Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 22 мај 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.92/2020 и 116/2020)
2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.
3. Подносителот во иницијативата наведува дека, Владата ја донела Уредбата со законска сила согласно ставот 1 на членот 126 од Уставот според кој при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесувала уредби со законска сила, меѓутоа во овој случај Владата го пропуштила ставот 2 на истиот член со кој овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила траело до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучувало Собранието при што наместо претседателот на Собранието да го свикал Собранието да заседавало заради донесувањето на законот за вонредна состојба и да го утврдел со одлука постоењето на вонредната состојба на предлог на Владата, претседателот на Собранието надлежноста за донесување на Одлука за утврдување постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година, ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието било распуштено, а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.
Понатаму во иницијативата се наведува дека, Уставниот суд не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот според која Собранието вршело политичка контрола и надзор на Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието, а можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата. Единствено на потврдување од Собранието подлежела Одлуката за утврдување на вонредната состојба, а не и уредбите со законска сила бидејќи истите биле со важност додека траела вонредната состојба. Доколку Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжеле и по завршувањето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежат на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување.
Подносителот смета дека Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 3 од Уставот немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната состојба.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила, е со следната содржина:
Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 2 април 2020 година, донесе
УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ИСПЛАТА НА ПРИДОНЕСИ ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНО СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Со оваа уредба со законска сила, се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, за месеците април, мај и јуни 2020 година.
Член 2
Одделни изрази употребени во оваа уредба со законска сила го имаат следново значење: 1) „Работодавач“ е секој правен субјект од приватниот сектор кој вработува работници врз основа на договор за вработување и физичко лице вршител на самостојна дејност кој вработува работници врз основа на договор за вработување, како и работодавач корисник согласно Законот за приватни агенции за вработување; (2) „Обврзник за пресметка и уплата на придонесите“ е правно лице, самовработено лице согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и приватната агенција за вработување (во натамошниот текст: обврзник); 3) „Осигуреник“ е физичко лице задолжително осигурено според законите кои го уредуваат системот на задолжително социјално осигурување.
Член 3
(1) Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила, не може да користат: – орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институции кои вршат дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и – приватна агенција за вработување за осигуреник кој е отстапен кај обврзник од став (1) алинеја 1 на овој член. (2) Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување не може да се користи за лицe- работник со дополнително работење со неполно работно време кај друг работодавач, согласно членот 121 од Законот за работните односи.
Член 4
(1) На работодавач, за секој осигуреник, за месеците април, мај и јуни 2020 година, му се субвенционира износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување во висина од 50% од пресметаните придонеси од задолжително социјално осигурување од страна на обврзникот, но најмногу до 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за месец јануари 2020 година. (2) За користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување од став (1) на овој член, работодавачот треба да ги исполни следните услови: а) намалувањето на вкупните приходи во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%; б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување, да не е намален за месец април, мај и јуни 2020 година во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, освен во случај на пензионирање или смрт и в) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година.
Член 5
(1) Субвенционирање на износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила, не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на нето плата во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и мај 2020 година согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено – економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година. (2) Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила не може да се користи истовремено за вработен за кој работодавачот користи субвенционирање согласно Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 239/19).
Член 6
(1) За остварување на правото од член 4 став (1) од оваа уредба со законска сила, работодавачот поднесува Барање за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување до Управата за јавни приходи. (2) Во Барањето од ставот (1) на овој член, работодавачот приложува Изјава од застапникот по закон за исполнетоста на условите од членот 4 став (2) и членот 5 од оваа уредба со законска сила. (3) Поднесувањето на Барањето од ставот (1) на овој член, се врши преку системот Е-даноци на Управата за јавни приходи, а комплетното барање од ставот (1) на овој член, го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од пет дена од денот на неговото доставување. (4) Образецот на Барањето од ставот (1) на овој член, е даден во Прилог и е составен дел на оваа уредба со законска сила.
Член 7
(1) Обврзникот во Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец), што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на плаќањето на придонеси во полето 3.23 внесува шифра 620. (2) Управата за јавни приходи, за осигурениците за кои е одобрено субвенционирање, го намалува износот на обврската за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за износот на одобреното субвенционирање на придонесите согласно член 4 став (1) од оваа уредба со законска сила. (3) Податоците за одобреното субвенционирање на плаќање на придонеси согласно ставот (2) на овој член, Управата за јавни приходи ги доставува до Министерството за труд и социјална политика, најдоцна до 20-ти во месецот за претходниот месец. (4) Износот на одобрените субвенции на придонеси во претходниот месец го уплатува Министерството за труд и социјална политика на посебни сметки за придонеси од задолжително социјално осигурување, најдоцна во рок од 10 дена по прием на податоците од страна на Управата за јавни приходи.
Член 8
(1) Работодавачот кој користел субвенција за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување должен е да ги врати добиените финансиски средства во целост, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите од членот 4 став (2) и членот 5 од оваа уредба со законска сила, врз основа на решение за утврдена неправилност. (2) Работодавачот кој го искористил правото од член 4 став (1) од оваа уредба со законска сила, а не ги исполнил условите од членот 4 став (2) и членот 5 од оваа уредба со законска сила, должен е да го врати износот на субвенции за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија.
Член 9
(1) Работодавачот кој го искористил правото на субвенционирање за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, должен е примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од: – остварениот финансиски резултат за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи од Даночниот биланс; – остварениот финансиски резултат од Билансот на успех (добивка пред оданочување) за 2020 година за обврзниците кои се во режимот на годишен данок на вкупен приход; – износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во образецот Б, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност. (2) Враќањето на износот од ставот (1) на овој член, ќе се изврши на три месечни рати без камата во месец април, мај и јуни 2021 година. (3) Доколку работодавачот не постапил согласно ставовите (1) и (2) на овој член, Управата за јавни приходи ќе изврши наплата по службена должност.
Член 10
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-2784/1 Претседател на Владата
2 април 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р
Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 5 мај 2020 година, донесе
УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ИСПЛАТА НА ПРИДОНЕСИ ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНО СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Во Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 92/20), во член 2 во точката 1) зборовите „од приватниот сектор” се бришат.
Член 2
Во член 4 во ставот (1) зборовите „за месец јануари” се заменуваат со зборовите „во месец јануари”. Ставот (2) се менува и гласи: „ (2) За користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување од став (1) на овој член, работодавачот треба да ги исполни следните услови: а) намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво намалени за одделни еднократни приходи кои непроизлегуваат од редовното работење остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%; б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување за времетраење на субвенционирање на исплaта на придонеси од задолжително социјално осигурување Службен весник на РСМ, бр. 116 од 5.5.2020 година 2 од 6 согласно оваа уредба со законска сила и два месеци по нејзиното престанување (заклучно со месец август 2020 година), во однос на бројот на вработени во месец април 2020 година, да не е намален, освен заради: 1. пензионирање и смрт на работник; 2. откажување на договорот за вработување од страна на работникот; 3. откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски; 4. спогодбено преземање на работник; 5. престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и 6. престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.“ в) вкупниот број на вработени кај работодавачот-корисник на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, согласно точката б) на овој став, да не е намален заклучно со месец август 2020 година, за повеќе од: – 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел субвенција; – 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел субвенција и – 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел субвенција и г) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност на работодавачот со шифра 102 во Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец) на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот на исплатата на платата за месец јуни 2020 година.”
Член 3
Во член 5 ставот (1) се менува и гласи: „(1) Субвенционирање на износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила, не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на плати во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и мај 2020 година согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено – економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, освен работодавачите кои ги вршат дејностите наведени согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт, шифра 51 – воздухопловен транспорт и шифра 52 – складирање и помошни дејности во превозот) кој за 2018 и 2019 година немаат искажано загуба после оданочување и немаат неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листата на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 објавена на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29.2.2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно податоците за задолженост од соодветен регистар/биро“.
Член 4
Прилогот се заменува со нов Прилог, кој е составен дел на оваа уредба со законска сила.
Член 5
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 44-3708/1 Претседател на Владата
5 мај 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р.
5. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија владеењето на правото, поделбата на државната власта на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).
Членот 125 од Уставот пропишува дека, постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2). Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3).
Согласно член 126 став 2 од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Во Република Северна Македонија, согласно член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, поради неможноста на Собранието како надлежен орган за прогласување на вонредна состојба да се состане, од страна на претседателот на Република Северна Македонија, донесени се две последователни одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба заради заштита и спречување со последиците од коронавирусот COVID 19, првата на ден 18.03.2020 година и втората на ден 16.04.2020 година, а во моментот кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му бидат поднесени на потврдување согласно член 125 став 4 од Уставот.
Во суштина вонредната состојба претставува состојба во која поради настанување на големи природни непогоди или епидемии, со цел справување со причините и/или последиците, се излегува од воспоставениот ред, и во такви околности мерките коишто се преземаат од владите во вонредна состојба мора да бидат дизајнирани и насочени кон справување со причинителот на состојбата, последиците од истата, да презема мерки коишто се во суштинска врска со причинителот и последиците, со времен карактер и лимитиран интензитет, при што има уставни овластувања за ограничување на човековите права за таа цел (освен оние кои не можат да бидат ограничени ни во вонредна состојба), се со цел, (брзо, во временска смисла) да го повратат уставниот поредок со кој човековите права повторно ќе можат целосно да бидат обезбедени. Вонредната состојба е уставна материја, и во време на вонредна состојба Владата мора да ги почитува темелните вредности на уставниот поредок особено владеење на правото.
Според член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Ваквото овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.
Исто така сметаме дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на Закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во членот 125 и членот 126, односно од одлуката на претседателот со која е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот.
Поаѓајќи од одредбите на членот 126 од Уставот, дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата донесува уредби со законска сила и ова овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието, неспорно е дека оспорената уредба е во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со Уставот јасно е определено дека кога Собранието не е во можност да се состане, претседателот на Републиката може да прогласи постоење на вонредна состојба, дека одлуката за прогласување се доставува на потврдување на Собранието штом тоа ќе може да се состане, како и Собранието одлучува за завршување на вонредната состојба. Прашањето за донесување на уредби со законска сила во услови на вонредна состојба, е поврзано со вонредната состојба и неспорно со Уставот е дадено такво овластување на Владата на Републиката. Не е спорно прашање од уставно-правен карактер дали Владата има овластување да донесува уредби со законска сила бидејќи со Уставот е дадено такво овластување и постои уставен основ за тоа.
Со оглед на тоа што на 18.03.2020 година претседателот на Републиката донел одлука за прогласување на вонредна состојба, неспорна е надлежноста на Владата на Република Северна Македонија да носи уредби со законска сила, со што целосно е неоснован наводот од иницијативата дека Уредбата е спротивна на член 125 ставовите 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.
Во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, на 2 април 2020 година, во услови на прогласена вонредна состојба на територијата на целата Република, донесе Уредба со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба и на 5 мај 2020 година Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба
Од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила, произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, пропишала дека работодавачите имаат право на користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, за месеците април, мај и јуни 2020 година, под конкретно определени услови, начин и постапка. На тој начин Владата овозможува финансиска подршка за работодавачите кои претрпеле одредени штети во своето работење во услови на вонредна состојба којашто е прогласена на целата територија на Републиката, поради постоење на епидемија од нов вид на вирус COVID-19, заради заштита и справување со последиците од ширењето на тој вирус.
Неспорно е дека, оваа мерка е тесно поврзана, односно предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба – епидемија од коронавирусот COVID-19, дека е во согласност со причините и последиците од истата и го опфаќа периодот на вонредната состојба. Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што сметаме дека не излегува надвор од овластувањето коешто согласно Уставот го има Владата во вонредна состојба.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Решението по однос на членот 9 од Уредбата е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.130/2020
22 мај 2020 г.
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати