Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 10 јуни 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на Уредбата со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство на територија на Република Северна Македонија за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/2020), донесена од Владата на Република Северна Македонија.
2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената уредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандман 29, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот и во иницијативата овие одредби од Уставот се цитирани.
Иницијативата содржи наводи за состојби настанати со прогласување на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија со Одлуката од 18 март 2020 година, донесена од претседателот на Републиката заради пандемијата со коронавирусот КОВИД-19, при што меѓу другото, се наведува дека поради тоа што во правниот поредок не бил донесен закон за вонредна состојба, Собранието на Републиката требало да продолжи со работа и покрај тоа што било самораспуштено. Собранието на седница требало да донесе одлука за прогласување на вонредна состојба и да даде овластување на Владата да донесува уредби со законска сила, коишто не би смееле да претставуваат изменувања и дополнувања на законите, туку требало да бидат во рамки на борбата со заразната болест. Со оглед на тоа што Владата донесувала уредби со законска сила во рамки на прогласена вонредна состојба од претседателот на Републиката, а не од Собранието, произлегувало дека уредбите со законска сила не биле во согласност со наведените одредби од Уставот. Имено, Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието, согласно член 126 став 2 од Уставот, немала овластување да донесува уредби со законска сила со важност за времетраењето на вонредна состојба. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорената уредба и истата да ја поништи, како и да донесе времена мерка со решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија врз основа на оспорената уредба.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019), Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 24 март 2020 година донесе
У Р Е Д Б А
со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство на територија на Република Северна Македонија за време на вонредна состојба
Член 1
За време на постоење на вонредна состојба прогласена во државата, по претходно прибавена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници, македонски граѓани со моментален престој во странство се организира авионски превоз со цел пренесување на македонските граѓани на територија на Република Северна Македонија.
Член 2
За авионскиот превоз на македонските граѓани со моментален престој во странство Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија објавува јавен повик по дестинација и број на патници врз основа на доставените листи од страна на Министерството за надворешни работи, со цел прибирање на понуди за чартер летови од градовите во Европа до Република Северна Македонија.
По објавување на јавниот повик од страна на Генералниот секретаријат крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на објавување на повикот.
Критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена.
Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор.
Член 3
Лицата при влез во авионот потпишуваат договор помеѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија и пополнуваат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.
Лицата ќе бидат превземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.
Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите согласно склучениот договор, на образец ПП-50 на следниов начин:
Назив на примач: Буџет на Република Северна Македонија
Трансакциска сметка: 100 000000063095
Сметка на корисник: 630010001963019
Приходно конто: 725939 00
Цел на дознака: Враќање средства на сметка 040010007863713, расходно конто 420220 потпрограма 10.
Договорот од став 1 од овој член има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна.
Изјавата и Договорот од овој член се составен дел на оваа уредба.
Член 4
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр.44-2497/1 Претседател на Владата
24 март 2020 година на Република Северна Македонија
Скопје Оливер Спасовски, с.р.
Уредбата е објавена на 24 март 2020 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 77/2020.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 63 став 6 од Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.
Во делот на Уставот кој се однесува на „Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба“, со членот 125 е определено: „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии (став 1); Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2); Одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3); Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).
Според член 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба владата во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (став 1); Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието (став 2).
Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 16 февруари 2020 година, донело Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020)
Во услови кога Собранието не е распуштено, може да донесе одлука со која се утврдува постоење на вонредна состојба, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена согласно член 125 од Уставот.
Но, ако Собранието не може да се состане, одлуката за постоење на вонредна состојба ја донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Во случајов, претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а на предлог на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија утврдил постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус КОВИД-19, а согласно пандемиската епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафатил и територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2329/1 од 18.03.2020 година и врз основа на известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр.09-1690/2 од 18.03.2020 година, претседателот на Република Северна Македонија донел Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-526/2 од 18.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020). Оваа одлука е донесена во услови кога во Република Северна Македонија Собранието е распуштено со Одлуката од 16.02.2020 година. претседателот на Републиката, исто така по истекот на рокот на траење на прогласената вонредна состојба од 30 дена, донел и уште три следователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба, број 08-607/2 од 16 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2020), број 08-682/2 од 16 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 127/2020) и број 08-729/2 од 30 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 142/2020), со важност до 13 јуни 2020 година.
Поаѓајќи од одредбите на членот 126 од Уставот, дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата донесува уредби со законска сила и ова овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието, неспорно е дека оспорената уредба е во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со Уставот јасно е определено дека кога Собранието не е во можност да се состане, претседателот на Републиката може да прогласи постоење на вонредна состојба, дека одлуката за прогласување се доставува на потврдување на Собранието штом тоа ќе може да се состане, како и Собранието одлучува за завршување на вонредната состојба. Прашањето за донесување на уредби со законска сила во услови на вонредна состојба, е поврзано со вонредната состојба и неспорно со Уставот е дадено такво овластување на Владата. Не е спорно прашањето од уставно-правен карактер дали Владата има овластување да донесува уредби со законска сила бидејќи со Уставот е дадено такво овластување и постои уставен основ за тоа, ова особено што во концептот на Уставот, Владата останува на должност до изборот на нова Влада и кога мандатот и престанал поради распуштање на Собранието (член 93 став 5 од Уставот), а Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници (член 63 став 6 од Уставот).
Оттука , со уредба со законска сила , при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечкото и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.
Имајќи го во предвид наведеното, Судот оцени дека за оспорената уредба, поаѓајќи од наводите во иницијативата не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот и наводите во иницијативата се неосновани. Ова поради фактот дека со овластувањето на Владата во членовите 125 и 126 од Уставот за донесување на уредби со законска сила во услови на прогласена вонредна состојба заради спречување, ширење и справување со Ковид-19, се овозможува соодветно делување и координирање во областите и аспектите од општествениот живот во согласност со законите во правниот поредок, како што е и во случајот со донесувањето на оспорената уредба од страна на Владата на Република Северна Македонија.
Поради погоре изнесеното, оспорената уредба е во согласност со Уставот и соодветно на тоа неосновано е и барањето во иницијативата Судот да донесе времена мерка за запирање на извршување на оспорената уредба, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.82/2020
10 јуни 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати