У.бр.72/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 20 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Уредбата за поблиските услови за подготовка на документите за електронско складирање и квалификувано електронско складирање и форматите на документите кои се погодни за складирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

3. Подносителот во иницијативата наведува дека, Владата ја донела Уредбата со законска сила согласно ставот 1 на член 126 од Уставот според кој при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесувала уредби со законска сила, меѓутоа во овој случај Владата го пропуштила ставот 2 на истиот член со кој овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила траело до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучувало Собранието при што наместо претседателот на Собранието да го свикал Собранието да заседавало заради донесувањето на Законот за вонредна состојба и да го утврдел со Одлука постоењето на вонредната состојба на предлог на Владата, претседателот на Собранието надлежноста за донесувањето на Одлуката за утврдување постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година, ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието било распуштено, а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.

Понатаму во иницијативата се наведува дека, Уставниот суд не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од членот 68 став 1 алинеја 16 од Уставот според која Собранието вршело политичка конторола и надзор на Владата и над другите ноосители на јавни функции што се одговорни пред Собранието а можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата. Единствено на потврдување од Собранието подлежела Одлуката за утврдување на вонредната состојба а не и уредбите со законска сила, бидејќи истите биле со важност додека траела вонредната состојба. Доколу Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжеле и по завршуавњето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежат на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување.

Подносителот смета дека Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 3 од Уставот немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната состојба.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба, е со следната содржина:

Врз основа на член 58 став 5 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19 и 275/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 17 март 2020 година, донесе

УРЕДБА ЗА ПОБЛИСКИТЕ УСЛОВИ ЗА ПОДГОТОВКА НА ДОКУМЕНТИТЕ ЗА ЕЛЕКТРОНСКО СКЛАДИРАЊЕ И КВАЛИФИКУВАНО ЕЛЕКТРОНСКО СКЛАДИРАЊЕ И ФОРМАТИТЕ НА ДОКУМЕНТИТЕ КОИ СЕ ПОГОДНИ ЗА СКЛАДИРАЊЕ

Член 1

Со оваа уредба се уредуваат поблиските услови за подготовка на документите за електронско складирање и квалификувано електронско складирање, како и форматите на документите кои се погодни за складирање.

Член 2

Од страна на правното лице кое подготвува документи кои се погодни за електронско складирање, треба да се донесат внатрешни правила за подготовка на документи за сигурносно електронско складирање, согласно Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги и со оваа уредба, со кои се допрецизираат: 1) начинот на организација на документите за сигурносно електронско складирање, вклучувајќи и утврдување на работата и задачите на лицата задолжени за подготовка на документите за сигурносно електронско складирање, 2) начинот на: а) преземање на документите кои се предмет на подготовка за сигурносно електронско складирање, б) идентификација на изворниот документ, в) идентификација на други податоци кои го карактеризираат документот или произлегуваат од документот, г) контрола на точноста и квалитетот на конверзијата на форматот на електронскиот документ и на дигитализацијата на документот, д) утврдување на веродостојноста на дигитализираниот или конвертираниот документ со изворниот документ и точноста на метаподатоците; 3) начинот на враќање на документите кои биле предмет на сигурносно електронско складирање, 4) начинот на водење на евиденција за спроведени постапки за сигурносно електронско складирање на документи, 5) начинот на проверка на исполнетост на техничко – технолошки барања кои се однесуваат на информациските системи на кои се врши конверзија или дигитализација на документите, 6) мерките за заштита за безбедноста на информациските системи на кои се чуваат документите и 7) контролата на примената на внатрешните правила.

Член 3

Подготовката на документите за сигурносно електронско складирање кај правното лице се врши од страна на лица кои се овластени да ракуваат со документи во кои се содржани потписи, ракописи или записници, согласно прописите од областа на архивското и канцелариското работење. Лицата од ставот 1 на овој член, за целиот процес на подготовка на документите за сигурносно електронско складирање, а по завршување на процесот на сигурносно складирање изготвуваат извештај кој содржи: 1) опис на преземените мерки за зачувување на интегритетот на содржината на документот, 2) евиденција за документите кои првично биле создадени во електронска форма, а се предмет на сигурносното електронско складирање, 3) евиденција за конвертираните документи, 4) евиденција за дигитализираните документи кои се предмет на сигурносното електронско складирање, 5) опис на преземените мерки за зачувување на употребливост на оригиналниот документ и неговите дополнителни елементи и прилози, 6) евиденција за употребените електронски потпис или печат и електронски временски жиг на складираниот документ, 7) опис на системите на кои се зачувани документите произлезени од процесот на сигурносно електронско складирање и 8) логовите за сите преземени дејствија во текот на процесот на сигурносно електронско складирање на документи. При подготовка на документ за сигурносно електронско складирање, лицето од ставот 1 на овој член треба да ги идентификува сите делови од оригиналниот документ без оглед на форматот, како е креиран документот и другите технички карактеристики на документот. Извештајот од ставот 2 на овој член се потврдува со електронски печат на лицето кое ја спровело постапката за сигурносно електронско складирање на документи и со електронски временски жиг. Документите кои биле предмет на сигурносно електронско складирање се враќаат на начин утврден со внатрешните правила, согласно член 2 точка 3) од оваа уредба.

Член 4

Од страна на лицето кое ги подготвува документите за сигурносно електронско складирање се дигитализира документот кој изворно не е настанат во електронска форма, во формат погоден за електронско складирање, при што треба:
1) да се осигура дека надворешната форма на документот подготвен за сигурносно електронско складирање е идентична со формата на оригиналниот документ,
2) ако во документот се вклучени и метаподатоци, да се прикажат метаподатоците на дигитализираниот документ, и тоа: а) дополнителни информации релевантни за утврдување на автентичноста на документот; б) датум на дигитализација на документот; в) информации за лицето кое ја спровело постапката за дигитализацијата; г) податоци за форматот во кој е зачуван документот; д) технички податоци за средствата со кои е дигитализиран документот; ѓ) информации за оштетување на содржината, формата или форматот на документот.
3) складираниот документ, записите и преземените дејствија да се зачуваат одделно од оригиналниот документ.

Член 5

При подготовка на електронски документ кој изворно настанал во електронски облик, а кој е погоден за сигурносно електронско складирање, од страна на лицето што ги подготвува документите за сигурносно електронско складирање, треба:
1) да се провери документот и да се преземат мерки за обезбедување на целовитоста на документот при процесот на сигурносно електронско складирање без конверзија,
2) ако во документот се вклучени и метаподатоци, да се прикажат метаподатоците на електронскиот документ, и тоа: a) податоци за форматот на електронскиот документ или делови од електронскиот документ, б) дополнителни податоци релевантни за автентикација, в) датум на настанување на документот и г) податоци што укажуваат на валидноста на сертификатот за употребениот електронски потпис, електронски печат и временски жиг во времето на нивното нанесување на електронскиот документ и
3) складираниот документ, записите и преземените дејствија да ги зачува одделно од оригиналниот документ.

Член 6

Ако дигитализираниот документ или електронскиот документ кој е предмет на сигурносно електронско складирање на документи, е во несоодветен формат или е во формат кој може да има влијание врз понатамошното сигурносно електронско складирање, документот треба да се конвертира.

Член 7

Информацискиот систем што го овозможува процесот на подготвување на документот за сигурносно електронско складирање треба да обезбеди чување логови за складираниот документ. Информацискиот систем што го овозможува процесот на подготвување на документот за сигурносно електронско складирање треба да го исполнува стандардот ISO 14641.

Член 8

Зачувување на валидноста на електронските потписи и на придружните податоци во документите, како и зачувување на интегритетот на дигиталните објекти, без разлика дали објектите се потпишани или не, се врши согласно стандардот ETSI SR 019 510. Документите кои се предмет на електронско складирање се складираат во PDF/A-2 формат со примена на стандардот ISO 32000. Документите кои се предмет на квалификувано електронско складирање се складираат во PDF/A-3 формат со примена на стандардот ISO 32000.

Член 9

Оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

5. Согласно член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Член 126 став 1 од Уставот пропишува дека, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имено, согласно член 35 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 26/01, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Тргнувајќи од анализата на актот којшто се оспорува со иницијативата произлегува дека станува збор за уредба којашто е донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија, согласно член 58 став 5 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019 и 275/2019) со која се уредуваат поблиските услови за подготовка на документите за електронско складирање и квалификувано електронско складирање, како и формите на документите коишто се погодни за складирање.

Од друга страна, анализата на наводите од иницијативата покажува дека истите не можат да се стават во директна корелација со она што е предмет на уредување во оспорената уредба, односно истите упатуваат на уредби со законска сила кои Владата ги донесува при постоење на воена или вонредна состојба во согласност со Уставот и со закон.
Имајќи го предвид наведеното произлегува дека, предметната уредба покрај тоа што не претставува уредба со законска сила донесена согласно член 126 од Уставот, во иницијативата со којашто се оспорува истата не се содржани аргументирани и образложени причини за оценување на нејзината уставност што значи постоење на процесни пречки за одлучување, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.72/2020
20 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати