У.бр.121/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 20 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредитит за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

3. Подносителот во иницијативата наведува дека, Владата ја донела Уредбата со законска сила согласно ставот 1 на член 126 од Уставот според кој при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесувала уредби со законска сила, меѓутоа во овој случај Владата го пропуштила ставот 2 на истиот член со кој овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила траело до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучувало Собранието при што наместо претседателот на Собранието да го свикал Собранието да заседавало заради донесувањето на Законот за вонредна состојба и да го утврдел со Одлука постоењето на вонредната состојба на предлог на Владата, претседателот на Собранието надлежноста за донесувањето на Одлуката за утврдување постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година, ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието било распуштено, а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.

Понатаму во иницијативата се наведува дека, Уставниот суд не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од членот 68 став 1 алинеја 16 од Уставот според која Собранието вршело политичка конторола и надзор на Владата и над другите ноосители на јавни функции што се одговорни пред Собранието а можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата. Единствено на потврдување од Собранието подлежела Одлуката за утврдување на вонредната состојба а не и уредбите со законска сила, бидејќи истите биле со важност додека траела вонредната состојба. Доколу Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжеле и по завршуавњето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежат на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување.

Подносителот смета дека Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 3 од Уставот немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната состојба.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила, е со следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 3 април 2020 година донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ПРИ ДОГОВОРИ ЗА ПОТРОШУВАЧКИ КРЕДИТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/11, 145/15, 23/16 и 20/19) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. На висината на трошоците кои не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

Кредиторите не смеат да наплатуваат трошоци кои не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци кои надминуваат 30% од износот на одобрениот кредит.

Член 3

Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на кредиторот ако постапува спротивно на одредбите од член 2 од оваа уредба со законска сила.

Член 4

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2810/1                                                                                                                                                                                                                            Претседател на Владата
3 април 2020 година                                                                                                                                                                                                       на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                         Оливер Спасовски, с.р

5. Според член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија владеењето на правото, поделбата на државната власта на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународ­ното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Член 125 од Уставот пропишува дека, постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2). Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3).

Согласно членот 126 став 2 од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Во Република Северна Македонија, согласно член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, поради неможноста на Собранието како надлежен орган за прогласување на вонредна состојба да се состане, од страна на претседателот на Република Северна Македонија, донесени се три последователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба заради заштита и спречување со последиците од коронавирусот COVID 19, првата на ден 18.03.2020 година, за период од 30 дена, втората на ден 16.04.2020 година, за период од 30 дена и третата на ден 16.05.2020 година, за период од 14 дена, а во моментот кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му бидат поднесени на потврдување согласно член 125 став 4 од Уставот.

Во суштина вонредната состојба претставува состојба во која поради настанување на големи природни непогоди или епидемии, со цел справување со причините и/или последиците, се излегува од воспоставениот ред, и во такви околности мерките коишто се преземаат од владите во вонредна состојба мора да бидат дизајнирани и насочени кон справување со причинителот на состојбата, последиците од истата, да презема мерки коишто се во суштинска врска со причинителот и последиците, со времен карактер и лимитиран интензитет, при што има уставни овластувања за ограничување на човековите права за таа цел (освен оние кои не можат да бидат ограничени ни во вонредна состојба), се со цел, (брзо, во временска смисла) да го повратат уставниот поредок со кој човековите права повторно ќе можат целосно да бидат обезбедени. Вонредната состојба е уставна материја, и во време на вонредна состојба Владата мора да ги почитува темелните вредности на уставниот поредок особено владеење на правото.

Според член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Ваквото овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Исто така, сметаме дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во членот 125 и членот 126, односно од одлуката на претседателот со која е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот.

Поаѓајќи од одредбите на членот 126 од Уставот, дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата донесува уредби со законска сила и ова овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието, неспорно е дека оспорената уредба е во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со Уставот јасно е определено дека кога Собранието не е во можност да се состане, претседателот на Републиката може да прогласи постоење на вонредна состојба, дека одлуката за прогласување се доставува на потврдување на Собранието штом тоа ќе може да се состане, како и Собранието одлучува за завршување на вонредната состојба. Прашањето за донесување на уредби со законска сила во услови на вонредна состојба, е поврзано со вонредната состојба и неспорно со Уставот е дадено такво овластување на Владата на Републиката. Не е спорно прашање од уставно-правен карактер дали Владата има овластување да донесува уредби со законска сила бидејќи со Уставот е дадено такво овластување и постои уставен основ за тоа.

Со оглед на тоа што на 18.03.2020 година претседателот на Републиката донел одлука за прогласување на вонредна состојба, неспорна е надлежноста на Владата на Република Северна Македонија да носи уредби со законска сила, со што целосно е неоснован наводот од иницијативата дека уредбата е спротивна на член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

Од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила, произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, ги уредила трошоците коишто не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, односно кредиторите не смеаат да наплатуваат трошоци коишто не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци кои надминуваат 30 % од износот на одобрениот кредит. Доколку се постапува спротивно на наведената одредба на кредиторите за прекршок ќе им биде изречена глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност.

Неспорно е дека оваа мерка е тесно поврзана, односно предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба – епидемија од COVID-19, дека е во согласност со причините и последиците од истата и го опфаќа периодот на вонредната состојба. Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што сметаме дека не излегува надвор од овластувањето кое согласно Уставот го има Владата во вонредна состојба.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Решението по однос на членот 3 од Уредбата е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.121/2020
20 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати