Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 14 мај 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за земјоделско земјиште за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 80/2020).
2. Светскиот македонски конгрес, претставуван од Тодор Петров од Скопје до Уставниот на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека Уставниот суд по службена должност можел да оценува уставност и законитост на акти на Владата, меѓутоа не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот:„ Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието.“
Не смеело да се заборави дека на потврдување пред Собранието подлежела само одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба што ја донесувало Собранието во согласност со член 125 став 4 од Уставот.
Уредбите со законска сила донесени за време на вонредна состојба не подлежеле на потврдување од Собранието, бидејќи биле со важност додека трае вонредната состојба.
Дури, потврдувањето на вонредната состојба утврдена од претседателот на Републиката од страна на Собранието веднаш штом ќе заседава, не значело по автоматизам или службеност согласност на уредбите со законска сила кои за време на вонредната состојба ги донела Владата.
Основно било правилото и уставната конотација дека уредба на Владата, макар и со законска сила, не била закон! Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот многу јасно било определено дека само „Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите“. Донесувањето на закони и изменувањето, дополнувањето или престанувањето на важноста на законите не била надлежност на Владата, туку само на Собранието, дури и за време на вонредна состојба.
Понатаму, според прифатената номотехника на Владата, Уставот утврдувал дека уредбите на Владата за време на вонредна состојба имаат законска сила, ама тоа не морало да се повторува во насловот и содржината на секоја уредба што ја донесувала Владата, тоа според член 126 став 1 од Уставот се подразбирало.
Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила во согласност со член 126 став 2 од Уставот не значело дека Владата го супституира Собранието, дека Владата ја врши и законодавната власт! Во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот многу јасно било утврдено дека „темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се: владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска!“
За жал, наместо да донесува уредби со законска сила, речиси сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, претставувале изменување и дополнување на законите, што било во надлежност на Собранието! Дури, истите биле донесени без постоење на закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието според член 126 став 2 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата, голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.
Владата без закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието во согласност со член 126 став 2 од Уставот, немала овластување да донесува уредби со законска сила, со важност за времетраењето на вонредната состојба!
Врз основа на оваа иницијатива и даденото образложение, од Уставниот суд се бара да ги поништи сите уредби со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба, бидејќи не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.
Исто така, се предлага, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредната состојба во врска со пандемијата со коронавирусот од 18 март 2010 година, поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
3.Судот на седницата утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 26 март 2020 година, донел Уредба со законска сила за примена на Законот на земјоделско земјиште за време на вонредна состојба.
Според член 1 од Уредбата, Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/07, 18/11, 148/11, 95/12, 79/13, 87/13, 106/13, 164/13, 39/14, 130/14, 166/14, 72/15, 98/15, 154/15, 215/15, 7/16 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 161/19), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За определување и продолжување на роковите во постапките за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост и одлучување по доставени понуди по распишани јавни повици, се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Според член 2 од Уредбата, роковите определени согласно Законот за земјоделското земјиште за донесување на одлука по отпочнати постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и почнуваат одново да течат по истекот на траењето на вонредната состојба.
Во членот 3 од Уредбата е определено дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
4. Со Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2007, 17/2008, 18/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 187/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014,72/2015, 98/2015, 154/2015, 215/2015, 7/2016, 39/2016 и 161/2019) се уредуваaт користењето, располагањето, заштитата и пренамената на земјоделското земјиште( член 1).
Според член 3 од Законот, земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврдени со овој закон.
Според член 17 од Законот, земјоделското земјиште во државна сопственост може да се даде на користење по пат на закуп и плодоуживање.
Во име на Република Македонија земјоделското земјиште во државна сопственост на користење го дава Министерството, на начин и под услови предвидени со овој закон.
Земјоделското земјиште дадено на користење, согласно со ставот 2 од овој член не смее да се даде во подзакуп и плодоуживање.
Според член 18 од Законот, земјоделското земјиште во државна сопственост може да се дава во закуп по пат на јавен оглас со прибирање на понуди и со непосредна спогодба во случаите од членот 38 на овој закон. Земјоделското земјиште од членот 17 на овој закон може да се даде во закуп, за точно определени цели утврдени во законот.
Според член 19, за земјоделското земјиште во државна сопственост дадено под закуп на физички и правни лица се плаќа годишна закупнина најдоцна до 31 јули во тековната година за претходната година. закуп. Трговското друштво од ставот 4 на овој член е должно да ја плати закупнината за периодот од влегувањето во сила на договорот за закуп до денот на промената на управителот или извршниот директор во рок од 30 дена од денот на промената.
Според член 20 од Законот, на земјоделското земјиште во државна сопственост што е предмет на закуп можат да се градат само објекти кои ќе бидат во функција на намената за која е дадено земјиштето и за кои ќе се издаде одобрение за изградба согласно со овој закон.
Според член 21 од Законот, постапката по јавен оглас за површини до 3 хектари, министерот распишува јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.
Постапката за давање на земјоделското земјиште во државна сопственост во закуп ја спроведува комисија од седум члена формирана од Владата на Република Македонија на предлог на министерот.
Според член 21-а од Законот, постапка по јавен оглас за површини над 3 хектари, Министерот распишува јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија. Постапката за давање на земјоделското земјиште во државна сопственост во закуп за површини над 3 хектари ја спроведува Комисија формирана согласно со членот 21 став 2 од овој закон.
Во членот 22 од Законот е пропишан начинот на објавување и содржина на огласот за површини до 3 хектари.
Во членот 22-а од Законот е пропишан начин на објавување и содржина на огласот за површини над 3 хектари.
Во членот 22-б од Законот е пропишана потребна документација за учество на јавен оглас за површини над 3 хектари за физички и правни лица.
Во членот 23 од Законот,е определена почетната цена по хектар во зависност од катастарската класа за површини до 3 и над 3 хектари.
Во членот 24 од Законот е пропишано, правото на учество на огласот за површини до 3 хектари и за површини над 3 хектари и на поднесување понуди во постапка со прибирање на понуди.
Во членот 25 од Законот e пропишана потребната документација за учество на јавен оглас за површини до 3 хектари.
Во членот- 25-а од Законот е уредена постапката со прибирање на понуди Постапка за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп со прибирање на понуди се спроведува кога понудувачите самостојно со геодетски елаборат изработен од страна на трговец поединец овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи ги определуваат катастарските податоци со точни мери и граници на земјоделското земјиште во државна сопственост за кое поднесуваат понуда за добивање во закуп во рамки на катастарската општина во која се објавува земјиштето.
Во членот 25-б од Законот, е уредена постапката со прибирање на понуди која се спроведува со објавување на јавен повик за доставување на понуди. Министерот донесува одлука за објавување на јавен повик за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделското земјиште во државна сопственост.
Во членот 25-в од Законот,е уредено прашањето на банкарска гаранција за учество во постапката, која мора да биде безусловна, неотповиклива и наплатлива на првиот повик со важност од 120 дена сметано од последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот оглас.
Во членот 26 од Законот, е уредено прашањето на валидност на постапката и нејзино повторување, а во членот 26-а од Законот е уредено прашањето на можноста за исправка на јавниот оглас.
Во членот 27 од Законот, утврдени се критериуми врз основа на кои комисијата врши избор на најповолен понудувач врз основа на највисока понудена годишна закупнина освен за површини на земјоделско земјиште до 3 ха каде изборот на најповолен понудувач се врши и според местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на огласеното земјиште, и правниот статус на понудувачот и др.
Во членот 27-а од Законот, е определено дека, изборот на најповелен понудувач во постапката по јавен оглас за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост над 3 хектари, се врши врз основа на највисоко понудена годишна запупнина по хектар постигната по пат на електронско јавно наддавање.
Понатаму, во членот 28 од Законот е уредено прашањето на донесување на одлука за избор на најповолен понудувач без спроведување на постапка за електронско јавно наддавање на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари.
Во членот 29 од Законот, е утврден правниот лек на понудувачот кој не е задоволен од извршениот избор по јавниот оглас спроведен без постапка за електронско јавно наддавање или повик за прибирање на понуди, кој може во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, да покрене постапка пред надлежниот редовен суд.
Според член 30 од Законот,со избраниот понудувач, министерот склучува договор за закуп во писмена форма. Договорот за закуп од ставот 1 на овој член со избраниот понудувач се склучува во рок од 30 дена од денот на приемот на известувањето за избор на најдобар понудувач.
Според членот 30-а, избраниот понудувач на јавен оглас за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп или на јавен повик за прибирање на понуди за површина над 10 ха, по склучување на договорот и депозит во рок од 15 дена е должен да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот или депозит на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија во висина на 5% од планираните инвестиции во понудата на избраниот понудувач, но не помалку од висината на деветмесечна закупнина….
Во членот 31 од Законот се утврдени елементите кои треба да ги содржи договорот за закуп.
Според член 32 од Законот, на земјоделското земјиште, предмет на договорот за закуп, закупецот се воведува во владение со записник, од страна на тричлена Комисија формирана од министерот, со учество на геодетско стручно лице регистрирано како трговец поединец, овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи, кое врз основа на геодетски елаборат ќе изврши обележување на истото.
Според член 33 од Законот, средствата од закупнината на земјоделското земјиште во државна сопственост се уплатуваат на посебна сметка во рамките на трезорска сметка. Приходите од овие средства се распределуваат во сооднос 50% за Република Македонија и 50% за општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во зависност од местоположбата на земјоделското земјиште коешто е предмет на давање под закуп трезорската евиденција. Доколку општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје ги немаат исполнето условите од ставот 3 на овој член средствата од закупнината се приход на Буџетот на Република Македонија.
Според членот 34 од Законот, за начинот на користење на земјоделското земјиште и исполнување на обврските од договорот, закупецот е должен да доставува годишен извештај до Министерството најдоцна до 31 декември во тековната година. Закупецот е должен на секои пет години да доставува извештај до Министерството за реализација на бизнис планот, односно програмата од членот 25 на овој закон за користењето на земјоделско земјиште во државна сопственост кое го користи под закуп. Формата и содржината на извештаите од ставовите 1 и 2 на овој член, ги пропишува министерот.
Според член 35 од Законот, договорот за закуп престанува да важи во точно определени ситуации.
Во членот 36 од Законот е предвидено дека во случај на престанок на договорот за закуп од причините од членот 35 алинеи 5 и 7 на овој закон, корисничкото право може да се пренесе на правните следбеници на закупецот, под истите услови како во договорот кој бил склучен со закупецот кој извршил статусни промени, по претходно целосно плаќање на достасаниот, а неплатен надоместок за закупнина. Корисничкото право се пренесува со непосредна спогодба склучена меѓу Министерството и правниот следбеник од ставот 1 на овој член за преостанатиот период на времетраење на закупот од основниот договор. Во случај на престанок на договорот за закуп од причините од член 35 став 1 алинеја 9 на овој закон, корисничкото право може да се пренесе со непосредна спогодба склучена меѓу Министерството и наследниците на закупецот под услови предвидени во договорот кој бил склучен со закупецот, за преостанатиот период од времетраењето на закупот…
Во членот 37 од Законот, е определено дека договорот за закуп закуподавецот може еднострано да го раскине со изјава во определени случаи.
Во членот 37-а од Законот е определено дека изјавата за раскинување од причина утврдена во членот 37 став 1 алинеја 1 од овој закон се изјавува во рок од 60 дена од денот на истекот на рокот за плаќање на закупнината, по претходно доставена опомена до закупецот. Опомената се доставува во рок од 15 дена од денот на истекот на рокот за плаќање на закупнината.
Во членот 38 од Законот, за потребите на јавните научни и државни образовни институции од областа на земјоделството и за училишта за средно образование основани од општината и Градот Скопје од областа на земјоделството, како и за потребите на казненопоправни и воспитно-поправни установи за вршење на производна дејност од страна на осудени лица, министерот може земјоделското земјиште во државна сопственост да го дава во закуп со непосредна спогодба по претходна согласност од Владата на Република Македонија. Земјоделското земјиште од ставот 1 на овој член се дава за период најмногу до 20 години без надоместок за закупнина…
Според член 39 од Законот, по истекот на времетраење на склучениот договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост по барање на закупецот, доколку закупецот во целост ги исполнил обврските од договорот за закуп, министерот може по претходно позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Македонија и по претходна согласност од Владата на Република Македонија со непосредна спогодба да склучи нов договор за закуп со закупецот, но најмногу за период од пет години…
5.Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)
Со членовите 125 и 126 од Уставот се уредува прашањето поврзано со вонредна состојба „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.
Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници
Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.“
Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Според ставот 2 на истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Имајќи го предвид наведеното, Уставот определува дека во услови на вонредна состојба, Владата, донесува уредби со законска сила.
Уредбите со законска сила се специфични правни прописи кои се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања кои воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин кој не дозволува ефикасно преземање мерки кои ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините кои довеле до вонредната состојба но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно правен поредок.
Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот кој ги донесува, но се соодветни со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за Владата, кои имаат карактер на подзаконски акти кои се носат во функација на извршување на законите.
Оттука, со уредба со законска сила Владата може да запре од извршување одредени одредби од закон за одредено време, може да одредува нови рокови, може да ги ограничува и менува постојните и да носи нови законски решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.
Согласно Европската конвенција за заштита на човековите права во случај на војна или некоја друга општа опасност која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка може да презема мерки кои отстапуваат од обврските предвидени со оваа конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијатави под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право (член 15 став 1). Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се и предвидени (член 18).
6. Претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/1 од 18.3.2020 година до Собранието на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија,на 18 март 2020 донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020). Со Одлуката се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.
На 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2020). Според оваа одлука, се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.
Во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата во услови на прогласена вонредна состојба на територијата на целата Република, донесе Уредба со законска сила за примена на примена на Законот за земјоделско земјиште за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Македонија“бр.80/2020).
Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека предметната уредба со законска сила е донесена без постоење на Закон за вонредна состојба, бидејќи овластувањата да донесува уредби со законска сила Владата ги добива директно од уставните одредби во член 125 и член 126, односно од одлуката на Претседателот со кои е прогласена вонредна состојба со што се активираат овластувањата од членот 125 од Уставот. Владата, за времетраењето на прогласената вонредна состојба, добива уставно овластување да носи уредби со законска сила со кои може да запре од извршување одредени закони на одредено време, може да одредува нови рокови, може да ограничува и менува постојни и да носи нови законски решенија.
Од анализата на одредбите на наведената уредба со законска сила, произлегува дека Владата, во согласност со уставните овластувања во услови на прогласена вонредна состојба, пропишала дека роковите определени со Законот за земјоделско земјиште за донесување на одлука по отпочнати постапки со прибирање на понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и почнуваат одново да течат по истекот на траењето на вонредната состојба.
Неспорно е дека оваа мерка е тесно поврзана, односно предизвикана од причините за прогласување на вонредната состојба – епидемија од Ковид -19, дека е во согласност со причините и последиците од истата и го опфаќа периодот на вонредната состојба.
Поради тоа, ваквата мерка има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне, поради што Судот смета дека нема основи за сомневање во нејзината уставност.
7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.91/2020
14.05.2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати