Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 03.06.2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 52 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ (по ново ЈП Национални шуми) ПО-Скопје, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија и Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“, (бр.02-468/1 од 06.02.2006, 02-202/4 од 25.01.2007, бр.02-243/3 од 09.02.2009, бр.02-1126/4 од 13.07.2009, бр.02-864/2 од 30.06.2011, бр.02-907/1 од 03.09.2014 и бр.02-675/1 од 26.08.2019).
2. Горан Нациќ, адвокат од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 52 од на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба од Колективниот договор требало да се поништи бидејќи била проблематична од аспект на примената и била во колизија со позитивната законска рамка на Република Северна Македонија и со Уставот.
Во првиот дел од иницијативата детално се елаборираат проблемите во примената на одредбата во практиката и тоа во постапките пред редовните судови во случаите кога се тужело за исплата на разлика во плата и придонеси. Се дава приказ на извештаите за работа на Претпријатието, исплатни листи и слично, па преку примери се образлага какво е значењето на оспорената одредба по однос на исплатата на платите со заклучок дека месечните коефициенти не биле реални, арбитрарно биле одредувани и тоа преку злоупотреба на плановите за производство.
Од сето наведено произлегувало дека автономијата во одлучувањето што ја давал оспорениот член 52 од Колективниот договор цело време била злоупотребувана, така што биле задавани нереални производни планови коишто секогаш останувале нереа-лизирани и биле причина за ниските коефициенти на успешност.
Управниот одбор (или директорот) ги носеле и ценеле производните планови без никој да врши контрола врз нив, а токму тие производни планови го давале коефициентот од кој зависела висината на платите на вработените. Овој режим на пресметка на плата не бил легитимен, но бил легален затоа што имал правен основ во оспорениот член 52 од Колективниот договор.
Според подносителот на иницијативата проблемот настанал кога стапил во сила новиот Закон за вработените во јавниот сектор, новиот Закон за административните службеници и Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, бидејќи со овие закони се воспоставил нов режим на пресметка на платите во сите јавни претпријатија, од каде оспорената одредба била во спротивност со означените закони. Ова особено што сега била предвидена контрола во режимот на пресметка на платите на начин што актот за пресметка на платите морал да биде претходно одобрен од страна на основачот на претпријатието.
Оттаму, „новиот режим“ на пресметка на платите, според член 11 став 1 точка 6, член 19 став 2 точка 2 и 37-ц од Законот за јавните претпријатија, бил следниот:
Управниот одбор на јавното претпријатие носи методологија (акт) за пресметка на плати која ја дава на одобрување кај основачот (во овој случај Владата на Република Северна Македонија), па по добиена согласност истата се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Врз основа на така утврдениот акт директорот на претпријатието ја утврдува вредноста на бодот и врши пресметка на плати. Меѓутоа ЈП „Национални шуми“ продолжило да врши пресметка по „стариот режим“ со примена на членовите 51 и 52 од Колективниот договор. Поради неприменување на „новиот режим“ на пресметка на платите Уставниот суд со Одлука У.бр.33/2015 од 03.02.2015 година го укинал член 51 од Договорот, со што, според подносителот на иницијативата и оспорениот член 52 бил „суспендиран“ по автоматизам, а како двете одредби биле меѓусебно поврзани. Ова од причина што и понатаму, врз основа на производните планови се определувал коефициент од кој зависела платата на вработените, а како претпријатието се уште не прибавило согласност за Методологијата од Владата за што се прилага писмен допис.
Во отсуство на контрола од Управниот одбор, директорот се уште го практикувал стариот режим на пресметка на плата поврзан со остварување на производниот план, па на вработените во изминатите пет години им бил пресметуван помал коефициент, освен на вработените во подружницата Караџица. Исходот од тоа бил поведени педесетина спорови по кои судот во Скопје и судот во Гостивар носеле различни одлуки во насока дека оспорениот член 52 од Колективниот договор е во сила и примена, односно дека произ-водниот план не е компонента од основната плата поради што основната плата не може да се намалува согласно оспорената одредба.
Оспорениот член 52 од Колективниот договор, според подносителот на иницијативата бил во колизија со нововос-поставениот систем на пресметка на плати предвиден во Законот за вработените во јавниот сектор (член 7), Законот за админис-тративните службеници (член 87 и 88) и Законот за јавните претпријатија (член 11 став 1 точка 6 во врска со член 19 став 2 и член 37-ц), како и со членовите 13 и 16 од Општиот колективен договор за јавниот сектор.
Со наведената регулатива во 2014 година се воспоставил нов, целосен и систематизиран систем за пресметка на платите во јавните претпријатија, чиишто постулати не биле антиципирани во содржината на одредбите од Колективниот договор, чијшто основен текст потекнувал од 2006 година. Оттаму, оспорениот член бил анахрон и неприменлив во контекст на означената и цитирана регулатива, па неговото натамошно егзистирање во правниот поредок ќе предизвикувал само правна несигурност, ќе создавал забуна во пресметувањето на платите со што бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Врз основа на изнесеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, а потоа истата да ја поништи.
3.Судот на седницата, утврди дека според член 52 став 1 од Колективниот договор вредноста на бодот ја утврдува директорот на претпријатието секој месец во зависност од остварувањето на производно-финансов план, согласно утврдените критериуми.
Според ставот 2 од истиот член од Договорот, вредноста на бодот од ставот 1 може да се движи од 0,70 до 1,30.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Вработените во Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“- Скопје, по ново „Национални шуми“ имаат статус на административни службеници, даватели на услуги и помошно-технички лица, според одредбите од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016, 11/2018, 275/2019 и 14/20200) и одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018, 198/2018, 143/2019, 14/2020).
Во член 4 став 1 од Законот за административните службеници е предвидено дека со Законот за административните службеници се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Според ставот 5 од истиот член од Законот, за прашањата коишто се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.
Од анализата на содржината на член 4 став 5 од Законот за административните службеници, како и од анализата на содржината на останатите одредби од наведениот закон, произлегува дека по однос на административните службеници во целост се уредени прашањата поврзани со класификацијата, категориите и нивоата на работните места (членови 21-29), како и прашањата поврзани со платата и надоместоците на плата (членови 85-97). Оттаму, произлегува заклучокот дека во правниот поредок на Република Македонија, по однос на административните службеници од ЈП „Национални шуми“ постои целосна законска уреденост по однос на компонентите на платата, вредноста на бодот, додатоците и други надоместоци на плата.
Притоа во членот 86 од наведениот закон е определено дека платата на административниот службеник се состои од следниве компоненти:
– основна компонента и
– исклучителна компонента.
Членот 87 од Законот има детална разработка на елементите коишто ја чинат основната компонента (дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж) со разработка според предвиден број на бодови.
Во член 88 став 3 од Законот за административните службеници е определено дека вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници се утврдува секоја година со одлука на основачот која, на предлог на надлежниот функционер, се донесува во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на буџетот на институцијата, а во рамките на предвидениот буџет и врз основа на вкупниот број на административни службеници распо-редени по соодветните нивоа за тековната година.
Членот 89 од Законот за административните службеници определува дека исклучителната компонента на платата ја сочинуваат следниве додатоци: за посебни услови на работа; заради прилагодување кон пазарот на трудот, како и за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа.
Во членот 7 од Законот за вработените во јавниот сектор е разработено начело на управување со ефектот на вработените и тоа на следниот начин:
Институциите се должни да воспостават процедури за управување со ефектот на вработените преку негово континуирано следење и оценување и предлагање на мерки за негово подобрување (став 1).
Оценката за учинокот е мерка за придонесот на вработениот за ефикасно и ефективно функционирање на институ-цијата која се мери преку квалитетот, динамиката, почитувањето на роковите, нивото на исполнување на работните цели и задачи, сервисната ориентација, професионалноста и однесувањето на вработениот, како и преку други критериуми од интерес за институцијата (став 2).
Оценката од ставот 2 на овој член е основ за зголемување или намалување на платата на вработениот, утврдување на парична или друг вид материјална или нематеријална награда, унапредување или распоредување на работно место на пониско ниво, или прекинување на работниот однос, на начин и во постапка утврдена со закон и со колективен договор (став 3).
Член 37 став 1 од Законот за јавните претпријатија определува дека местата на вработените во јавните претпријатија се групираат во групи и подгрупи согласно со Законот за вработените во јавниот сектор, и тоа:
– група I подгрупа 2 јавни службеници,
– група III подгрупа 5 даватели на јавни услуги во јавните претпријатија и
– група IV подгрупи 1, 2, 3, 4 и 5 помошно-технички лица.
Според членот 37-ц од истиот закон, начинот на утврдување на основната плата и на додатоците на плата на вработените во јавните претпријатија ги утврдува управниот одбор на јавното претпријатие, а вредноста на бодот на основната плата ја утврдува директорот на јавното претпријатие.
Исто така, и со членот 50 од Колективниот договор на работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми ЈП „Национални шуми“ ПО-Скопје се определува дека нето платата на работникот се состои од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоци на плата.
Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 52 од Колективниот договор произлегува дека во него е содржано овластување на директорот на претпријатието да ја утврдува вредноста на бодот за секој месец во зависност од остварувањето на производно-финансов план, согласно утврдените критериуми, при што вредноста на бодот може да се движи од 0,70 до 1,30.
Членот 37-ц од Законот за јавните претпријатија определува, исто така, дека вредноста на бодот ја утврдува директорот на јавното претпријатије, но не на сите компоненти на платата (основна плата и додатоците), туку само на основната плата. Притоа во оваа законска норма нема овластување за определување на коефициентот секој месец како што тоа го предвидува оспорената одредба.
Оттаму, по однос на уредувањето во оспорениот член 52 од Колективниот договор директорот еднаш месечно да ја утврдува вредноста на бодот на целокупната плата се поставува прашање за неговата согласнот со членот 37-ц од Законот за јавните прет-пријатија којшто предвидува вредноста на бодот да ја определува директорот и тоа само по однос на основната плата. Исто така, оспорената одредба може да се стави под сомнение и по однос на нејзината согласност со член 88 став 3 од Законот за админи-стративните службеници којшто предвидува вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници да се утврдува секоја година со одлука на основачот која, на предлог на надлежниот функционер, да се донесува во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на буџетот на институцијата, а во рамките на предвидениот буџет и врз основа на вкупниот број на админи-стративни службеници распоредени по соодветните нивоа за тековната година, а не да се утврдува еднаш во месецот, како што предвидува оспорената одредба.
Судот, имајќи предвид дека подзаконските акти, односно колективните договори мораат да бидат во согласност со повисоките акти, односно законите и Уставот, што овде не е случај, оцени дека може да се постави и прашање и за согласност на одредбата со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а како оваа уставна норма инсистира на усогласеност на правниот поредок заради постоење правна сигурност, јасна и недвосмислена уреденост.
Според Судот, отуството на согласност од страна на основачот за Методологијата на јавното претпријатие е фактичко прашање во кое овој суд не може да навлегува, а евентуалната интервенција не може да предизвика давање на согласност. Ова од причина што Уставниот суд не располага со инструмент кој би го присилил основачот да постапи според цитираната регулатива и во случај на целосна исполнетост на законските претпоставки. Исто така, за конкретниот предмет не е од влијание неусогласеноста на судските одлуки, бидејќи воедначувањето на судската практика не е надлежност на Уставниот суд. Евентуалната злоупотреба или пак нереално прикажување на плановите за производство не се прашања што го покренуваат механизмот на оценување на уставноста и законитоста, туку механизмот на соодветна одговорност.
Од значење е да се напомене дека во правниот поредок нема „суспендирање“ на нормите или актите по автоматизам, туку престанокот на нивно важење најчесто настапува со бришење и менување на нормите од страна на доносителот на актот или со носење на интеревнтна одлука од страна на Уставниот суд, при што се знае точниот временски период кога настапил престанокот на важењето. Само на овој начин може соодветно да се примени принципот на временското важење на законите.
По однос на барањето за оценување на меѓусебната согласност на оспорениот член 52 од Колективниот договор за работниците од ЈП „Национални шуми“ со членовите 13 и 16 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува согласноста на два акти од ист правен ранг.
Врз основа на направената анализа, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласност на оспорениот член 52 од Колективниот договор член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со член 37-ц од Законот за јавните претпријатија и со член 88 став 3 од Законот за административните службеници.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.
У.бр.120/2019
03.06.2020 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати