владата останува на должност до изборот на нова Влада и кога мандатот и престанал поради распуштање на Собранието (член 93 став 5 од Уставот), а Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници (член 63 став 6 од Уставот).

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чиешто задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечкото и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Имајќи го во предвид наведеното, Судот оцени дека за оспорените уредби, поаѓајќи од наводите во иницијативата не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот и наводите во иницијативата се неосновани. Ова поради фактот дека со овластувањето на Владата во членовите 125 и 126 од Уставот за донесување на уредби со законска сила во услови на прогласена вонредна состојба заради спречување, ширење и справување со Ковид-19, се овозможува соодветно делување и координирање во областите и аспектите од општествениот живот во согласност со законите во правниот поредок, како што е и во случајот со донесувањето на оспорените уредби од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Поради погоре изнесеното, оспорените уредби со законска сила се во согласност со Уставот и соодветно на тоа неосновано е и барањето во иницијативата Судот да донесе времена мерка за запирање на извршување на оспорените уредби, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Поради погоре наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.128/2020
12 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати