Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 14 мај 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/6 од 6 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.92/2020), донесена од Владата на Република Северна Македонија.
2. До Уставниот суд на Република Северна Македонија, Олгица Трајковска од Скопје, достави иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членот 54 од Уставот и со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2019). Имено, со членовите од Уставот (членови 9 – 29) биле утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот, а меѓу нив со членот 27 од Уставот е утврдено и правото на слободно движење.
Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тие можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Со оглед на тоа што претседателот на Републиката прогласил вонредна состојба, Владата согласно Уставот донела уредби со законска сила и други акти од своја надлежност, меѓу кои и за ограничување на правото на движење утврдено со оспорената одлука.
Меѓутоа, со оспорената одлука се врши дискриминација по основ на возраста на лицата на кои им се ограничува правото на движење, со тоа што за постари лица од 67 години и за помлади лица од 18 години е определен различен режим на ограничување во однос на останатите граѓани. Имено, за овие категории на лица им се забранува право на слободно движење кое за други граѓани е дозволено, од понеделник до петок во текот на неделите на начин што им дозволува само термин од два часа слободно движење и тоа од 10:00 – 12:00 часот за лица над 67 години и од 13:00 – 15:00 часот за лица до 18 години, додека другите граѓани можеле слободно да се движат во период од 5:00 – 16:00 часот, што било многу повеќе слободни часови за движење.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука се вршела дискриминација по основ на возраст на граѓаните во Републиката, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.
3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Северна Македонија ја донела оспорената одлука со следнава содржина:
О Д Л У К А
за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија
Член 1
Во Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020, 74/2020, 76/2020, 78/2020 и 89/2020), во членот 1:
Точките 1., 2., 3. и 4., се менуваат и гласат:
„1. Се забранува движење на населението на територијата на Република Северна Македонија, од понеделник до петок, во временски период од 16:00 часот до 5:00 часот наредниот ден.
2. Се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст над 67 години, од понеделник до петок, во временски период од 12:00 часот до 10:00 часот наредниот ден.
3. Се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст до 18 години, од понеделник до петок, во временски период од 15:00 часот до 13:00 часот наредниот ден.
4. Се забранува движење на возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 16:00 часот до 5:00 часот наредниот ден.
Точката 6, се менува и гласи:
„6. Се забранува движење на населението на територијата на Република Северна Македонија, во временски пеприод од 16:00 часот во петок, до 5:00 часот во понеделник“.
Член 2
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 8 април 2020 година.
Бр.44-2416/6 Претседател на Владата
6 април 2020 година на Република Северна Македонија
Скопје Оливер Спасовски с.р.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Владата на Република Северна Македонија, врз основа на член 58 став 1 точка 3 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016) на седница одржана на 21 март 2020 година, донела Одлука за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/1 од 21 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија бр.72/2020), со која во членот 1 утврдила: „Со оваа одлука заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19 и заштита на населението во Република Северна Македонија се наредуваат следниве мерки:
1. Се забранува движење на населението на територија на Република Северна Македонија во временски период од 21:00 часот до 6:00 часот наредниот ден.
2. Се забранува движење на возила од јавен превоз на територија на Република Северна Македонија, во временски период од 21:00 до 6:00 часот наредниот ден.“
Со членот 2 од оваа одлука е определено дека мерките од членот 1 од оваа одлука ќе се применуваат за периодот на постоење на вонредната состојба на територијата на Република Северна Македонија.
Со оглед на тоа што со Одлука на претседателот на Република Северна Македонија бр.08-526/2 од 18 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020) била прогласена вонредна состојба на територија на Република Северна Македонија, следователно на 21 март 2020 година Владата ја донела и наведената цитирана Одлука за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, која потоа била повеќекратно изменувана и дополнува и тоа со:
– Одлука за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територија на Република Северна Маккедонија, бр.44-2416/2 од 23 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.74/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука, бр.44-2416/3 од 24 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.76/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука, бр.44-2416/4 од 25 март 2020 година година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.78/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука, бр.44-2416/5 од 3 април 2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2020),
– Одлука за изменување на наведената одлука, бр.44-2416/6 од 6 април 2020 година година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.92/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука, бр.44-2416/1 од 13 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.100/2020),
– Одлука за дополнување на наведената одлука бр.44-2416/8 од 18 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.105/2020),
– Одлука за изменување на наведената одлука, бр.44-2416/9 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/2020),
Имајќи предвид дека Одлуката која се оспорува со иницијативата, односно Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/6 од 6 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 92/2020), содржи одредби кои се изменети со донесувањето на нова Одлука бр.44-2416/9 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/2020), произлегува дека нејзината правна сила престанала, веќе не е во важност, а со тоа и не е во правниот поредок, односно правно не егзистира бидејќи во динамиката на измените и дополнувањата на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, во континуитет се утврдувале мерки од страна на Владата на Република Северна Македонија кои таа ценела дека се потребни во одреден временски период заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19 и заштита на населението во Република Северна Македонија.
Со оглед на тоа што оспорената одлука не е во правниот поредок, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.
5. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.
У.бр.53/2020
14 мај 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати