У.бр.34/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 27 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

1) Делот „Надлежност” од насловот на Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 82/2016 и 35/2017),

2) Делот „Надлежност” од насловот на глава IV со наслов: „НАДЛЕЖНОСТ НА ЛЕКАРСКИТЕ КОМИСИИ” од Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2016 и 35/2017),

3) Делот „Надлежност” од член 1 од Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2016 и 35/2017),

4) Делот „Надлежности” од член 5 став 2 од Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2016 и 35/2017),

5) Член 5 став 2 алинеи 1-5 од Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2016 и 35/2017),

6) Делот „или со општи акти” и делот „надлежност” од членот 6 од Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2016 и 35/2017, и

7) Делот „Надлежност” од член 15 став 2 од Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2016 и 35/2017).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на деловите од Правилникот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот правилник бил во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, како и со одредбите од Законот за здравствено осигурување. Имено, подносителот на иницијативата наведува дека содржината на оспорените делови од Правилникот излегувале надвор од законските овластувања коишто и биле дадени на Комисијата утврдени во Законот за здравственото осигурување.

Подносителот на иницијативата смета дека не постои основа со општ акт на Фондот за здравствено осигурување да се пропишуваат надлежности на комисиите, поради што оспорениот правилник во делот на утврдување на надлежностите бил во спротивност со темелната вредност на уставниот поредок-владеењето на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3, како и со членот 34 и член 51 став 1 од Уставот.

По однос на делот или со општи акти од членот 6 од Правилникот подносителот на иницијативата смета дека истиот е спорен од аспект на горенаведените членови од Уставот, како и со одредбите од Законот за здравствено осигурување од причина што од содржината на наведениот закон произлегува дека на секој акт на Фондот согласност дава Министерст­вото за здравство, што значи дека Фондот не можел арбитрарно да уредува односи и да носи општи акти воспоставува обврски или права, а уште помалку истите да произведуваат правно дејство во правниот промет.

Во иницијативата, исто така се упатува и на Одлуката на Уставниот суд У.бр.173/2000 од 4 април 2001 година.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува делот на насловот на Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување кој се однесува на надлежноста, како и делот „Надлежност” од насловот на глава IV со наслов: „НАДЛЕЖНОСТ НА ЛЕКАРСКИТЕ КОМИСИИ” од Правилникот, делот „Надлежност” од член 1 од Правилникот, делот „Надлежности” од член 5 став 2 од Правилникот, член 5 став 2 алинеи 1-5 од Правилникот, делот „или со општи акти” и делот „надлежност” од членот 6 од Правилникот и делот „Надлежност” од член 15 став 2 од истиот правилник.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните врдности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Од изнесените уставни одредби произлегува дека здравствена заштита на граѓаните се обезбедува преку систем на здравствено осигурување, како дел на социјалното осигурување во поширока смисла и дека правата што од тоа произлегуваат се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 2 став 2 од Законот за здравственото осигурување, задолжително здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Северна Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон.

Според член 20 став 6 од истиот закон, составот, начинот на работата на комисиите од ставовите 1 и 2 на овој член се утврдува со општ акт на Фондот.

Во членот 1 од оспорениот правилник се уредува состав, надлежност и начин на работа на лекарските комисии за оценка на привремена спреченост за работа и мислење за остварување, како и начин на работа на администраторот на лекарската комисија во Фондот за здравственото осигурување на Македонија.

Во членот 4 од овој правилник содржан во главата III. со наслов: „НАДЛЕЖНОСТ НА АДМИНИСТРАТОРОТ” се предвидува:

„Надлежности на администаторот се: да учествува на состаноците на лекарската комисија без право на глас; да ја прима и подготвува документацијата која ја разгледува лекарската комисија согласно Упатството за работа на администраторот; да ги следи редовно сите измени на Законот за здравственото осигурување, подзаконските акти и упатствата за работа кои се во врска со предметите кои се даваат на разгледување на лекарската комисија; да бара дополнителна информација или мислење од раководителот во Подрачната служба или соодветната служба во Фондот; да ги внесува административните податоци за осигуреникот во електронската база на податоци која се однесува на работењето на лекарската комисија. Во случај на отсуство на администаторот раководителот на подрачната служба назначува друго лице како негова замена

IV. НАДЛЕЖНОСТ НА ЛЕКАРСКИТЕ КОМИСИИ:

1. Првостепена лекарска комисија согласно членот 5 првостe­пената лекарска комисија дава оценка за привремена спреченост за работа над 15 дена по предлог на избран лекар, и тоа во случај на: Болест и повреда надвор од работа; Повреда на работа и професионална болест; Лекување и медицинско испитување; Негување на болно дете до 3-годишна возраст; Негување на болен член на потесно семејство над 3-годишна возраст, но најмногу до 30 дена; Неопходно придружување на болно лице упатено на преглед или лекување надвор од местото на живеење; Неопходно придружу­вање на болно дете до 3-годишна возраст додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена; Доброволно давање на крв, ткиво или орган; Изолација заради спречување на зараза.

Останати надлежности на првостепена лекарска комисија се: дава мислење по доставен приговор на осигиреното лице против оценката на избраниот лекар за привремената спреченост за работа; дава мислење кога лекарски преглед за осигуреникот ќе побара подрачната служба на Фондот, односно работодавецот; ги прибира барањата доставени од работодавецот односно Фондот за преиспитување на оценката на привремена спреченост за работа, по кои постапува Сектор контрола во Фондот за здравствено осигурување на Македонија; дава мислење за остварување на право на специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување; дава мислење за повреда на работа и професионално заболување; дава мислење за потребата од ортопедски помагала согласно Правилникот за индикациите за остварување на право на ортопедски и други помагала; дава мислење за потребата за издавање на двојазичен образец наосигурени лица кои привремено престојуваат (приватно или службено, студиски престој, школување и стручно усовршување, престој во врска со меѓународна-техничка, научна и културна соработка и сл.) во земји со кои Република Македонија има склучено Договор за социјално осигурување; дава мислење и проценка на итноста од потреба за користење на медицинска итна помош и времетраење на истата, на осигурените лица кои привремено престојуваат (приватно или службено, студиски престој, школување и стручно усовршу­вање, престој во врска со меѓународна-техничка, научна и културна соработка и сл.) во земји со кои Република Македонија има склучено Договор за социјално осигурување но истите не ја спровеле постапката за издавање на двојазичен образец или привремено престојуваат во земји со кои Република Македонија нема склучено Договор за социјално осигурување кои можат да користат само итна медицинска помош; дава мислење за потребата од превоз за враќање на осигуреното лице со санитетско возило во Република Македонија, по завршување на итноста по предлог на странската здравствена установа; дава мислење и одлучува за оправданоста на отварање на боледување/нега на член со иста дијагноза во рок од 30 дена по затварањето на боледувањето; дава мислење за оправданоста од потребата за продолжување на боледување од новоизбран лекар.

Во тој контекст, а тргнувајќи од содржината на законските овластувања, според Судот, надлежноста на лекарските комисии не може да биде предмет на уредување на подзаконски акт, туку само може да бидe предмет на законски или одредби од колективни договори, односно не и на подзаконски прописи со кои може да се уреди само составот и начинот на работа на лекарските комисии.

Тргнувајќи од овој принципиелен став, Судот оцени дека законското овластување со подзаконски пропис да се уредат и надлежностите на лекарските комисии ги надминува уставните и законските граници за такво овластување, поради што Судот оцени дека истиот не претставува операцио­нализација на законските овластувања, туку напротив истиот излегува од дадените законски рамки, поради што оспорените делови од Правилникот коишто ја уредуваат надлежноста на лекарските комисии, што исклучиво е оспорена со поднесената иницијатива, основано може да се доведат под сомнение по однос на одредбите од Законот за здравствено осигурување, како и со одредбите од Уставот на кои се укажува во иницијативата, односно со членовите 34, 39, 51, 95 и 96 од Уставот на Република Северна Македонија Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.34/2020
27 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Саи Мурати