У.бр.157/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 3 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за минералните суровини за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/2020).

2. Светскиот македонски конгрес, претставуван од Тодор Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот: „Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието“.

Исто така, подносителот наведува дека не смеело да се заборави дека на потврдување пред Собранието подлежела само одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба што ја донесувало Собранието во согласност со член 125 став 4 од Уставот.

Уредбите со законска сила донесени за време на вонредна состојба не подлежеле на потврдување од Собранието, бидејќи биле со важност додека трае вонредната состојба.

Дури, потврдувањето на вонредната состојба утврдена од претседателот на Републиката од страна на Собранието веднаш штом ќе заседава, не значело по автоматизам или службена должност согласност на уредбите со законска сила коишто за време на вонредната состојба ги донела Владата.

Основно било правилото и уставната конотација дека уредба на Владата, макар и со законска сила, не била закон! Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот многу јасно било определено дека само „Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите“. Донесувањето на закони и изменувањето, дополнувањето или престанувањето на важноста на законите не била надлежност на Владата, туку само на Собранието, дури и за време на вонредна состојба.

Понатаму, според прифатената номотехника на Владата, Уставот утврдувал дека уредбите на Владата за време на вонредна состојба имаат законска сила, ама тоа не морало да се повторува во насловот и содржината на секоја уредба што ја донесувала Владата, тоа според член 126 став 1 од Уставот се подразбирало.

Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила во согласност со член 126 став 2 од Уставот не значело дека Владата го супституира Собранието, дека Владата ја врши и законодавната власт! Во членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот многу јасно било утврдено дека „темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се: владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска!“

За жал, наместо да донесува уредби со законска сила, речиси сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, претставувале изменување и дополнување на законите, што било во надлежност на Собранието! Дури, истите биле донесени без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието според член 126 став 2 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата, голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.

Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 2 од Уставот, немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната состојба!

Врз основа на оваа иницијатива и даденото образложение, од Уставниот суд се бара да ги поништи сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, бидејќи не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

Исто така, се предлага, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба во врска со пандемијата со коронавирусот од 18 март 2010 година, поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 април 2020 година, донела

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19), ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За роковите за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесена иницијатива за вршење на детални геолошки истражувања, за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања на ист простор и за ист вид на минерални суровини за кои е доставен извештај со кој се потврдува дека деталните геолошки истражувања не се во целост завршени, за доставување на елаборат од извршените детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за издавање на дозвола за детални геолошки истражувања, за поднесување на барање за проширување на концесија за експлоатација, за поднесување на барање за продолжување на периодот на кој е доделена концесија за експлоатација, за поднесување на барање за доделување на концесија за експлоатација по истекот на концесијата за детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација и за започнување со експлоатација на минералните суровини по издавањето на дозволата за експлоатација, за време на траењето на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Роковите за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесена иницијатива за вршење на детални геолошки истражувања, за склучување на договор за детални геолошки истражувања по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања на ист простор и за ист вид на минерални суровини за кои е доставен извештај со кој се потврдува дека деталните геолошки истражувања не се во целост завршени, за доставување на елаборат од извршените детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за издавање на дозвола за детални геолошки истражувања, за поднесување на барање за проширување на концесијата за експлоатација, за поднесување на барање за продолжување на периодот на кој е доделена концесија за експлоатација, за поднесување на барање за доделување на концесија за експлоатација по истекот на концесијата за детални геолошки истражувања, за вршење на увид на локалитетот за кој е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, за склучување на договор за експлоатација на минерални суровини по влегување во сила на одлуката за доделување на концесијата, за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација и за започнување со експлоатација на минералните суровини по издавањето на дозволата за експлоатација, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Според член 1 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 1202016, 189/16 и 7/2019), со овој закон се уредуваат:

– условите и начинот на вршење геолошки истражувања, поттикнувањето и унапредувањето на геолошките истражувања со цел да се обезбеди нивна оптимална искористеност во согласност со начелата на одржлив развој и заштита на животната средина,
– поттикнувањето и унапредувањето на експлоатацијата на минералните суровини, како и зајакнување на мерките за безбедност, заштита на животната средина и здравјето на луѓето,
– поттикнувањето и унапредувањето на преработката на минералните суровини, како и зајакнување на мерките за безбедност, заштита на животната средина и здравјето на луѓето,
– надзорот и условите при вршењето на геолошките истражувања, експлоатацијата и преработката на минералните суровини и
– мерките и начинот со кои се спречува или намалува до најмала можна мерка штетното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето кое може да настане како последица од управувањето со отпадот што се создава и веќе создадениот отпад од истражувањата, експлоатацијата и преработката на минералните суровини.

Во членот 4 од Законот се определени видовите на минералните суровини при што е определено дека:

(1) Минералните суровини се добра од општ интерес, сопственост на Република Македонија, без оглед на сопственоста на земјиштето на кое се наоѓаат.
(2) Минералните суровини според видот можат да бидат:
– енергетски минерални суровини и тоа: сите видови на фосилни јаглени, јаглероди во цврста, течна и гасовита состојба, радиоактивни елементи (уран и ториум), сите видови на битуминозни и масни шкрилци и други гасови кои се наоѓаат во земјата,
– металични минерални суровини и тоа: железо, манган, никел, хром, олово, цинк, бакар, волфрам, калај, платина, молибден, антимон, талиум, арсен, жива, сребро, злато и други видови на метали кои можат да се појават при експлоатација,
– техногени минерални суровини и тоа: минерални суровини кои настануваат во процесот на преработка на енергетските или металичните минерални суровини, вклучувајќи го и јаловинскиот отпад кој настанува при експлоатација и преработка на архитектонско-украсен камен,
– неметалични минерални суровини и тоа: варовник-калцит, варовник-доломит, кварц, кварцит, кварцен песок, дијабаз, фелдспат, лискун, дистен, дијатомејска земја, талк, опалска бреча, базалт, графит, перлит, туф, гипс, лапорец, сулфур, барит, магнезит, флуорит, андезит, гнајс, азбест, сите видови на глини и други,
– архитектонско-украсен камен: мермер, гранит, габро, травертин, оникс, базалт, сијанит, бреча и други,
– минерални, термоминерални, термални води и минерални води и гас CO2 и
– песок и чакал кои не се наоѓаат на коритата и бреговите на површинските водни тела (водотеци, езера и акумулации) и собирниот кварц.
(3) Од јавен интерес е:
– вршењето на детални геолошки истражувања и експлоатација на енергетските металични, техногените минерални суровини и термоминералните и термалните води и
– кога експлоатацијата на минералната суровина е од стратешко значење и е неопходна за реализација на проекти од јавен интерес утврден со друг закон.
(4) Минералните суровини од ставот (3) алинеја 2 на овој член ги определува Владата на Република Македонија.

Во членот 36 од Законот е уредено прашањето за концесија за експлоатација на минерални суровини при што:

(1) Право за вршење на експлоатација на минерални суровини се стекнува со добивање на концесија за експлоатација на минерални суровини.
(2) Концесија за експлоатација на минерални суровини доделува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: концедент).
(3) Право за добивање на концесија за експлоатација има секое правно лице, вклучувајќи ги и странските правни лица со подружница запишана во Централниот регистар на Република Македонија, а кои ги исполнуваат условите пропишани со овој или со друг закон.
(4) Концесија за експлоатација на минерални суровини не може да добие ниту пак може да му биде пренесена во период од пет години во случај кога на правното лице, вклучувајќи ги и странските правни лица со подружница запишана во Централниот регистар на Република Македонија на кое претходно му била одземена концесија за вршење на детални геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини, како и правно лице кое е поврзано со тоа правно лице. Како поврзано се сметаат случаите кога правните лицa се во меѓусебни блиски врски и си остваруваат меѓусебна контрола на начин и под услови утврдени со Законот за банките.
(5) Концесија за експлоатација на минерални суровини не може да се додели за постапки со лужење или флотација на металични минерални суровини со цијаниди или со сулфурна киселина во рудници со отворен коп. Исклучок се концесиите за експлоатација на металични минерални суровини на веќе постојните рудници ( оспорен став).

Во членот 45 од Законот е утврдено дека:

(1) Одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини ја донесува Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.
(2) Одлуката за доделување на концесија за експлоатација, покрај елементите утврдени во членот 37 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство, задолжително треба да ги содржи и следниве одредби:
– видот на минералната суровина,
– површината на просторот на кој се доделува концесијата за експлоатација, дефиниран со координати,
– видот на постапката за експлоатација на минерални суровини со техниките и супстанциите што ќе се применат,
– податоци за депонирана финансиска гаранција во случај на штетни ефекти по животната средина,
– должностите на носителот на концесијата во поглед на санацијата и рекултивацијата на земјиштето што е деградирано од рудничките активности и
– други услови определени со тендерската документација и поднесената понуда.
(3) Одлуката за доделување на концесија се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

Во членот 55 од Законот е предвидено дека:

(1) Барање за издавање на дозвола за експлоатација го поднесува концесионерот до органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.
(2) Кон барањето од ставот (1) на овој член се приложува:
– доказ за решени имотноправни односи во делот на земјиштето на кое ќе се врши експлоатација на минерални суровини, освен во случај кога се работи за подземна експлоатација во услови кога експлоатацијата нема влијание на површината;
– геодетски елаборат за посебни намени со катастарски индикации изработен од трговци поединци – овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи кои ги исполнуваат условите од Законот за катастар на недвижности,
– главен рударски проект за експлоатација на минералните суровини кои се предмет на концесијата заедно со ревизија (стручна) оцена на истиот,
– решение за одобрување на студијата за оцена на влијанието врз животната средина или решение за одобрување на елаборатот за оцена на влијанието врз животната средина,
– план за управување со отпад,
– сообраќајна согласност за приклучок за јавен пат, освен за минералните суровини од членот 4 став (2) алинеја 6 од овој закон,
– дозвола за користење на вода и/или дозвола за испуштање на вода која ја издава надлежниот орган на државната управа надлежен за управување со води, доколку е потребно издавање на таква дозвола кое го утврдува надлежниот орган на државната управа надлежен за управување со води и
– доказ за мерење на експлоатираната и продадена количина на минерална суровина, освен за минералните суровини од членот 4 став (2) алинеја 6 од овој закон.
(3) Формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.
(4) Органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини е должен во рок од 30 дена, сметано од денот на приемот на барањето за издавање на дозвола за експлоатација, да ја издаде дозволата за експлоатација.
(5) Примерок од дозволата за експлоатација, органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини доставува до Државниот инспекторат за техничка инспекција, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Управата за јавни приходи и општината на чие подрачје се врши концесиската дејност.
(6) Планот за управување со отпад од ставот (2) алинеја 5 на овој член не го приложуваат концесионерите кои вршат експлоатација на:
– песок и чакал кои не се наоѓаат на коритата и бреговите на површинските водни тела (водотеци, езера и акумулации) и собирен кварц,
– сите видови на глини и
– минерални, термоминерални и термални води и минерални води и гас СО2.

Во членот 57 од Законот е предвидено дека:

Дозволата за експлоатација на минерални суровини особено ги содржи следниве податоци:
– за концесионерот,
– за рокот на важење на дозволата за експлоатација,
– за минералните суровини што се предмет на експлоатација,
– за големината, границите и положбата на експлоатационото поле,
– катастарски податоци за земјиштето на просторот за коешто е издадена дозволата,
– главниот рударски проект за експлоатација на минералните суровини,
– планот за управување со отпадот од минерални суровини и
– за други податоци определени со закон и договорот за концесија.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)

Со членовите 125 и 126 од Уставот се уредува прашањето поврзано со вонредна состојба.

Според членот 125 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.“

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Според ставот 2 на истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Тоа значи дека Уставот определува дека во услови на вонредна состојба, Владата, со донесувањето на уредби со законска сила, ги презема легислативните надлежности на Собранието.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот којшто ги донесува, но се еднакви со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, коишто имаат карактер на подзаконски акти кои се носат во функција на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Согласно Европската конвенција за заштита на човековите права во случај на војна или некоја друга општа опасност која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка може да презема мерки коишто отстапуваат од обврските предвидени со оваа конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право (член 15 став 1). Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се и предвидени (член 18).

6. Претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија, на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020). Со Одлуката се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

На 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2020).

На 16 мај 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.127/2020). Според оваа одлука се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID -19.

7. Во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, на 3 април 2020 година, во услови на прогласена вонредна состојба на територијата на целата Република, донела Уредба со законска сила за примена на Законот минералните суровини за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/2020).

8. Оттука, Судот смета дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во членот 125 и членот 126, односно од одлуката на претседателот со која е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот. Владата, за времетраењето на прогласената вонредна состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може да запре од извршување одредени закони на одредено време, може да одредува нови рокови, може да ограничува и менува постојни и да носи нови законски решенија.

9. Со конкретната уредба, Владата уредила одредени прашања во врска со роковите за вршење на увид на локалитетот, за склучување на договорите за детални геолошки истражувања, за поднесување на барање за доделување на концесија за доставување на елаборат за геолошките истражувања и други дејствија по издавањето на дозволата за експлоатација за време на траење на вонредната состојба да се применуваат одредбите од оспорената уредба. Тоа поточно значи дека согласно членот 2 од Уредбата, сите рокови предвидени во Законот, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Неспорно е дека оваа мерка е предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба – епидемија од COVID -19 и мерките коишто се преземаат за надминување на истите и дека го опфаќа периодот на вонредната состојба.

Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што Судот оцени дека нема основи за сомневање во нејзината уставност.

10. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд да го прифати барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба во врска со пандемијата со коронавирусот од 18 март 2010 година, поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

11. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.157/2020
03.06.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати