У.бр.7/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 12 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за минимални технички стандарди и услови во поглед на опремата (хардверот), функционалноста и начинот на користење на информацискиот систем за градежно земјиште бр.42-7874/1 од 26.10.2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2016), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба била спротивна на член 8 алинеја 3 од Уставот, односно начелото на владеење на правото и член 51 став 1 од Уставот, според кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Во иницијативата подносителот се повикува на член 46 став 13 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015, 98/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016 и 190/2016), врз основа на што е донесена оспорената уредба. Меѓутоа од содржината на одредбата што понатаму ја цитира подносителот во иницијативата и со која всушност ја спори законитоста на наведената уредба може да се заклучи дека станува збор за друг став којшто уредува сосема други прашања што не се однесуваат на прашањата уредени со оспорената уредба.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорената уредба била објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 198/2016 од 29.10.2016 година, а била донесена врз основа на член 46 став 13 од Законот за градежното земјиште. Но, од содржината на член 46 став 13, според подносителот на иницијативата, произлегувало дека во таа законска одредба не постоела основа за донесување на уредбата бидејќи во наведената одредба не постоело такво овластување и поради тоа таа не била во согласност со член 51 став 1 од Уставот.

Поради горенаведеното, подносителот му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување за уставноста и законитоста на оспорената уредба и истата да ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Уредба бр.42-7874/1 е донесена од Владата на Република Македонија на седницата одржана на 26.10.2016 година, врз основа на член 46 став 13 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016 и 190/2016) и содржи 16 члена.

Со Уредбата се пропишуваат минималните технички стандарди и услови во поглед на опремата (хардверот), функционалноста и начинот на користење на информацискиот систем за градежно земјиште. Истата содржи одредби со коишто се регулираат, покрај другото, минималните технички стандарди и услови што треба да ги исполнува информацискиот систем за градежно земјиште; кој управува, го одржува и надградува информацискиот систем за градежно земјиште; поднесување барања за градежно земјиште, за поднесување пријави за учество на електронско јавно наддавање; за тоа кои се компатибилни уреди што треба да ги обезбеди корисникот на информацискиот систем за градежно земјиште; кои се примарни сервери на кои се инсталирани софтверски програми; како се врши заштита на серверите и софтверската програма; за технички проблем и прекин во функционирањето на информацискиот систем за градежно земјиште итн.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 51 од Уставот определува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 36 став 2 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/ 2000, 26/2001, 13/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/ 2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019) со уредба Владата го уредува извршувањето на законите, утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.

Оспорената уредба е донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија врз основа на Законот за градежно земјиште.

Имено, во основниот Закон за градежно земјиште којшто е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015 од 02.02. 2015 година, во член 46 став 12 е предвидено „Минималните технички стандарди и услови во поглед на опремата (хардверот), како и функционалноста и начинот на користење на информацискиот систем од ставот (11) на овој член ги пропишува Владата на Република Македонија по предлог на министерот.“ Додека пак, во ставот 11 е предвидено дека: „Постапките за отуѓување, давање под долготраен и краткотраен закуп, давање на право на трајно користење, пренесување на право на сопственост, засновање на право на стварна службеност и склучување на договори за отуѓување и договори за давање под долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија се спроведуваат во електронска форма, преку информациски систем.“.

Меѓутоа, подоцна се направени неколку измени и дополнувања на Законот, при што во Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.142 од 01.08.2016 година), со членот 4 е извршена измена на членот 46 од овој закон, при што е додаден нов став 4, а ставот 12 станува став 13, но ја има истата содржина како и ставот 12 од основниот текст на Законот. Имено и со ставот 13 од наведениот член од Законот, врз чија основа е донесена оспорената уредба во 2016 година, е предвидено: „Минималните технички стандарди и услови во поглед на опремата (хардверот), како и функциoналноста и начинот на користење на информацискиот систем од ставот (12) (којшто ја има истата содржина како ставот 11 од основниот закон) на овој член ги пропишува Владата на Република Македонија по предлог на министерот.“.

Иако подносителот Уредбата ја спори во однос на ставот 13, во иницијативата го цитира ставот 11 на членот 46 од наведениот закон во кој е предвидено: „Градежното земјиште сопственост на Република Македонија, на кое има изградено објекти кои не се запишани во јавната книга за запишување на правата на недвижностите и за кои не е поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти или е донесено решение со кое се одбива барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти е предмет на отуѓување и давање под закуп по пат на јавно наддавање и со непосредна спогодба, по претходно донесено правосилно решение за негово отстранување, доколку купувачот, односно закупецот на градежното земјиште превземе обврска со договорот за отуѓување, односно долготраен закуп да го отстрани објектот.“.

Од содржината на оваа одредба што ја цитира подносителот на иницијативата, може да се утврди дека оспорената уредба нема никаква поврзаност со овие законски одредби и истата е донесена согласно ставот 13 на членот 46 од Законот, со кој, како што е погоре наведено, е предвидено: „Минималните технички стандарди и услови во поглед на опремата (хардверот), како и функционалноста и начинот на користење на информацискиот систем ги пропишува Владата на Република Македонија по предлог на министерот.“.

Според последните измени и дополнувања на Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019) ставот од членот 46, врз чија основа е донесена оспорената уредба, сега повторно станува став 12 и ја има истата содржина како ставот 12 од основниот текст на Законот и ставот 13 од измените и дополнувањата на Законот извршени во 2016 година, кога е донесена оспорената уредба („Минималните технички стандарди и услови во поглед на опремата (хардверот), како и функционалноста и начинот на користење на информацискиот систем од ставот (12) на овој член ги пропишува Владата на Република Северна Македонија по предлог на министерот.“). Ставот 13 и од овие измени и дополнувања на Законот, не соодветствува ниту со поранешниот став 13, врз чија основа е донесена оспорената уредба, ниту пак со одредбата што ја цитира подносителот на иницијативата, туку уредува други прашања.

Оттука, произлегува дека сега ставот 12 (од последните измени и дополнувања на Законот) е со иста содржина со ставот 13 на членот 46 врз основа на кој е донесена оспорената уредба, но во секој случај не се однесува на одредбата што ја цитира подносителот во иницијативата.

Оспорената уредба е донесена на 26 октомври 2016 година, при што за нејзиното донесување Владата се повикала на член 46 став 13 од Законот за градежно земјиште што бил тогаш во важност, односно Законот за градежно земјиште објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2016, со што Владата е овластена да ги уредува прашањата содржани во оспорената уредба.

Од анализата на наводите во иницијативата, произлегува дека подносителот на иницијативата, наместо член 46 став 13 од Законот за градежно земјиште, го цитира член 46 став 11 од истиот закон, којшто не претставува основ за донесување на оспорената уредба и во оваа одредба не е содржано овластување на Владата за донесување на истата. Овластувањето на Владата да ги пропише минималните технички стандарди и услови во поглед на опремата (хардверот), како и функционалноста и начинот на користење на информацискиот систем за градежно земјиште, прозлегува од ставот 13 на членот 46 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2005, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016 и 190/2016).

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и во однос на кои ја оспорува уредбата, според Судот, истите се неосновани од причина што оспорената уредба е донесена согласно член 46 став 13 од Законот за градежното земјиште од кој произлегува дека Владата е овластена со свој акт да ги доуреди прашањата утврдени во ставот 13 на членот 46 од Законот, коешто право на Владата е предвидено и со важечките одредби на Законот за градежно земјиште, но содржани во друг став, со различен нумерички број, поради извршените измени и дополнувања на Законот.

Од наведените причини, а и од причина што подносителот на иницијативата не наведува други аргументи и причини за несогласноста на Уредбата со одредбите од Законот за градежното земјиште и со уставните одредби, Судот оцени дека оспорената уредба не е во несогласност со член 8 став 3 и членот 51 од Уставот, како и со соодветната одредба од Законот за градежното земјиште бидејќи има законски основ за нејзино донесување од страна на Владата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.7/2020
12.06.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати