У.бр.75/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 20 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2020, 76/2020, 94/2020, 97/2020 и 100/2020).

2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот наведува дека без постоење на Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието за постоење на вонредна состојба, Владата не можела да го оствари своето овластување да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба.

Според подносителот, уредба на Владата, па макар и со законска сила не претставувала закон. Оттука, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила не значело дека Владата треба да го супституира Собранието, односно да ја преземе неговата улога на законодавната власт и преку уредби со законска сила да изменува и дополнува закони како што се правело со конкретната уредба. Ова било во исклучива надлежност на Собранието. Во контекст на оваа се повикува на темелните вредности на уставниот поредок, односно начелото на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Понатаму, подносителот смета дека голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.

Врз основа на вака изнесените наводи, со иницијативата се бара поништување на оспорената уредба со законска сила како спротивна на одредбите од Уставот наведени во иницијативата, а до донесувањето на конечната одлука се предлага донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила, поради штетни последици од владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата, како и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2020), Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. Според ставот 2 на истиот член, за видот на болеста која се пренесува од човек на човек за која при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин), за лицeто на коe му се одредува строга изолација (карантин), за одредување на мерката строга изолација (карантин), за објектите за спроведување на мерката строга изолација (карантин) и за местото и за времетраењето на примена на мерката строга изолација (карантин), за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Судот, исто така, утврди дека според член 2 став 1, за заболени од заразната болест коронавирус COVID-19, при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови или во здравствена установа, за што одлучува здравствен работник по извршена проценка на тежината на клиничката слика. Според ставот 2 на истиот член, на лице кое било или се сомнева дека било во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со Коронавирус COVID-19 се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација) во времетраење од 14 дена, за што лицето потпишува писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе ја почитува мерката, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесува решение. Според ставот 3 на истиот член, доколку лицето од ставот 2 на овој член не ја применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата на Република Северна Македонија, за што Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија донесуваат решение. Според ставот 4 на истиот член, на државјанин на Република Северна Македонија кој влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објектите од став 3 на овој член.

Понатаму, членот 3 предвидува дека за времетраењето на мерката строга изолација (карантин), лицето не смее да ја напушта просторијата во која е сместено ( став 1). За безбедноста на објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, за спроведување на мерката строга изолација (карантин), се грижат Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат влезните пристапи во објектот, а доколку објектот е на катови ги обезбедуваат и сите катови (став 2). Припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, кои ги обезбедуваат објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, во кои се спроведува мерката строга изолација (карантин), задолжително носат заштитна опрема (став 3). Владата на Република Северна Македонија објавува јавен повик за изразување интерес за сите хотели на територијата на Република Северна Македонија кои имаат повеќе од 50 легла и кои се заинтересирани доброволно да ги отстапат своите капацитети за потребите на државен карантин за населението во Република Северна Македонија и кои ќе понудат најмногу до 10 евра во денарска противредност за трошоците за исхрана, сместување и хигиенски средства (став 4). Договорот со хотелите кои ќе изразат интерес да го склучи Владата на Република Северна Македонија – Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, со спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас (став 5). Трошоците за исхрана, сместување и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата кои влегуваат на граничните премини во Република Северна Македонија, се надоместуваат од средства од буџетот на Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, ставка 425, договорни услуги (став 6). Трошоците за исхрана, сместување и одржување на хигиената во објектите во кои се спроведува мерката карантин за лицата на кои не ја почитувале мерката строга изолација (карантин) во домашни услови (домашна изолација), се надоместуваат од страна на тие лица (став 7). Трошоците за превоз на лицата од граничните премини во Република Северна Македонија и од Меѓународниот Аеродром Скопје до објектите за државен карантин се на товар на Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, со спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас (став 8).

Според член 4 став 1, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија заради отстранување на утврдените неправилности имаат право и обврска да поднесат кривична пријава против лицето од член 2 од оваа уредба со законска сила на која се применува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови, во здравствена установа или во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила, доколку тоа своеволно го напушти карантинот пред истекот на неговото времетраење. Според ставот 2 на истиот член, доколку за лицето од став 1 на овој член се определи мерка притвор, истата се спроведува во објектите од член 2 став 3 од оваа уредба со законска сила.

Членот 5 предвидува дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Судот, исто така, утврди дека оспорената уредба со законска сила има повеќе изменувања и дополнувања кои се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 76/2020, 94/2020, 97/2020 и 100/2020.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)

Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Членот 126 став 1 од Уставот предвидува дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 од истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Согласно членот 10 од Законот за Влада на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 26/01, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието.

Од вака утврдените уставни и законски одредби произлегува дека вонредната состојба е институт со своја специфика. За време на истата, Владата добива овластување да донесува уредби со законска сила коишто претставуваат sui generis пропис, различен од законите. Притоа, во услови на ваква состојба мора да се обезбеди почитување на темелните вредности на уставниот поредок. Понатаму, во услови на вонредна состојба се ограничуваат човековите права, од каде се наметнува и потребата овој институт да има точно утврдени и општо прифатени начела согласно меѓународните документи (Пактот за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права), коишто се ратификувани од Република Северна Македонија.

Со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Претседателот на Републиката, врз основа на член 125 став 4 од Уставот, а притоа во ситуација кога Собранието не може да се состане, донесе три последователни одлуки од 18.03.2020, 16.04.2020 и 16.05.2020 год. (за период од 30 дена со првата, 30 дена со втората и 14 дена со третата) за утврдување на постоење на вонредна состојба на тери-торијата на Републиката, заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот Covid-19.

Владата на Република Северна Македонија, во услови на прогласена вонредна состојба и овластувањето од член 126 став 1 од Уставот, како и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија ја донела оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2020, 76/2020, 94/2020, 97/2020 и 100/2020).

Од анализата на одредбите на оспорената уредба со законска сила произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, пропишала дека за времетраење на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите на оваа уредба со законска сила, наместо Законот за заштита на населението од заразни болести.

Притоа, Владата пропишала дека за видот на болеста која се пренесува од човек на човек за која при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин), за лицeто на коe му се одредува строга изолација (карантин), за одредување на мерката строга изолација (карантин), за објектите за спроведување на мерката строга изолација (карантин) и за местото и за времетраењето на примена на мерката строга изолација (карантин), за време на траењето на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите од оспорената уредба со законска сила.

Според наводите во иницијативата, конкретната уредба со законска сила и нејзините изменувања и дополнувања биле спротивни на повеќе уставни одредби. Притоа, наводите се дадени општо со заклучоци во однос на тоа што уредуваат наведените уставни одредби, како да се толкуваат и применуваат, без да се наведат конкретни причини и образложени наводи поради коишто оспорената уредба била неуставна од аспект на предметот на уредување со истата.

Според Судот, ваквите наводи се неосновани и од аспект на истите не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената уредба со законска сила. Судот смета дека со оспорената уредба со закон­ска сила не се повредуваат уставните одредби коишто ги наведува подноси­телот, од причина што станува збор за уредба чија основна цел е регулирање на мерката строга изолација (карантин) поради спречување на ширење на коронавирусот Covid-19 меѓу населението. Истата има легитимна цел и општествена оправданост и претставува разумна и пропорционална мерка на целта којашто треба да се постигне, поради што со донесувањето на оспорената уредба со законска сила не се излегува надвор од овластувањето коешто согласно Уставот го има Владата во услови на прогласена вонредна состојба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.75/2020
20.05.2020 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати