У.бр.42/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 14 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020)

2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51, член 63 ставови 3 и 4, членот 125 и членот 126 од Уставот.

Во иницијативата, подносителот најпрво ги цитира содржините на погоре наведените одредби од Уставот, Уредбата со законска сила која се оспорува, Одлуката за распуштање на Собранието од 16.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020), Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија од 16.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020) и Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба од 18.03.2020 година, донесена од претседателот на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020).

Во продолжение на иницијативата се наведува дека Собранието на Република Северна Македонија на 16 февруари 2020 година донесе Одлука за распуштање на Собранието.

Претседателот на Собранието на 16 февруари донесе Решение за распишување на предвремени избори за пратеници коишто треба да се одржат на 12 април 2020 година.

Државната изборна комисија, согласно Решението за распишување на предвремени избори за пратеници, ги донесе сите акти и ги утврди и презеде сите изборни дејствија за одржување на предвремените избори за пратеници на 12 април 2020 година.

Во меѓувреме, Светската здравствена организација прогласи пандемска епидемија поради постоење на нов вид на коронавирус COVID-19 кој е проширен на сите континенти, а ја зафати и територијата на Република Северна Македонија.

Врз основа на член 125 став 2 од Уставот, а заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот COVID-19, Владата на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година утврди предлог за постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија и истиот го достави до Собранието на Република Северна Македонија.

Претседателот на Собранието, со свој допис од 18 март 2020 година го извести претседателот на Републиката дека во согласност со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, не може да свика седница на Собранието на која ќе се разгледа предлогот поднесен од Владата.

Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот, а во врска со предлогот на Владата до Собранието да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија и врз основа на известувањето од претседателот на Собранието дека не може да свика седница на Собранието на која ќе се разгледа предлогот поднесен од Владата, претседателот на Републиката заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена, заклучно со 17 април 2020 година.

Со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена од претседателот на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година, станало невозможно спроведувањето на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија донесено од претседателот на Собранието на 16 февруари 2020 година, кое се уште било во сила и одржувањето на предвремените избори за пратеници во Собранието на 12 април 2020 година, бидејќи вонредната состојба трае до 17 април 2020 година, со можност за нејзино продолжување.

Во член 125 став 4 од Уставот стоело: „Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе биде во можност да се состане.“ Меѓутоа, оваа одредба на Уставот не значела пропишување на надлежности на Владата во спротивност со членот 126 од Уставот.

Во согласност со член 126 став 1 од Уставот, „при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.“ Меѓутоа, според член 126 став 2 од Уставот, за „овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба“, одлучува Собранието!

„Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“ утврдено со член 126 став 2 на Уставот не значело донесување на одлука на Собранието отпосле, откако ќе заврши вонредната состојба, туку одлука на Собранието пред утврдување постоење на вонредна состојба, во согласност со Уставот и со закон!

Владата на Република Северна Македонија не можела самовласно, за време на вонредна состојба да присвојува надлежности коишто по Устав не ѝ припаѓаат, без закон и одлука на Собрание. Во спротивно, Владата вршела флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните, односно Владата вршела суспензија на внатрешниот правен поредок на земјата утврден со Уставот на државата!

Понатаму, се наведува дека според член 63 став 1 од Уставот, „Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.“

Според член 63 став 2 од Уставот, „Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.“

Во член 63 ставови 3 и 4 од Уставот, било утврдено дека: „Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.“

Во член 63 став 6 од Уставот: „Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.“

Според подносителот на иницијативата, со распуштањето на Собранието не престанувал мандатот на пратениците. Никаде во Уставот не било утврдено дека со одлуката за распуштање на Собранието престанувал мандатот на пратениците. Напротив, пратениците во Собранието се избирале за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнувал да тече од конститутивната седница на Собранието!

Во член 15 став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019 и 42/2020), уште појасно било утврдено дека: „ Мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години!“

Само во член 93 ставови 3 и 4 од Уставот било утврдено дека на Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта, но во тој случај „останува на должност до избор на нова Влада.“

И во член 65 став 2 од Уставот било утврдено дека „на пратеникот му престанува мандатот“ само „кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.“

Според наводите од иницијативата, иако пратениците имаат мандат да заседаваат и покрај Одлуката за распуштање на Собранието донесена на 16 февруари 2020 година, претседателот на Собранието, со злоупотреба на службената положба и овластување „проценил“ дека Собранието не може да се состане и надлежноста за донесување на одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, а по опредлог на Владата, ја препуштил на претседателот на Републиката, со известување бр.09-1690/2 од 18 март 2020 година.

Со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена од претседателот на Република Северна Македонија на 18 март 2020 година, претседателот на Републиката го оневозможил спроведувањето на предвремените избори за пратеници во Собранието кои треба да се одржат на 12 април 2020 година, односно ги оневозможил изборните дејствија утвредени од Државната изборна комисија врз основа на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници донесено од претседателот на Собранието на 16 февруари 2020 година.

Неосновано било образложението на претседателот на Собранието за неможност од свикување на седница на Собранието поради Одлуката за негово распуштање или дека вонредните владини мерки поради пандемијата забранувале групирање на повеќе од пет лица на едно место. И седницата на шпанскиот Сенат во празна сала со електронско гласање на пратениците, за ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, покажала дека е можно заседавање на законодавниот дом, лесно изводливо и за Собранието на Република Северна Македонија.

Во таа смисла, заседанието на Собранието и без присуство во големата собраниска сала, го потврдила и Владата со Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020), дека во случај на воена и вонредна состојба или итна и неодложна потреба за одржување на седница на Владата, генералниот секретаријат и работните тела на Владата, седниците може да се одржат и водат „со употреба на комуникациски средства (телефон или конференциска врска со употреба на интернет комуникација и софтверски алатки).“ Иако со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба од 18 март 2020 година, Претседателот на Републиката го оневозможил спроведувањето на предвремените избори за пратеници кои треба да се одржат на 12 април 2020 година, односно ги оневозможил изборните дејствија утврдени од Државната изборна комисија, Владата и при постоење на вонредна состојба немала надлежност да ја донесе Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот прцес, Владата немала надлежност да ја измени Одлуката за распуштање на Собранието, немала надлежност да го промени Решението на претседателот на Собранието за распишување на предвремените избори за пратеници, немала надлежност да ги менува изборните дејствија на Државната изборна комисија.

Само Собранието имало надлежност да се распушти и само со член 63 став 3 од Уставот било определено дека изборите за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Собранието се распушти на 16 февруари 2020 година и изборите се определија за 12 април 2020 година. Владата немала надлежност да го промени овој рок во вонредна состојба со уредба со законска сила, како што тоа го сторила на седницата одржана на 21 март 2020 година.

Во вонредна состојба Владата немала надлежност да ги суспендира изборните дејствија коишто претходно ги утврдило Собранието! Таа надлежност била исклучиво на Собранието и претседателот на Собранието. Меѓутоа, бидејќи Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба веќе била донесена од претседателот на Републиката на 18 март 2020 година, само Уставниот суд бил надлежен да ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес.

Со владина уредба со законска сила не можело да се суспендира Собранието, посебно имајќи го предвид членот 63 став 4 од Уставот, дека мандатот на пратениците во Собранието може да продолжи само во случај на воена или вонредна состојба!

И да престанал мандатот на пратениците поради негово распуштање на 16 февруари 2020 година, иако таква одредба во Уставот немало, спротивно на Уставот била суспензијата на Собранието, за да неговите надлежности за изборните дејствија ги презема Владата.

Од тие причини била ургентноста на поднесената иницијатива, Уставниот суд да ги поништи Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020) и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020), со што ќе престанеле да важат како и да не постоеле Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија донесено од претседателот на Собранието на 16 февруари 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020) и сите изборни дејствија преземени од Државната изборна комисија заради одржување на избори на 12 април 2020 година.

Врз основа на наведеното, се бара Уставниот суд да ја поништи Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020), бидејќи не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51, член 67 ставови 3 и 4, членот 125 и членот 126 од Уставот, а до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на наведената уредба со законска сила, поради штетни последици по владеењето на правото, флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните и суспензија на внатрешниот правен поредок на државата.

На крајот, се бара од Уставниот суд, на подготвителната и јавна седница по оваа иницијатива што требало да се одржи во најитен можен рок, да биде поканет претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба гласи:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 ), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 21 март 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

Член 1

Со оваа уредба се регулираат прашања поврзани со изборниот процес, се изменува и дополнува Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16 и 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 42/20) и се утврдува прашањето за примена на одредби од законите кои се однесуваат на изборниот процес.

Член 2

Мандатот на членовите на Државата изборна комисија се продолжува и ќе трае 6 месеци од денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Член 3

Со денот на стапување во сила на оваа уредба се прекинуваат сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година.

Член 4

Се задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите.

Член 5

Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба.
Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки.

Член 6

Се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Член 7

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик.
Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се преземаат никакви дејствија врз основа на Изборниот законик.

Член 8

Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019).

Член 9

Оваа уредба стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2413/1                                                                                                                                                                      Претседател на Владата
21 март 2020 година                                                                                                                                                 на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                     Оливер Спасовски

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)

Со членовите 125 и 126 од Уставот се уредува прашањето поврзано со вонредна состојба.

Така, членот 125 гласи:

„Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане. “

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Според ставот 2 на истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

5. Со иницијативата се оспорува уставноста на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020), а во образложението за нејзината неуставност се бара и поништување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 43/2020), со што би престанале да важат како и да не постоеле Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија донесено од претседателот на Собранието („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020) и сите изборни дејствија преземени од страна на Државната изборна комисија заради одржување на избори на 12 април 2020 година.

Во смисла на наведеното, се укажува дека за уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 43/2020), Уставниот суд веќе расправал на седницата одржана на 8 и на 15 април 2020 година, при што со Решение У.бр.40/2020 не поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одлука.

Согласно наведената одлука за распуштање на Собранието, претседателот на Собранието, на 16 февруари 2020 година, донесе Решение за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 12 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020).

Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба е донесена од страна на претседателот на Републиката, на 18 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020). Наведената одлука гласи:

„Врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 442329/1 од 18.3.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година, донесувам

О Д Л У К А
ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЊЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

I Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19.

II Одлуката се донесува врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/1 од 18.3.2020 година до Собранието на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да свика седница на која ќе се разгледа предлогот поднесен од Владата на Република Северна Македонија.

III Одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

IV За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

V Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 08-526/2                                                                                                                                                              Претседател на Република
18 март 2020 година                                                                                                                                                   Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                         Стево Пендаровски, с.р.“

6. Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, која се оспорува со иницијативата, е донесена на 21 март 2020 година

Од содржината на оваа оспорена уредба со законска сила, произлегува дека Владата, во согласност со своите уставни овластувања во услови на прогласена вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, ги регулира прашањата поврзани со изборниот процес, се изменува и дополнува Изборниот законик и се утврдува прашањето за примена на одредби од законите коишто се однесуваат на изборниот процес (член 1). Со оваа уредба со законска сила мандатот на членовите на Државата изборна комисија се продолжува и ќе трае 6 месеци од денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија (член 2). Со денот на стапување во сила на оваа уредба се прекинуваат сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година (член 3). Се задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите (член 4). Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки (член 5). Се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија (член 6). Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик. Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се преземаат никакви дејствија врз основа на Изборниот законик (член 7). Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019) (член 8). Според членот 9, оваа уредба стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Со иницијативата се оспорува надлежноста на Владата во однос на суспендирање на изборните дејствија коишто претходно ги утврдило Собранието. Имено, според наводите во иницијативата, само Собранието имало надлежност да се распушти и само со член 63 став 3 од Уставот било определено дека изборите за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Со оглед дека Собранието се распушти на 16 февруари 2020 година и изборите се определија за 12 април 2020 година, Владата немала надлежност да го промени овој рок во вонредна состојба со уредба со законска сила, како што тоа го сторила на седницата одржана на 21 март 2020 година. Таа надлежност била исклучиво на Собранието и претседателот на Собранието. Меѓутоа, бидејќи Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба веќе била донесена од претседателот на Републиката на 18 март 2020 година, само Уставниот суд бил надлежен да ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес. Со владина уредба со законска сила не можело да се суспендира Собранието, посебно имајќи го предвид членот 63 став 4 од Уставот, дека мандатот на пратениците во Собранието може да продолжи само во случај на воена или вонредна состојба! И да престанал мандатот на пратениците поради негово распуштање на 16 февруари 2020 година, иако таква одредба во Уставот немало, спротивно на Уставот била суспензијата на Собранието, за да неговите надлежности за изборните дејствија ги презема Владата.

Во однос на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Ваквото овластување на Владата, според ставот 2 на истиот член, трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Тоа значи дека Уставот определува дека во услови на вонредна состојба, Владата донесува уредби со законска сила.

Уредбите со законска сила се специфични правни прописи коишто се донесуваат во вонредна состојба кога има потреба од преземање брзи и ефикасни мерки, од брзо нормирање на определени прашања коишто воопшто не се нормирани во закон или се нормирани на начин кој не дозволува ефикасно преземање мерки коишто ги наложува вонредната состојба, со цел соочување и надминување на причините кои довеле до вонредната состојба но и последиците од истата, и враќање во редовниот уставно правен поредок.

Уредбите со законска сила се разликуваат од законите според постапката за донесување и според органот којшто ги донесува, но се соодветни со законите по предметот на нивното регулирање и по нивната правна сила. Од тие причини, овие уредби се разликуваат од другите уредби што ги донесува Владата согласно член 36 став 2 од Законот за владата, кои имаат карактер на подзаконски акти коишто се носат во функација на извршување на законите.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Согласно Европската конвенција за заштита на човековите права во случај на војна или некоја друга општа опасност која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка може да презема мерки коишто отстапуваат од обврските предвидени со оваа конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијатави под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право (член 15 став 1). Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се и предвидени (член 18).

Во конкретниот случај, Владата со оспорената уредба со законска сила ги прекинала сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои се закажани за 12 април 2020 година, сметано од денот на стапување во сила на Уредбата (21 март 2020 година), со определба изборните дејствија да продолжат од денот на престанокот на вонредната состојба. Притоа, определено е дека сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба, се сметаат за важечки и се задолжува Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Во мислењето на Владата на Република Северна Македонија доставено до Уставниот суд во врска со поднесената иницијатива (акт бр.44.6-2729/1 од 5 мај 2020 година) се укажува на одредбата од член 63 став 4 од Уставот, според која мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба, како и на членот 128 од Уставот, според кој мандатот на претседателот на Републиката се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба, од каде јасно произлегувало дека во воена или вонредна состојба не треба/не смее да се спроведуваат избори. Тоа било сосема во согласност со околностите кои се создаваат во воена или вонредна состојба, а кои биле неспоиви со спроведување на демократски изборен процес. Уште повеќе, би можело да се каже дека демократскиот изборен процес бил невозможен во услови на воена или вонредна состојба. Аналогно на тоа, логично било за време на воена или вонредна состојба да прекинат да течат сите изборни рокови, како и роковите од 90 односно 60 дена за одржување на избори за пратеници од член 63 став 3 на Уставот. Дури би можело да се рече дека роковите за спроведување на избори за пратеници од член 63 став 3 од Уставот било невозможно да течат за време на воена или вонредна состојба.

При вака утврдена фактичка и правна состојба, произлегува дека Владата, раководејќи се од своите уставни овластувања, во услови на прогласена вонредна состојба која е утврдена на територијата на целата Република заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус COVID -19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија, основано оценила дека претходно закажаните избори за пратеници на 12 април 2020 година, во времетраењето на вонредната состојба, не можат да се одржат, кое нешто не е спорно ни за подносителот на иницијативата, поради што изборните дејствија за спроведување на изборите мора да се прекинат за периодот на траењето на вонредната состојба и да продожат по нејзиниот престанок, во законски определени рокови, кога ќе се создадат услови за нивно непречено одржување.

Неспорно е дека прекинот на изборните дејствија е тесно поврзано, односно предизвикано од причината за прогласување на вонредната состојба – епидемија од Ковид -19, дека е во согласност со причината за вонредната состојба и дека трае до завршувањето на вонредната состојба – односно дека изборниот процес преку кој се остварува избирачкото право продолжува од денот на престанок на вонредната состојба. Поради тоа, мерката има легитимна цел, општествена оправданост, разумна е и пропорционална на целта што се сака да се постигне – враќање во редовна состојба.

Неспорен е фактот дека закажаните избори за пратеници нема да се одржат во рок од 60 дена сметано од денот на распуштањето на Собранието, како што е уредено во член 63 став 3 од Уставот. Меѓутоа, според Судот, заштитата на животот и здравјето на граѓаните заради кои е и прогласена вонредната состојба и мерките кои се преземаат во рамките на истата, се неприкосновени и највисоки вредности кои се наоѓаат на врвот на граѓанските и политичките слободи и права заштитени со Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката. Поради тоа, одложувањето на одржувањето на изборите, заради вонредната состојба, има свое оправдување токму во заштитата на животот и здравјето на луѓето како највисока вредност, а одредбите од Уставот за одржување на изборите во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието треба да се толкуваат во духот на гарантираните граѓански и политички слободи и права на граѓаните во Република Северна Македонија. Притоа, треба да се има во вид дека така определеното одложување на изборите со оспорената уредба со законска сила не значи повреда на избирачкото право опфатено во групата на граѓански и политички слободи и права на граѓаните дефинирани во Уставот. Имено, според член 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Во однос на мандатот на членовите на Државната изборна комисија, кој со членот 2 од Уредбата се продолжува и ќе трае шест месеци од денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Судот го имаше предвид следното:

Оваа одредба несомнено е во функција на овозможување на остварувањето на уставно загарантираното избирачко право, со оглед дека мандатот на членовите на Државната изборна комисија престанува во јули 2020 година, а Собранието кое е надлежно за избор на нови членови на Државната изборна комисија, е распуштено. Според тоа, наведеното продолжување на мандатот не претставува трајно решение за мандатот на членовите, туку еднократно, краткотрајно, нужно и разумно продолжување кое единствено има за цел да се спроведе изборниот процес и да се изврши верификација на мандатите на новоизбраните пратеници и по изборот на Влада, кога одреден број на пратеници кои се избираат во извршната власт треба да бидат заменети со нови пратеници.

Поради наведеното, очигледно е дека продолжувањето на мандатот на членовите на Државната изборна комисија се протега на период по завршување на вонредната состојба, но тоа е во согласност со целта заради која е донесена оваа мерка – непречено спроведување на предвремените избори за пратеници по престанокот на вонредната состојба, поради што има свое оправдување кое нема основ уставно-правно да се проблематизира.

Оттука, во услови кога Собранието е распуштено и се распишани избори за пратеници во Собранието, а дополнително е прогласена вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија, Судот оцени дека Владата, со донесувањето на оспорената уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, не го суспендирала Собранието, како што се наведува во иницијативата, туку постапила во согласност со нејзините уставни овластувања во услови на вонредна состојба, со што не ги повредила уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 29 од Деловникот на Уставниот суд, за одржување на подготвителна седница по оваа иницијатива, како што се бара од подносителот на истата.

8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, и Владимир Стојаноски, а по однос на членовите 4, 5, 6, 7 и 8 од Уредбата, Решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.42/2020
14 мај 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати