Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 22 мај 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 71/2020 од 7 април 2020 година).
2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.
Во иницијативата е наведено дека не постоел закон за вонредна состојба и не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила додека траела вонредната состојба. Според подносителот на иницијативата претседателот на Собранието требало да свика седница и да се заседава за донесување на Закон за вонредна состојба и тоа да биде утврдено со одлука за постоење на вонредна состојба по предлог на Владата на Република Северна Македонија, а тоа се случувало поради политички анимозитет кон коалицијата на СДСМ и БЕСА, а претседателот на Собранието бил уплашен дека би можел да биде разрешен од функцијата.
Според наводите во иницијативата уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредна состојба а во врска со пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година таксативно набројани во поднесената иницијатива не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11; член 51; член 68 став 1 алинеи 1 и 2; Амандманот XXIX; член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.
Понатаму во иницијативата се предлага до донесување на конечна одлука Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од страна на Владата за време на вонредната состојба во врска пандемијата со корона вирусот од 18 март 2020 година, а поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
Според наводите во иницијативата сите уредби коишто ги донела Владата биле типизирани номотехнички и Република Македонија била речиси единствена земја во Европа и во светот без законодавен дом за време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавируот, без надзор и контрола врз работата на Владата што било системска деформација. Исто така, во иницијативата се наведува дека сите донесени уредби со законска сила претставувале изменување и дополнување на законите коешто било надлежност на Собранието и истите биле донесени без постоење на Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието утврдена во член 126 став 2 од Уставот. Во иницијативата се бара да бидат поништени сите донесени уредби со законска сила поради штетните последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седница, одржана на 20 март 2020 година донесе
У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/2019), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. За важноста на возачката дозвола чиј рок на важење е истечен, како и за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто-школите и спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Член 2
Важноста на возачката дозвола чиј рок на важење е истечен се продолжува за време на траење на вонредната состојба.
Член 3
Започнатите постапки за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто школите и спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, се одложуваат за време на траење на вонредната состојба. Роковите на важење на документите што согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се утврдени за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто школите и за спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, продолжуваат да важат за време на траењето на вонредната состојба, како и по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на престанокот на рокот на важењето на документот до денот на истекот на траењето на вонредната состојба.
Член 4
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр.44-2397/1 Претседател на Владата
20 март 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со членот 51 од Уставот, е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 126 став 1 од Уставот, е утврдено дека при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 на овој член од Уставот, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Во конкретниот случај, претседателот на Република Северна Македонија со две последователни одлуки заведени под број 08-526/2 од 18 март 2020 година и број 08-607/2 од 16 април 2020 година, утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката. Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со Коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/1 од 18.3.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18 март 2020 година.
Владата на Република Северна Македонија, повикувајќи се на прогласената вонредна состојба и овластувањето од член 126 став 1 од Уставот, донела Уредба со законска сила за примена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 71/2020 од 7 април 2020 година) и истиот ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
Со наводите во иницијативата се оспорува предметната уредба со законска сила како спротивна на повеќе уставни одредби, со изложување на наводи и заклучоци во однос на тоа што тие уредувале и како требало да се толкуваат и применуваат, меѓутоа во истата не се изнесени конкретни и образложени наводи за причините поради коишто се смета дека неуставно било во услови на прогласена вонредна состојба заради епидемија, да се одлага примена на закон, а коешто било предмет на уредување со оспорената уредба со законска сила.
Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.
Согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/2019) се уредуваат безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, авто-школи, испитни центри и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.
Со оспорената уредба со законска сила се предвидува дека за важноста на возачката дозвола чиј рок на важење е истечен, како и за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто- школите и спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила. Важноста на возачката дозвола чиј рок на важење е истечен се продолжува за време на траење на вонредната состојба.
Воедно, Владата за време на траење на вонредната состојба уредила дека започнатите постапки за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто школите и спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, се одложуваат за време на траење на вонредната состојба. Роковите на важење на документите што согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се утврдени за спроведување на обуките за оспособување на кандидат за возач во авто школите и за спроведување на возачкиот испит на кандидатот за возач во испитните центри, кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, продолжуваат да важат за време на траењето на вонредната состојба, како и по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на престанокот на рокот на важењето на документот до денот на истекот на траењето на вонредната состојба.
Што се однесува до наводите од подносителот на иницијативата дека во отсуство на донесен закон за вонредна состојба, Владата не можела да донесува уредби со законска сила, истите не се основани, бидејќи овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила при постоење на воена или вонредна состојба, директно произлегува од одредбите на Уставот, поточно од членот 126 од Уставот.
Во оваа насока, а врз основа на овластувања од членот 126 од Уставот, Владата, за времетраењето на прогласената вонредна состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може да запре од извршување одредени закони на одредено време, да одредува нови и да пролонгира рокови, како што е во конкретниот случај тоа е сторено со предметната уредба со законска сила како неопходна мерка во периодот додека трае вонредната состојба предизвикана од епидемијата.
Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека од аспект на наводите содржани во иницијативата, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба со законска сила со уставните одредби на кои се повикува подносителот со иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.68/2020
22 мај 2020 г.
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати