Уставниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната XХII седница (денeс, 24 јуни 2020 година, со почеток од 9,30 часот), ја известува јавноста дека расправајќи по точките од дневниот ред одлучи да:
– одржи подготвителна седница по предметот У.бр.97/2018 во кој е оспорена уставноста на член 22 и 23 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.245/2018);
– не поведе постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 алинеја 2 , член 14 став 1 алинеја 2 и член 67 став 1 алинеја 2 од Законот за Агенција за национална безбедност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2019);
– не поведе постапка за оценување на уставноста на член 6 став 1 во делот: „со актите за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела“, и став 2 во делот: „со важечките акти за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела“, од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011, 27/2014, 144/2014, 72/2015, 104/2015, 153/2015, 23/2016, 178/2016 и 120/2018);
– поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/20) и донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оваа одредба, а врз основа на член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
– ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Заклучокот бр.08-2317/10 од 15.11.2019 година („Службен гласник на Општина Ресен“ бр.14/2019);
– ја поништи Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020) и го стави вон сила решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оваа одлука;
– ја запре постапката за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020) и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оваа одлука;
– ја поништи Уредбата со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 94/2020) и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оваа одлука;
Судот не донесе одлука во предметот У.бр.164/2019 во кој е оспорена уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 7/2019) од причини што предлогот за одлучување не го доби потребното мнозинство.