Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 22 мај 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита и спасување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 82/2020 од 27 март 2020 година).
2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.
Во иницијативата е наведено дека не постоел закон за вонредна состојба и не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила додека траела вонредната состојба. Според подносителот на иницијативата претседателот на Собранието требало да свика седница и да се заседава за донесување на Закон за вонредна состојба и тоа да биде утврдено со одлука за постоење на вонредна состојба по предлог на Владата на Република Северна Македонија, а тоа се случувало поради политички анимозитет кон коалицијата на СДСМ и БЕСА, а претседателот на Собранието бил уплашен дека би можел да биде разрешен од функцијата.
Според наводите во иницијативата уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредна состојба а во врска со пандемијата со корона вирусот од 18 март 2020 година таксативно набројани во поднесената иницијатива не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11; член 51; член 68 став 1 алинеи 1 и 2; Амандманот XXIX; член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.
Понатаму, во иницијативата се предлага до донесување на конечна одлука Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од страна на Владата за време на вонредната состојба во врска пандемијата со корона вирусот од 18 март 2020 година, а поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
Според наводите во иницијативата сите уредби коишто ги донела Владата биле типизирани номотехнички и Република Македонија била речиси единствена земја во Европа и во светот без законодавен дом за време на вонредната состојба поради пандемијата со корона вируот, без надзор и контрола врз работата на Владата што било системска деформација. Исто така во иницијативата се наведува дека сите донесени уредби со законска сила претставувале изменување и дополнување на законите коешто било надлежност на Собранието и истите биле донесени без постоење на Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието утврдена во член 126 став 2 од Уставот. Во иницијативата се бара да бидат поништени сите донесени уредби со законска сила поради штетните последици по владеењето на правото суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 27 март 2020 година, донесе
У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Законот за заштита и спасување („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2004, 49/2004, 86/2008, 852009, 114/2009, 124/2010, 18/2011, 93/2012, 41/2014, 129/205, 71/2016, 106/2016 и 83/2018), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. За координирање на работата на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје), за време на траење на вонредната состојба, се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Член 2
За време на траење на вонредната состојба координирањето на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) се врши од страна на координативно тело кое го сочинува главен координатор, заменик на главниот координатор и 8 членови. Главен координатор на координативното тело е заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања. Во случај на отсуство на главниот координатор го заменува заменик на главниот координатор, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување. Членови на координативното тело се државните секретари на Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и 5 члена од редот на инспекторите за заштита и спасување во Дирекцијата за заштита и спасување.
Член 3
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр.44-2494/1 Претседател на Владата
27 март 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Претседателот на Република Северна Македонија со две последователни одлуки заведени под број 08-526/2 од 18 март 2020 година и број 08-607/2 од 16 април 2020 година, утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката. Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/1 од 18.3.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18 март 2020 година.
Во конкретниот случај, Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на член 126 став 1 од Уставот, поточно на уставната определба дека таа при постоење на вонредна состојба донесува уредби со законска сила ја донесува оспорената уредба со законска сила.
Испитувајќи ја оспорената уредба со законска сила утврдивме дека од овие уставни одредби, во врска со конкретниот случај, произлегува дека граѓаните имаат должност да го чуваат „здравјето“ на другите лица и дека за да се зачува здравјето на луѓето може да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото.
Освен тоа, за конкретниот случај е правно релевантен и член 15 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, којашто одредба се однесува токму за „случај на вонредна состојба“ и во истата се наведува зошто треба да се смета за дел од позитивниот уставно-правен поредок на Република Северна Македонија и тоа веднаш под Уставот и над домашните закони (член 118 од Уставот), како и тоа дека претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија (член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот).
Според член 15 став 1 од Конвенцијата „во случај на воена или некоја друга општа опасност, која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка (држава, н.з.) може да преземе мерки коишто отстапуваат од обврските предвидени со оваа Конвенција и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и под услов таквите мерки да не бидат со спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право.
Од изнесената одредба на Европската конвенција произлегува дека при општа опасност за животот на нацијата (или со наша уставна терминологија: во случај на вонредна состојба поради загрозување на здравјето и животот на луѓето) може да се отстапи од правните правила на Конвенцијата, дека отстапувањето мора да биде во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата (или според наша терминологија: во согласност со причината поради која е утврдено постоење на вонредна состојба) и таквите мерки да не бидат во спротивност со другите правни правила (или со наша терминологија: отстапувањето да не излегува надвор од причината за вонредната состојба и да не навлегува во другите правно уредени односи.
Имајќи ги предвид напред изнесените уставни и меѓународно-правни правила за содржината на правните акти и правните норми во случај на вонредна состојба, произлегува дека уредбите со законска сила донесени од Владата на Република Северна Македонија во случај на вонредна состојба мораат да бидат во согласност со причината поради која е утврдено постоење на вонредна состојба, не смеат да излегуваат надвор од причината за вонредната состојба и да навлегуваат во другите правно уредени односи и траат само до завршувањето на вонредната состојба.
Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.
Имајќи го предвид погоре наведеното произлегува дека со оспорената уредба не се повредуваат уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и според Судот, уредувањето согласно Законот за заштита и спасување за време на вонредна состојба во однос на координирање на работата на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила. Исто така со оваа уредба се уредува дека за време на траењето на вонредната состојба координирањето на штабовите на единиците на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) се врши од страна на координативно тело кое го сочинува главен координатор, заменик на главниот координатор и 8 членови.. Оттука, се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила и истото не е во спротивност со уставните одредби низ чија призма Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста на уредбите со законска сила за примена на законот (односно согласно на членовите 54, 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија).
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.92/2020
22 мај 2020 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати