У.бр.113/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 22 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за просторно и урбанистичко планирање за време на вонредна состојба, бр. 44-2763/1, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 2 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2020).

2. Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Уредбата не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: владеење на правото; поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска и со општо прифатените норми од меѓународното право (член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот), потоа со уставната определба за согласност на законите со Уставот и на другите прописи со Уставот и со закон, како и со определбата дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51 од Уставот), понатаму со уставната определба дека Собранието на Републиката го донесува и изменува Уставот и донесува закони (член 68 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот), со уставната определба дека Собранието на Републиката со своја одлука и двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници го утврдува постоењето на вонредната состојба (член 125 ставови 2 и 3 од Уставот), како и со уставната определба дека Владата на Републиката има овластување да донесува уредби со законска сила до завршувањето на вонредната состојба, но за која состојба одлучува Собранието на Републиката (член 126 став 2 од Уставот).

Во образложение на наведените аспекти на оспорување, подносителот на иницијативата најнапред наведува дека (1) Собранието претходно не донело закон за вонредна состојба, ниту сега донело одлука за постоење на вонредна состојба (а тоа морало да го направи иако било претходно распуштено затоа што мандатот на пратениците во Собранието се продолжувал во случај на вонредна состојба, мандатот на пратениците не престанувал со распуштањето и траел до верификација на мандатот на новоизбраните пратеници и Собранието било во постојано заседание), дека (2) претседателот на Републиката, пак, можел, на предлог на Владата, да утврдува постоење на вонредна состојба неограничен број пати за период од 30 дена, дека (3) Уставниот суд не можел по службена должност да биде супститут на Собранието и да врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието, дека (4) Владата можела да ги санира состојбите со здравјето на населението преку предлози на закони за изменување и дополнување на соодветните закони што би биле донесувани или недонесувани во собраниска процедура (тоа Владата го правела и сега според нормативната техника применета во уредбите со законска сила, а покрај тоа овие уредби на Владата можеле да траат само до завршувањето на вонредната состојба, не и потоа), па Собранието требало да ги врши своите законодавни надлежности, дека (5) Владата можела мерките преземени со уредбите со законска сила да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и на Законот за заштита од заразни болести и дека (6) Владата немала овластување во член 126 став 2 од Уставот да донесува уредби со законска сила со времетраење на периодот на вонредната состојба без постоење на Закон за вонредна состојба и без одлука од Собранието за утврдување на постоење на вонредна состојба.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба е донесена врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19).

Во член 1 став 1 од Уредбата се определува дека: „Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.“

Според став 2 од истиот член на Уредбата, „За рокот на важење на лиценца за изработување на урбанистички планови, лиценца за ревизија на урбанистички планови, овластување за изработување на урбанистички планови и овластување за ревизија на урбанистички планови, чиј рок на важење е истечен за време на вонредната состојба, се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.“

Член 2 од Уредбата гласи: „Важноста на лиценцата за изработување на урбанистички планови, лиценцата за ревизија на урбанистички планови, овластувањето за изработување на урбанистички планови и овластувањето за ревизија на урбанистички планови, чиј рок на важење е истечен, се продолжува за време на траењето на вонредната состојба како и 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба.“

Во членот 3 од Уредбата се определува дека: „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Во член 125 став 1 од Уставот на Републиката се определува дека „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.“

Според став 2 од истиот член, „Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.“
Во ставот 3 се утврдува дека „Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.“

Ставот 4, пак, од истиот член на Уставот определува дека „Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.“
Според член 126 став 1 од Уставот, „При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.“

Ставот 2 од истиот член, пак, определува дека „Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.“

Од изнесените уставни одредби, во врска со аспектот од кој се проблематизира конкретната уредба (може ли Владата да донесува уредба со законска сила врз основа на одлука за утврдување на постоење услови за вонредна состојба донесена од претседателот на Републиката и при непостоење на закон за вонредна состојба донесен од Собранието на Републиката), произлегува дека: вонредна состојба настанува (1) ако настанат, покрај другото, големи епидемии (член 125 став 1 од Уставот), (2) постоењето на вонредната состојба го утврдува Собранието на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, и трае најмногу 30 дена (член 125 ставови 2 и 3 од Уставот) и (3) ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката, при што таа одлука се поднесува на Собранието на потврдување тогаш кога тоа ќе може да се состане (член 125 став 4 од Уставот). Од изнесените уставни одредби, понатаму, произлегува дека: при постоење на вонредна состојба (1) Владата, во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (член 126 став 1 од Уставот) и (2) овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае додека Собранието не одлучи дека вонредната состојба е завршена (член 126 став 2 од Уставот).

Со други зборови, настанувањето на вонредната состојба, во принцип, се утврдува од Собранието на Републиката во постапка (по предлог на овластени субјекти), на начин (со одлука како вид на правен акт) и со времетраење (најмногу 30 дена) утврдени во Уставот, а, по исклучок, кога Собранието не може да се состане, постоењето на вонредната состојба се утврдува со одлука на претседателот на Републиката и се поднесува на потврдување до Собранието штом тоа ќе е во можност да се состане. Притоа, во ситуација кога е утврдено постоење на вонредна состојба без оглед дали со одлука на Собранието на Републиката или со одлука на претседателот на Републиката, Владата има уставно овластување да донесува уредби со законска сила, со тоа што тие уредби мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон.

Оттука, понатаму произлегува дека со уредба со законска сила при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба, со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот. Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Со оглед на тоа што, во конкретниот случај, оспорената уредба е донесена во врска со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-526/2, донесена од претседателот на Републиката на 18 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020), а која се однесува на заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, Судот утврди дека оспорената уредба на Владата на Републиката има основа во членовите 125 и 126 од Уставот и не навлегува во слободите и правата утврдени во членот 54 од Уставот. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласност на оспорената уредба со одредбите од Уставот на кои упатува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.113/2020
22 мај 2020 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати