У.бр.120/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 27 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020 од 04.04.2020 година).

2. Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 124 ставовите 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, при што истите и ги цитира.

Во иницијативата се наведува дека, за жал немало закон за вонредна состојба и не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето: Владата да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба. Според подносителот, наместо претседателот на Собранието да го свикал, а Собранието да заседавало заради донесување на закон за вонредна состојба и да го утврди со одлука постоењето на вонредната состојба по предлог на Владата, претседателот на Собранието, надлежноста за донесување на Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието е распуштено, а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.

Во согласност со член 125 став 4 од Уставот „ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.“, а претседателот на Републиката со истото образложение дека претседателот на Собранието не го свикува Собранието, врз основа на писменото известување од 18 март 2020 година, а врз основа на образложениот предлог на Владата од 14.04.2020 до претседателот на Републиката на 16.04.2020 година повторно донел нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на целата територија на Република Северна Македонија за период од 30 дена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020).

Уредбите на Владата со законска сила донесени за време на вонредната состојба завршувале со „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, при што во ниедна уредба не пишувало дека уредбата важела до крајот на вонредната состојба.

Понатаму, подносителот на иницијативата повикувајќи се на член 68 став 1 алинеја 2 наведува дека донесувањето на законите и изменувањето, дополнувањето или престанувањето на важноста на законите не е надлежност на Владата, туку само на Собранието дури и за време на вонредна состојба. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила во согласност со член 126 став 2 од Уставот, не значело дека Владата го супституирала Собранието и дека Владата ја врши и законодавната власт и во овој контекст го цитира член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот коишто се однесуваат на уставните начела на владеење на правото и на поделбата на власта.

Според подносителот на иницијативата сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба претставувале изменувања и дополнувања на законите, што било надлежност на Собранието и биле донесени без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, со што Владата немала овластување да донесува уредби со законска сила со важност за времетраењето на вонредната состојба. Според него, голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.

Врз основа на горенаведеното, подносителот бара од Уставниот суд да ги поништи сите уредби со законска сила, меѓу кои и предметната уредба како несогласни со горенаведените уставни одредби, а до донесувањето на конечна одлука му предлага на Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, поради штетни последици по владеење на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба е донесена од Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 3 април 2020 година врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/ 2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019) и истата гласи:

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИНТЕРВЕНТНА НАБАВКА НА РЕСПИРАТОРНИ МАШИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредуваат условите и постапката за интервентна набавка на респираторни машини заради спроведување на мерките за справување со Коронавирус-COVID-19 за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

(1) Министерството за здравствo (во понатамошниот текст: Министерството) ќе спроведе интервентна набавка на 200 респираторни машини.
(2) Респираторните машини предмет на интервентната набавка треба да се согласно следнава спецификација:
Вентилаторна спецификација (минимум)
– Основни вентилациски модели VCV (IPPV), PCV, SIMV SIMV, BIPAP (BILEVEL), SPONT (CPAP/PSV)
– Tidal volume 20-30000
– PEEP/CPAP 0-50цмH2O
– Psup 0-70cmH2O
– FiO2 21-100%
– O2 suction 100% ventilation
Insp. Hold
Exp. Hold
Основен мониторинг (спецификација)
1. VTi, VTe, MV MV/spont
2. Фреквенција на дишење, спонтана фреквенција на дишење
3. Однос инспириум/експириум I:E
4. Ppeak, Pmean, Pplat, Pmin, PEEP
5. Резистенција
6. Комплијанса
7. Криви на вентилација P-T, F-T, V-TСо компресор и без компресор.

Член 3

(1) Цената за набавка на респираторните машини да изнесува најмногу до 25.000 евра во денарска противредност по среден курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на поднесување на понудата, без вклучен ДДВ и царински давачки.

Член 4

(1) Министерството ќе објави јавен повик наредниот ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила на својата веб страница за интервентна набавка на респираторни машини.
(2) Право на учество на јавниот повик ќе имаат сите економски оператори кои можат да достават респираторни машини од производители кои ќе ги исполнат условите од спецификацијата од членот 2 на оваа уредба со законска сила.
(3) Јавниот повик за набавка на респираторни машини ќе трае 72 часа од денот на неговото објавување.
(4) Министерството формира Комисија од три члена од редот на вработените административни државни службеници за оценка на пристигнатите понуди по објавениот јавен повик.
(5) Предност при изборот им се дава на оние понудувачи кои најбрзо ќе достават респираторни машини кои ја исполнуваат спецификацијата од членот 2 на оваа уредба со законска сила.
(6) Најдоцна во рок од два дена од денот на завршувањето на јавниот повик, Министерството ќе склучи договор за набавка на респираторни машини со добавувачот/добавувачите кои ги исполнуваат условите од објавениот јавен повик.
(7) Со договор за набавка на респираторни машини ќе се уредат меѓусебните права и обврски помеѓу Министерството и избраните економски оператори во однос на дневната количина на набавката, квалитетот, времето и начинот на испораката, единечната цена, роковите за испорака, роковите за исплата на договорената цена како и други прашања за уредување на меѓусебните права и обврски.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2808/1                                                                                  Претседател на Владата
3 април 2020 година                                                               на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                               Оливер Спасовски, с.р.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (членот 51 од Уставот).

Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката (член 61 став 1 од Уставот), чиишто надлежности се утврдени во членот 68 од Уставот, каде меѓу другото, согласно алинеја 2 на ставот 1 од овој член, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Владата на Република Северна Македонија е носител на извршната власт која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (членот 88 од Уставот).

Со член 125 став 1 од Уставот е уредено кога може да се утврди постоење на вонредна состојба, односно се уредува дека постоењето на вонредна состојба може да се утврди и во случај кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии, при што според ставот 2 од овој член е уредено дека постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Според ставот 3, одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Согласно ставот 4, ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Понатаму, според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието (став 2).

Оттука, произлегува дека согласно Уставот во услови на вонредна состојба, Владата донесува уредби со законска сила.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања кои воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин што не дозволува ефикасно преземање мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно-правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот што ги донесува, но се соодветни со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, коишто имаат карактер на подзаконски акти што се носат во функција на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања што се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени.

Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот).

Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Во Република Северна Македонија со одлука на претседателот на Републиката е утврдено постоење на вонредна состојба, како резултат на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Во услови на распуштено Собрание коешто во моментот нема можност да се состане и да ги потврди уредбите со законска сила што ги носи Владата и при непостоење на посебен законски акт што ја регулира вонредната состојба, согласно членот 125 од Уставот, претседателот на Републиката утврди постоење на вонредна состојба во траење од 30 дена, а потоа донесе нова одлука за дополнителни 30 дена траење на вонредната состојба. Со утврдувањето на постоење на вонредна состојба автоматски се активира членот 126 од Уставот во кој е предвидено дека во услови на вонредна состојба Владата носи уредби со законска сила при што овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба.

Овластувањето на Владата за време на вонредна состојба да донесува уредби со законска сила произлегуваат и од одредбите на членовите 10, 35 и 36 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019). Имено, за извршување на законите, покрај другите акти, Владата донесува и уредби со законска сила (член 35), а со уредба со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на Собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на Собранието (член 36 став 1).

За времетраењето на вонредната состојба Владата ја донесе и предметната уредба со законска сила за спречување на ширењето на КОВИД-19, која се однесува на интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба.

Од содржината на оспорената уредба произлегува дека со Уредбата се уредуваат условите и постапката за интервентна набавка на респираторни машини со цел спроведување на мерките за справување со коронавирус-COVID-19 за времетраење на вонредната состојба. Интервентната набавка на респираторните машини ќе ја спроведе Министерството за здравствo, при што во Уредбата е наведена спецификацијата на респираторните машини, цената, постапката за објавување и учество на јавниот повик и склучување договор за набавката.

Имајќи го предвид горенаведеното, Судот оцени дека оспорената уредба содржи мерка којашто има директен ефект во справувањето со последиците од епидемијата што е причина за утврдување на постоење на вонредна состојба.

Оттука, Судот оцени дека оспорената уредба содржи мерка којашто има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне и со истата Владата не излегува надвор од рамките на уставните овластувањата за време на вонредна состојба, поради што не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.120/2020
27 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Саи Мурати