У.бр.155/2020

ставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 3 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за возила за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2020).

2. Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 124 ставовите 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, при што истите и ги цитира.

Во наводите на иницијативата, се наведува дека во преамбулата на сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, било наведено дека овие уредби Владата ги донела врз основа на член 126 став 1 од Уставот, според кој „При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила“. Но, Владата го немала во предвид ставот 2 од овој член според којшто „Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.“

Во иницијативата се наведува дека, за жал немало закон за вонредна состојба и не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето: Владата да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба. Според подносителот, наместо претседателот на Собранието да го свикал, а Собранието да заседавало заради донесување на закон за вонредна состојба и да го утврди со одлука постоењето на вонредната состојба по предлог на Владата, претседателот на Собранието, надлежноста за донесување на Одлука за утврдување постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието е распуштено, а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.

Според подносителот на иницијативата сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба претставувале изменувања и дополнувања на законите што била надлежност на Собранието и биле донесени без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, со што Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила со важнoст за времетраењето на вонредната состојба. Според него, голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.

Врз основа на горенаведеното, подносителот бара од Уставниот суд да ги поништи сите уредби со законска сила, меѓу кои и предметната уредба како несогласни со горенаведените уставни одредби, а до донесувањето на конечна одлука му предлага на Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Уредба бр.44-3118/1 е донесена од Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 14 април 2020 година врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019).

Согласно членот 1 од оспорената уредба, Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/08, 53/11, 123/12, 70/13, 164/13, 138/14, 154/15, 192/15, 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/19) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено (став 1). За рокот за продолжување на овластувањата на правните лица за вградување на уреди за погон на течен нафтен гас и компримиран земјен гас како и за рокот на важноста на решението на овластувањата за техничка служба, се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила (став 2).

Согласно членот 2, рокот за продолжување на овластувањата на правните лица за вградување на уреди за погон на течен нафтен гас и компримиран земјен гас, се одложува за време на траењето на вонредната состојба и се продолжува за 60 дена од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Според членот 3, важноста на решението за овластувањето на техничка служба за работите коишто ги вршат правните лица кои се овластени со решение од Министерството за економија, на предлог за овластување за техничка служба од органот за одобрување, а врз основа на издаден Сертификат за акредитација од органот за оцена на компетентност, чијшто рок на важење е истечен или ќе истече за време на траењето на вонредната состојба, се продолжува за време на траењето на вонредната состојба.

Во членот 4 е уредено дека оваа уредба сο закοнска сила влегува вο сила сο денοт на οбјавувањетο вο „Службен весник на Република Северна Македοнија“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (членот 51 од Уставот).

Во член 125 став 1 од Уставот е уредено кога може да се утврди постоење на вонредна состојба, односно се уредува дека постоењето на вонредна состојба може да се утврди и во случај кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието (став 2).

Оттука, произлегува дека согласно Уставот во услови на вонредна состојба, Владата донесува уредби со законска сила.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи што се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин којшто не дозволува ефикасно преземање мерки што ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините што довеле до вонредната состојба, но и последиците од истата и враќање во редовниот уставно-правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот што ги донесува, но се соодветни со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, коишто имаат карактер на подзаконски акти што се носат во функција на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени.

Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот).

Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Во Република Северна Македонија со одлука на претседателот на Републиката е утврдено постоење на вонредна состојба, како резултат на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Во услови на распуштено Собрание, коешто во моментот нема можност да се состане и да ги потврди уредбите со законска сила што ги носи Владата и при непостоење на посебен законски акт којшто ја регулира вонредната состојба, согласно членот 125 од Уставот, претседателот на Републиката утврди постоење на вонредна состојба во траење од 30 дена, а потоа донесе нова одлука за дополнителни 30 дена траење на вонредната состојба. Со утврдувањето на постоење на вонредна состојба автоматски се активира членот 126 од Уставот во којшто е предвидено дека во услови на вонредна состојба Владата носи уредби со законска сила при што овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба.

Овластувањето на Владата за време на вонредна состојба да донесува уредби со законска сила произлегуваат и од одредбите на членовите 10, 35 и 36 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019). Имено, за извршување на законите, покрај другите акти, Владата донесува и уредби со законска сила (член 35), а со уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието (член 36 став 1).

Во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, на 14 април 2020 година, во услови на постоење на вонредна состојба на територијата на целата Република, донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за возила за време на вонредната состојба.

Согласно членот 1 од оспорената уредба, Законот за возила ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. За рокот за продолжување на овластувањата на правните лица за вградување на уреди за погон на течен нафтен гас и компримиран земјен гас како и за рокот на важноста на решението на овластувањата за техничка служба, се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Во членот 2 е уредено дека рокот за продолжување на овластувањата на правните лица за вградување на уреди за погон на течен нафтен гас и компримиран земјен гас, се одложува за време на траењето на вонредната состојба и се продолжува за 60 дена од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Според членот 3, важноста на решението за овластувањето на техничка служба за работите коишто ги вршат правните лица кои се овластени со решение од Министерството за економија, на предлог за овластување за техничка служба од органот за одобрување, а врз основа на издаден сертификат за акредитација од органот за оцена на компетентност, чијшто рок на важење е истечен или ќе истече за време на траењето на вонредната состојба, се продолжува за време на траењето на вонредната состојба.

Во членот 4 е уредено дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Со Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/08, 53/11, 123/12, 70/13, 164/13, 138/14, 154/15, 192/15, 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/2019) се утврдуваат условите за пуштање на пазар и почетокот на користење на возилата, регистрацијата и техничката исправност на возилата, условите за извршување на работи на техничките служби, правните лица за технички преглед и правните лица за регистрација и регистарот на податоци за возилата.

Согласно член 54 став 4 од Законот, вградувањето на уреди за погон на течен нафтен гас, на компримиран земен гас, или друг уред согласно со одредбите на овој закон врши правно или физичко лице кое добило овластување од Министерството за внатрешни работи. Според ставот 5, овластувањето од ставот 4 на овој член се издава на правно или физичко лице кое поседува овластување од производителот на уредите или опремата што ја вградува, кое ги исполнува просторните, материјално-техничките, безбедносните услови, како и условите во однос на кадарот за вградување на уредите и дополнителната опрема на возилата.

Според членот 56 од Законот:

(1) Работите на техничките служби ги извршуваат правни лица кои се овластени со решение од министерот за економија, на предлог на органот за одобрување, а врз основа на акредитација од органот за оцена на компетентност.
(2) Правното лице од ставот (1) на овој член за добивање на овластување поднесува барање до органот за одобрување, кој во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето доставува предлог до министерот за економија.
(3) Формата и содржината на барањето од ставот (2) на овој член и потребната придружна документација ги пропишува министерот за економија.
(4) Доколку предлогот од органот за одобрување е негативен, министерот за економија во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот донесува решение со кое го одбива барањето на правното лице за техничка служба.
(5) Доколку предлогот од органот за одобрување е позитивен, министерот за економија во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот донесува решение за овластување на правното лице за техничка служба.
(6) Доколку министерот за економија не го донесе решението во рокот од ставот (4) или (5) на овој член правното лице има право во рок од три работни дена од истекот на тој рок, да поднесе барање до писарницата на министерот за донесување на решение по поднесеното барање.
(7) Формата и содржината на барањето од ставот (6) на овој член ги пропишува министерот за економија.
(8) Министерот за економија е должен да донесе решение најдоцна во рок од пет работни дена од денот на приемот на барањето од ставот (6) на овој член со кое ќе го уважи или одбие барањето.
(9) Доколку министерот не донесе решение во рокот од ставот (8) на овој член, подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена.
(10) Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот (9) на овој член да изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
(11) Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува министерот за економија во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање.
(12) Доколку министерот за економија не одлучи во рокот од ставот (11) на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој функционерот кој раководи со органот ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Инспекторот во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

Согласно член 56-а, по исклучок од член 56 став (1) од овој закон, за возилата за превоз на опасни материи, работите на техничките служби ги извршуваат правни лица кои вршат единечно одобрување на возила кои се овластени со решение од министерот за внатрешни работи, а врз основа на акредитација од органот за оцена на компетентност (став 1).
Правното лице од ставот (1) на овој член за добивање на овластување поднесува барање до министерот за внатрешни работи (став 2). Формата и содржината на барањето од ставот (2) на овој член и потребната придружна документација ги пропишува министерот за внатрешни работи (став 3). Решението од ставот (1) на овој член се донесува во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето од правното лице (став 4). Доколку министерот за внатрешни работи не донесе решение за овластување, односно не донесе решение за одбивање на барањето за донесување на решение за овластување во рокот од ставот (4) на овој член, подносителот на барањето има право во рок од три работни дена од истекот на тој рок да поднесе барање до писарницата на министерот за внатрешни работи заради донесување на решение од страна на министерот за внатрешни работи.

Од анализата на уставните и законските одредби, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата од причина што овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби на членот 125 и членот 126, односно Владата, за времетраење на вонредна состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, да одредува нови и да пролонгира рокови, како што во конкретниот случај тоа е сторено со предметната уредба со законска сила, како неопходна мерка во периодот додека трае вонредната состојба предизвикана од епидемијата.

Од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила, произлегува дека Владата, рокот за продолжување на овластувањата на правните лица за вградување на уреди за погон на течен гас и компримиран земјен гас го одложува за времетраењето на вонредната состојба и го продолжува за 60 дена од денот на истекот на траењето на вонредната состојба. Во однос, пак, на важноста на решението за овластувањето на техничката служба за работите што ги вршат правните лица овластени со решение од Министерството за економија, чијшто рок на важење е истечен или ќе истече за време на вонредната состојба, го продолжува за времетраењето на вонредната состојба.

Во таа смисла, со Уредбата одредени, конкретни рокови се одложуваат за времетраењето на вонредната состојба, a важноста на одредени решенија за овластување чијшто рок на важење е истечен или ќе истече за време на вонредната состојба, се продолжува за времетраењето на вонредната состојба.

Неспорно е дека ова уредување во оспорената уредба е тесно поврзано, односно предизвикано од причината за утврдување на постоење на вонредната состојба – епидемија од Ковид -19, што е во согласност со причините и последиците од вонредната состојба, поради што, истата претставува мерка којашто има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.155/2020
03.06.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати