У.бр.116/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 10 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2020) и Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 136/2020).

2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2020).

Со оглед на тоа што Владата на Република Северна Македонија, подоцна донесе и Уредба со законска сила за дополнување на оспорената уредба, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.136/2020 и е во врска со предметната материја, Судот по повод иницијативата за оспорување на првата Уредба, а по службена должност во однос на втората Уредба, ги ценеше и двете уредби.

Според наводите во иницијативата оспорената уредба, а со тоа и нејзиното дополнување со втората Уредба, не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандман 29, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот и во иницијативата овие одредби од Уставот се цитирани.

Иницијативата содржи наводи за состојби настанати со прогласување на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија со Одлуката од 18 март 2020 година, донесена од претседателот на Републиката заради пандемијата со коронавирусот КОВИД-19, при што меѓу другото, се наведува дека поради тоа што во правниот поредок не бил донесен закон за вонредна состојба, Собранието на Републиката требало да продолжи со работа и покрај тоа што било самораспуштено. Собранието на седница требало да донесе одлука за прогласување на вонредна состојба и да даде овластување на Владата да донесува уредби со законска сила, коишто не би смееле да претставуваат изменувања и дополнувања на законите, туку требало да бидат во рамки на борбата со заразната болест. Со оглед на тоа што Владата донесувала уредби со законска сила во рамки на прогласена вонредна состојба од претседателот на Републиката, а не од Собранието, произлегувало дека уредбите со законска сила не биле во согласност со наведените одредби од Уставот. Имено, Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието, согласно членот 126 став 2 од Уставот, немала овластување да донесува уредби со законска сила со важност за времетраењето на вонредна состојба. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорената уредба и истата да ја поништи, како и да донесе времена мерка со решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорената уредба.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019), Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 2 април 2020 година донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕТО И ОСИГУРУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈ НА НЕВРАБОТЕНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/97, 25/00, 101/00, 50/01, 25/03, 37/04, 4/05, 50/06, 29/07, 102/08, 161/08, 50/10, 88/10, 51/11, 11/12, 80/12, 114/12, 39/14, 44/14, 113/14,56/15, 129/15, 147/15, 154/15, 27/16, 119/16, 21/18 и 113/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/19), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За продолжување на роковите за јавување во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, на невработено лице кое користи право на паричен надоместок утврден во член 59 став 4 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и на невработено лице кое треба да докаже дека активно бара работа и на друго лице кое бара работа утврдени во членот 59-а ставови 1 и 2 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Роковите кои согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траење на вонредната состојба и се продолжуваат за 30 дена од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2783/1                                                                                                                                                                                                                               Претседател на Владата
2 април 2020 година                                                                                                                                                                                                          на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                           Оливер Спасовски, с.р.

Оваа уредба е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 89/2020.

Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 26 мај 2020 година донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕТО И ОСИГУРУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈ НА НЕВРАБОТЕНОСТ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/20), во член 1 во ставот 2 во десеттиот ред по зборот „невработеност,“ се додаваат зборовите „како и за основите кои се однесуваат на давање на писмена изјава за престанок на работниот однос, спогодбено престанување на работниот однос и за престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавачот утврдени во член 67 алинеите 1, 2 и 6 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.“

Член 2

По членот 2 се додаваат два нови члена 2-а и 2-б, кои гласат:

Член 2-а

Невработеното лице на кое работниот однос му престанал во периодот од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година, независно од времето поминато во работен однос, може да оствари право на паричен надоместок во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, објавена за последниот месец, во случај кога работниот однос му престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, спогодбено му престанал работниот однос или работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос.
Доколку невработеното лице од ставот 1 на овој член, по истекот на користење на правото на паричен надоместок, заснова нов работен однос, ќе може повторно да се стекне со право на паричен надоместок согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, при што не се зема во предвид користењето на правото на паричниот надоместок согласно оваа уредба со законска сила.

Член 2-б

Правото на паричниот надоместок од членот 2-а од оваа уредба со законска сила, се остварува врз основа на барање од невработеното лице.
Барањето од ставот 1 на овој член, се доставува во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. “

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4565/1                                                                                                                                                                                                      Претседател на Владата
26 мај 2020 година                                                                                                                                                                                   на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                 Оливер Спасовски, с.р.

Оваа уредба е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 136/2020.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 63 став 6 од Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Во делот на Уставот кој се однесува на „Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба“, со членот 125 е определено: „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии (став 1); Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2); Одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3); Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).

Според член 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба владата во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (став 1); Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието (став 2).

Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 16 февруари 2020 година, донело Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020)

Во услови кога Собранието не е распуштено, може да донесе одлука со која се утврдува постоење на вонредна состојба, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена согласно член 125 од Уставот.

Но, ако Собранието не може да се состане, одлуката за постоење на вонредна состојба ја донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Во случајов, претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а на предлог на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија утврдил постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус КОВИД-19, а согласно пандемиската епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафатил и територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2329/1 од 18.03.2020 година и врз основа на известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр.09-1690/2 од 18.03.2020 година, претседателот на Република Северна Македонија донел Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-526/2 од 18.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020). Оваа одлука е донесена во услови кога во Република Северна Македонија Собранието е распуштено со Одлуката од 16.02.2020 година. Претседателот на Републиката, исто така по истекот на рокот на траење на прогласената вонредна состојба од 30 дена, донел и уште три следователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 08-607/2 од 16 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“, број 104/2020) и број 08-682/2 од 16 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 127/2020) и број 08-729/2 од 30 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 142/2020) со важност до 13 јуни 2020 година.

Поаѓајќи од одредбите на членот 126 од Уставот, дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата донесува уредби со законска сила и ова овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието, неспорно е дека оспорената уредба и Уредбата со законска сила со која била дополнета, се во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со Уставот јасно е определено дека кога Собранието не е во можност да се состане, претседателот на Републиката може да прогласи постоење на вонредна состојба, дека одлуката за прогласување се доставува на потврдување на Собранието штом тоа ќе може да се состане, како и Собранието одлучува за завршување на вонредната состојба. Прашањето за донесување на уредби со законска сила во услови на вонредна состојба, е поврзано со вонредната состојба и неспорно со Уставот е дадено такво овластување на Владата. Не е спорно прашањето од уставно-правен карактер дали Владата има овластување да донесува уредби со законска сила бидејќи со Уставот е дадено такво овластување и постои уставен основ за тоа, ова особено што во концептот на Уставот, Владата останува на должност до изборот на нова Влада и кога мандатот и престанал поради распуштање на Собранието (член 93 став 5 од Уставот), а Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници (член 63 став 6 од Уставот).

Оттука , со уредба со законска сила , при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса,боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечкото и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Имајќи го во предвид наведеното, Судот оцени дека за предметните уредби, поаѓајќи од наводите во иницијативата не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот и наводите во иницијативата се неосновани. Ова поради фактот дека со овластувањето на Владата во членовите 125 и 126 од Уставот за донесување на уредби со законска сила во услови на прогласена вонредна состојба заради спречување, ширење и справување со Ковид-19, се овозможува соодветно делување и координирање во областите и аспектите од општествениот живот во согласност со законите во правниот поредок, како што е и во случајот со донесувањето на оспорените уредби од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Поради погоре изнесеното, оспорените уредби се во согласност со Уставот и соодветно на тоа неосновано е и барањето во иницијативата Судот да донесе времена мерка за запирање на извршување, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Поради погоре изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.116/2020
10 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд Република Северна Македонија
Сали Мурати