У.бр.112/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 15.05.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за социјалната заштита за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2020 од 03.04.2020 година.

2. Светскиот македонски конгрес, преку претседателот Тодор Петров од Скопје до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, членот 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

3.Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 2 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СОЦИЈАЛНАТА ЗАШТИТА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/19, 146/19 и 275/19), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За утврдување на материјалната необезбеденост на домаќинство во постапката за остварување на правото на гарантирана минимална помош за месеците април и мај 2020 година, за остварување паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за рокот за известување за секоја промена на фактите или околностите кои влијаат на користење на правото и за вршење увид заради утврдување на исполнетост на условите во постапката за давање дозвола за вршење работа во социјална заштита, за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во месецот пред поднесување на барањето за остварување на правото на гарантирана минимална помош и во текот на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантирана минимална помош.

Член 3

Домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците април и мај 2020 година.

Член 4

Подносителот на барањето, односно неговиот законски застапник или старател е должен надлежниот центар за социјална работа да го извести писмено или по електронски пат, за секоја промена на фактите или околностите кои влијаат на користење на правото и биле основа за признавање на правото од социјална заштита, најдоцна во рок од 30 дена од денот кога настанале тие промени.

Член 5

Во постапката за издавање на дозвола за вршење работа во социјална заштита на давателот на социјални услуги, увидот заради утврдување на исполнетоста на условите за давање на социјалната услуга се врши со взаемна двонасочна комуникација со примена на средства за електронска комуникација, кои можат да бидат видеоконференциски платформи или други системи за електронска размена на податоци.
За употребата на видот на средствата за електронска комуникација од став 1 на овој член, одлучува Комисијата за лиценцирање на даватели на социјални услуги.

Член 6

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2752/1                                                                                                                                                                                                             Претседател на Владата на
02 април 2020 година                                                                                                                                                                                            Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                           Оливер Спасовски, с.р.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)

Со членовите 125 и 126 од Уставот се уредува прашањето поврзано со вонредна состојба.

Во член 125 став 1 од Уставот е определено дека, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2).

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3).

Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Според ставот 2 на истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Тоа значи дека Уставот определува дека Владата донесува уредби со законска сила во услови на вонредна состојба.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин коишто не дозволува ефикасно преземање мерки кои ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините коишто довеле до вонредната состојба, но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот които ги донесува, но се соодветни со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, коишто имаат карактер на подзаконски акти кои се носат во функција на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Согласно Европската конвенција за заштита на човековите права во случај на војна или некоја друга општа опасност која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка може да презема мерки коишто отстапуваат од обврските предвидени со оваа конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право (член 15 став 1). Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се и предвидени (член 18).

Претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020).

На 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2020) на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19. Одлуката е донесена врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, како и врз основа на образложен предлог на Владата.

Во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, на 02.04.2020 година, во услови на прогласена вонредна состојба на територијата на целата Република, донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за социјална заштита за време на вонредна состојба.

Тргнувајќи од направената анализа на уставните одредби, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во членовите 125 и 126 од Уставот, односно од одлуката на претседателот со кои е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот. Владата, за времетраењето на прогласената вонредна состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може да регулира поинаку одредени прашања уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија, пришто ваквите овластувања не се неограничени.

Од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила, произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, пропишала дека за време на траењето на вонредната состојба домаќинствата кои користат минимална помош имаат право на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси за месеците април и мај 2020 година, како и тоа дека рокот за известување за промена на фактите или околностите коишто влијаат за користење на правото од социјална заштита изнесува 30 дена од денот кога настанале промените. Известувањето може да се поднесе до центарот за социјални работи писмено или по електронски пат. Во постапката за издавање на дозволи за вршење на работа во социјалната заштита и увидот во исполнетоста на условите за давање на дозвола предвидено е користење на взаемна двонасочна комуникација или други системи за електронска размена на податоци. Ваквото уредување, според Судот има свое уставно оправдување бидејќи е во насока на реализација на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста ако се земе предвид дека дел од граѓаните, заради променетата економска состојба, не се во материјална можност да ги платат доспеаните трошоци за енергенси за месеците април и мај 2020 година. За пријавување на настанатата промена предвиден е рок од 30 дена, а како би можеле да остварат право и оние граѓани кои пред прогласената вонредна состојба не биле во социјален ризик. Определбата за користење на заемна двонасочна комуникација или други системи за електронска размена на податоци во постапките за издавање на дозволи за вршење на работа е во функција на обезбедување физичка дистанца помеѓу апликантите и Комисијата за лиценцирање се со цел помали последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

Неспорно е дека овие мерки се тесно поврзани, односно предизвикани од причините за прогласување на вонредната состојба– епидемија од Ковид-19, дека е во согласност со причините и последиците од истите и го опфаќаат периодот на вонредната состојба.

Поради тоа, ваквите мерки имаат легитимна цел, општествена оправданост, разумни се и пропорционални на целта што се сака да се постигне, поради што Судот смета дека нема основи за сомневање во нивната уставност.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.112/2020
15.05.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати