У.бр.85/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 15.05.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за буџетите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020 од 26.03.2020 година).

2. Светскиот македонски конгрес, преку претседателот Тодор Петров од Скопје до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, членот 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

3.Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 25 март 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА БУЏЕТИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за буџетите („Службен весник на Република Македонија” бр.64/05, 4/08, 103/08, 156/09, 95/10, 180/11, 171/12, 192/15 и 167/16) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За Фискалната стратегија за среднорочен период од три години, Завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија, прераспределбата во рамки на одобрените буџети на буџетските корисници и прераспределбите меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Активностите за подготовка и донесувањето на Фискалната стратегија за среднорочен период од три години и Завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Член 3

Буџетските корисници, можат со прераспределба да ги намалат одобрените средства со буџетот до 70% на ниво на ставка, во рамки на потпрограма и буџет.

Член 4

Владата на Република Северна Македонија одлучува за прераспределбите меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите, на предлог на Министерството за финансии.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2511/1                                                                                                                                                                                                                          Претседател на Владата
25 март 2020 година                                                                                                                                                                                                     на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                       Оливер Спасовски, с.р

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, Уставниот суд со решение У.бр.46/2020 од 28.04.2020 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за буџетите за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020 од 26.03.2020 година). Според Судот наведената уредба е во согласност со член 8 алинеи 3 и 4 од Уставот, член 51 став 1, член 68 став 1 алинеја 5, член 88 став 2 и член 126 став 1 од Уставот, како и со членот 35 од Законот за Владата на Република Македонија и член 33 став 7 од Законот за буџетите.

Во предметната иницијатива не се содржани основи за поинакво одлучување од каде произлегува дека се исполнети условите за нејзино отфрлање согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.85/2020
15.05.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Издвоено мислење по предметот У.бр.85/2020