У.бр.153/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 22 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за интервентна набавка на медицински ракавици за време на траење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 100/2020).

2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот наведува дека без постоење на Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието за постоење на вонредна состојба, Владата не можела да го оствари своето овластување да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба.

Според подносителот, уредба на Владата, па макар и со законска сила не претставувала закон. Оттука, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила не значело дека Владата треба да го супституира Собранието, односно да ја преземе неговата улога на законодавната власт и преку уредби со законска сила да изменува и дополнува закони како што се правело со конкретната уредба. Ова било во исклучива надлежност на Собранието. Во контекст на оваа се повикува на темелните вредности на уставниот поредок, односно начелото на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Понатаму, подносителот смета дека голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.

Врз основа на вака изнесените наводи, со иницијативата се бара поништување на оспорената уредба со законска сила како спротивна на одредбите од Уставот наведени во иницијативата, а до донесувањето на конечната одлука се предлага донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила, поради штетни последици од владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата, како и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од Уредбата со законска сила за интервентна набавка на медицински ракавици за време на траење на вонредна состојба, со оваа уредба со законска сила се уредуваат условите и начинот за интервентна набавка на медицински ракавици заради спроведување на мерките за справување со коронавирусот-COVID-19 за време на траење на вонредната состојба.

Судот, исто така, утврди дека според член 2 став 1, сите економски оператори кои увезуваат медицински ракавици за еднократна употреба од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, 30% од увозните количини се должни да ги понудат на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: Генерален секретаријат) по цена зголемена најмногу до 10% од вкупната вредност што се состои од царинска вредност зголемена за износот на царина и данок на додадена вредност.

Според ставот 2 на истиот член, економскиот оператор во прилог кон доставената понуда за медицински ракавици од став 1 на овој член приложува и царинска декларација. Според ставот 3 на истиот член, Генералниот секретаријат во рок од еден ден од денот на приемот на понудата го известува економскиот оператор дали ја прифаќа понудата. Доколку ја прифати понудата, во текот на истиот ден, до економскиот оператор доставува писмена нарачка со потребните количини и место за испорака, согласно искажаните потреби од страна на државните институции. Според ставот 4 на истиот член, договорните органи кои ќе ги примат медицинските ракавици од став 3 на овој член, во рок од 30 дена од денот на приемот ќе извршат исплата на економските оператори согласно доставената документација.

Судот утврди и дека според членот 3, оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)

Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Член 126 став 1 од Уставот предвидува дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 од истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Согласно членот 10 од Законот за Влада на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 26/01, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието.

Од вака утврдените уставни и законски одредби произлегува дека вонредната состојба е институт со своја специфика. За време на истата, Владата добива овластување да донесува уредби со законска сила коишто претставуваат sui generis пропис, различен од законите. Притоа, во услови на ваква состојба мора да се обезбеди почитување на темелните вредности на уставниот поредок. Понатаму, во услови на вонредна состојба се ограничуваат човековите права, од каде се наметнува и потребата овој институт да има точно утврдени и општо прифатени начела согласно меѓународните документи (Пактот за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права), коишто се ратификувани од Република Северна Македонија.

Со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Претседателот на Републиката, врз основа на член 125 став 4 од Уставот, а притоа во ситуација кога Собранието не може да се состане, донесе три последователни одлуки од 18.03.2020, 16.04.2020 и 16.05.2020 год. (за период од 30 дена со првата, 30 дена со втората и 14 дена со третата) за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката, заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот Covid-19.

Владата на Република Северна Македонија, во услови на прогласена вонредна состојба и овластувањето од член 126 став 1 од Уставот, како и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија ја донела оспорената Уредба со законска сила за интервентна набавка на медицински ракавици за време на траење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 100/2020).

Од анализата на одредбите на предметната уредба со законска сила, произлегува дека Владата во согласност со уставните овластувања, во услови на прогласена вонредна состојба ги уредила условите и начинот на интервентна набавка на медицински ракавици за потребите на институциите, за време на траење на вонредната состојба, а со цел спроведување на мерките за справување со коронавирусот Covid-19.
Во насока на тоа, предвидела дека сите економски оператори кои увезуваат медицински ракавици за еднократна употреба се должни 30% од увезените количини да ги понудат на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, по цена зголемена најмногу до 10% од вкупната вредност што се состои од царинска вредност, зголемена за износот на царина и данок на додадена вредност. Понатаму, по добиената понуда, Генералниот секретаријат на Владата го известува економскиот оператор дали ја прифаќа понудата, при што доставува писмена нарачка со потребните количини и место за испорака, согласно искажаните потреби од страна на државните институции. На крајот, по извршената испорака, договорните органи (државните институции) имаат рок од 30 дена од денот на приемот, да извршат исплата на економските оператори.

Според наводите во иницијативата, конкретната уредба со законска сила била спротивна на повеќе уставни одредби. Притоа, наводите се дадени општо со заклучоци во однос на тоа што уредуваат наведените уставни одредби, како да се толкуваат и применуваат, без да се наведат конкретни причини и образложени наводи поради коишто оспорената уредба била неуставна од аспект на предметот на уредување со истата.

Според Судот, ваквите наводи се неосновани и од аспект на истите не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената уредба со законска сила. Оспорената уредба со законска сила претставува sui generis пропис од времен карактер, донесен во услови на вонредна состојба. Истиот има своја специфика затоа што е донесен во рамки на овластувањето кое го има Владата согласно член 126 став 1 од Уставот, како и член 36 став 1 од Законот за Владата, а притоа ги уредува условите и начинот за интервентна набавка на медицински ракавици за потребите на државните институции, а со цел спроведување на мерките за справување со коронавирусот Covid-19. Притоа, неспорно е дека ваквата интервентна набавка на медицински ракавици се спроведува само за периодот на траење на вонредната состојба.

Судот оцени дека станува збор за мерка од оперативен карактер која е тесно поврзана, односно предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба, има легитимна цел и општествена оправданост, а го опфаќа и периодот на вонредната состојба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.153/2020
22 мај 2020 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати