У.бр.55/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 12 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 95, член 99 став 1 во целина и посебно на алинеја 2, член 107 став 5, во делот: „до второстепениот орган“, член 114 став 1, во делот: „кога рокот за поднесување жалба против управен акт истекол“ и член 119 став 1, во делот: „посебна организационата единица или колегијално тело на јавниот орган“, од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „членот 95 од Законот содржи недоречености и нејаснотии. Недореченоста на наведената одредба се состои во тоа што не е прецизно определено (1) дали доколку се расправи претходното прашање, дали истото има правно дејство само во работата во која е решено тоа прашање или истото има правно дејство и во други работи. Недореченоста се состои и во тоа (2) со каков акт (управен или реален според новоприфатената терминологија во Законот за општата управна постапка) се врши прекинот на постапката. „Известувањето за прекинот на постапката“ од ставот 2 на членот 95 од Законот се однесува само во случај кога постапката по претходното прашање треба да се поведе на барање на странката. Дополнително кон оваа недореченост е (3) дали известувањето има третман на „управен“ или „реален“ акт имајќи предвид дека може да има правно дејство врз правата, обврските или правните интереси на странките. Нејасноста на одредбата дополнително произлегува и од ставот 2 од членот 95 од Законот и тоа во делот (4) што се подразбира под тоа „упатство“. Во таа смисла, можеби би можело да се јави како нејасно зошто известувањето за прекинот на постапката би требало да содржи упатство за барањето на странката по повод претходно прашање кое би можело да се јави.“ Со наведените недоречености и нејаснотии членот 95 од Законот можел да доведе до арбитрaрно толкување односно арбитрерна примена во конкретна управна работа, поради што тој член од Законот не бил во согласност со темелната вредност владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во член 99 став 1 алинеја 2 од Законот се пропишува дека „управниот договор склучен помеѓу јавниот орган и странката се поништува во случаите во кои согласно со овој закон задолжително се поништува управен акт.“ Но, според подносителот на иницијативата, (1) „од содржината на целиот Закон за општата управна постапка во ниту една одредба законодавецот не ги пропишал „случаите“ кога „задолжително“ се поништува управен акт. А тоа не произлегува ниту од односот на самите одредби една наспрема друга од наведниот закон. Доколку се тргне од претпоставката дека управен акт може да се побива поради суштествена повреда на одредбите на постапката, погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба или повреда на материјален закон, во тој случај се отвора прашањето (2) дали и управниот договор, кој по својата природа е сепак договор, може да се побива и по тие основи, а со тоа да се бара и негово поништување?“

Понатаму, во иницијативата се наведува дека „од содржината на член 99 став 1 од Законот како целина, не може ниту да се утврди (3) кој го поништува управниот договор во прв степен односно дали е тоа јавниот орган кој го склучил управниот договор со странката или тоа е некој друг орган кој врши надзор над јавниот орган кој склучил управен договор со странката, а ниту пак (4) пред кој орган може да се побива управниот договор односно да се бара поништување на управниот договор, како и (5) со каков акт се врши поништувањето на управниот договор и во таа смисла (6) кој го носи односно издава таквиот акт. Ставот 2 од членот 99 од наведениот закон, пак, ја пропишува само можноста јавниот орган или странката да побара поништување на управниот договор во управен спор пред надлежен суд, но од концепцијата на оваа одредба може да се утврди дека надлежниот суд кој би одлучувал по повод поведен управен спор за поништување на управен договор, би одлучувал во прв степен, но не и (7) кога управниот договор би бил поништен со некаков друг акт и законитоста на таквиот акт да биде испитуван во управно-судска постапка.“

Поради одредена нејасност или недореченост или непотполност на одредбите од член 99 став 1 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека „тоа може да доведе до збунување во самата примена како на лицата кои ги засегаат тие одредби или кои ги применуваат, а тоа го повредува начелото на владеење на правото како темелна вредност пропишана со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.“

Во однос на член 107 став 5 од Законот, во иницијативата се наведува дека „оспорениот дел „до второстепениот орган“ од одредбата од член 107 став 5 од Законот е нејасен и контрадикторен во смисла на содржината на самата одредба. Ова од причини што од содржината на членот 107 од наведениот закон (1) не може да се утврди оправданоста на постоењето на оспорениот дел од наведената одредба. Не е јасно зошто, доколку првостепениот орган утврди дека жалбата е допуштена и потполно оправдана, новодонесениот управен акт од страна на првостепениот орган а по повод изјавената жалба, ќе го достави таквиот управен акт до второстепениот орган без оглед на фактот дали тоа ќе го стори во електронска форма или не, при постоење на состојба кога против таквиот управен акт, во реченица втора од наведениот став 5 на членот 107 од Законот, се дава можност на странката да изјави жалба? Тоа би можело да го доведе и во прашање (2) начелото на активна помош на странката во однос на ефективноста при остварување на правата и правните интереси а пропишано со членот 17 од наведениот закон.“
Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека член 107 став 5, во оспорениот дел, од Законот не е во согласност со начелото на владеење на правото пропишано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.“

Во врска со оспорениот дел од член 114 став 1 на Законот, во иницијативата се наведува дека од содржината на наведената одредба произлегува дека повторувањето на постапката може да се бара само во случај кога рокот за поднесување на жалба против управен акт истекол. На тој начин „се ограничува можноста на странката да побара повторување на постапката на второстепен управен акт кога (1) таквиот второстепен управен акт е конечен и против кој нема место за жалба, а под услов кога би се исполнил некој од случаите пропишани со алинеја 1 до 10 од наведената одредба пред второстепениот орган кој одлучува или одлучувал по повод жалбата на странката изјавена против првостепениот управен акт. Оттука, не е јасно зошто е прифатена таквата концепција на одредба која, со оглед на својата конструкција како одредба во оспорениот дел: „кога рокот за поднесување жалба против управен акт истекол“, воспоставува ограничување на странката, а со тоа и одземање на правото и можноста странката да побара пред второстепениот орган кој одлучувал по жалба и одлучил со свој управен акт (конечен), повторување на постапка против таквиот управен акт донесен во втор степен кога странката ќе стекне услови за тоа. Со оспорениот дел од одредбата од член 114 став 1 од Законот може да се доведе во прашање и (2) начелото на активна помош на странката пропишан со членот 17 од наведениот закон. Имено, според член 17 став 1 реченица прва од Законот, јавниот орган е должен да им овозможи на сите странки во постапката да ги остварат и заштитат своите права и правни интереси на што е можно поефективен и полесен начин. Ова од причина што правен лек како заштита, но овој пат само против управниот акт кој е донесен по повод барање за повторување на постапката, на странката во управната постапка која бара да и се заштити некое право односно правен интерес а во смисла на членот 116 став 2 од Законот, и се овозможува со поднесување на тужба за управен спор и тоа само во случај кога барањето се отфрла но не и кога се одбива. Со тоа, на странката не и се овозможува поефективен и полесен начин на заштита и остварување на своите права односно правни интереси. Со ограничувањето, а со тоа и одземањето на можноста да се побара повторување на постапка пред второстепен орган по повод постапка окончана со конечен управен акт донесен во втор степен, се воспоставува повреда на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите на Република Македонија односно еден граѓанин како странка да може да побара повторување на управната постапка, а друг граѓанин да не може токму поради тоа што некој од основите од алинеја 1 до 10 на членот 114 став 1 од Законот воспоставил ограничување на можноста пред второстепениот орган да се побара тоа.“

Во член 119 став 1 од Законот се определува дека „постапката по приговорот против реални акти или нивно пропуштање ја спроведува посебна организационата единица или колегијално тело на јавниот орган кој го издава реалниот акт. Приговорот, пропишан како еден од правните лекови според член 104 став 2 од Законот, упатува на логичниот заклучок дека законодавецот го вградил во наведениот закон како втор степен на заштита против реален акт. Уставот на Република Македонија го гарантира правото на правен лек, а законодавецот го вградил „приговорот“ како правен лек во Законот за општата управна постапка. Меѓутоа, правото на изјавување на правен лек е еден поширок концепт и во себе подразбира дека по изјавениот правен лек, за (1) потребно е да одлучува не оној кој постапувал во прв степен, па макар тоа бил и административниот работник одновно вработениот кој е одговорен за побиваниот реален акт или за неговото непреземање како што е тоа пропишано со ставот 2 на членот 119 од наведениот закон. Вака конципираната оспорена одредба стипулира дека (2) сепак органот во прв степен одлучува по приговорот како правен лек и сепак станува збор за ист орган без оглед што по изјавениот приговор нема да одлучува административниот работник односно вработениот кој е одговорен за побиваниот реален акт или за неговото непреземање. Во однос на ваквото прашање, Уставниот суд се произнел со своја Одлука У.бр.202/1996, при што со наведената одлука на Уставниот суд се упатува на заклучок дека по изјавениот правен лек треба да одлучува орган кој не одлучувал во прв степен. Според тоа, оспорената одредба може да се смета дека не е во согласност со Амандманот XXI став 2 од Уставот.“

На крајот од иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот и истите да ги укине како спротивни на Уставот.

3.а) Судот на седницата утврди дека според член 95 став 1 од Законот „Ако јавниот орган што ја води постапката наиде на прашање чие решавање е предуслов за да се одлучи за самата работа, а истото претставува независно правно прашање за чие решавање е надлежен суд или некој друг јавен орган (во натамошниот текст: претходно прашање), јавниот орган што ја води управната постапка ја прекинува постапката додека не се реши претходното прашање и за тоа ја известува странката.“

Според став 2 од истиот член, „Кога постапката по претходното прашање треба да се поведе на барање од странката, известувањето за прекинот на постапката исто така содржи и упатство за ова барање.“

Во ставот 3 се определува дека „Кога постапката по претходното прашање се поведува по службена должност од страна на друг јавен орган, јавниот орган што ја води постапката ќе бара решавање на претходното прашање од страна на другиот јавен орган.“

б) Во врска со првото тврдење на подносителот на иницијативата, дека било недоречено какво правно дејство има решението за претходното прашање, од содржината на член 95 став 1 од Законот произлегува дека решавањето на претходното прашање „е предуслов за да се одлучи за самата работа“, па оттука произлегува дека решавањето на претходното прашање има правно дејство само во тој конкретен предмет, не и надвор од него, поради што член 95 став 1 од Законот не е недоречен и не ја доведува во прашање темелната вредност владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во однос на второто и третото тврдење во иницијативата, за тоа каков вид на акт е актот за прекин на постапката заради решавање на претходното прашање односно дали е „управен“ или „реален“ акт, од содржината на член 95 ставови 1 и 2 на Законот произлегува дека прекинот на постапката се врши со „известување“, кое пак претставува службено обраќање на јавниот орган до странката и кој акт е реален акт на јавниот орган што не е управен акт ниту управен договор, но кој може да има правно дејство врз правата, обврските или правните интереси на некое лице (член 4 алинеи 10 и 12), па и од тој аспект на оспорување членот 95 од Законот не е недоречен и не ја доведува во прашање темелната вредност владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 на Уставот.

Што се однесува до четвртото тврдење во иницијативата, дека не било дефинирано значењето на „упатството“ и дека не било јасно зошто известувањето за прекинот на постапката би требало да содржи упатство за странката дека треба да поднесе барање за поведување на постапка за претходното прашање, Судот смета дека значењето на „упатството“ е содржано во етимологијата на самиот збор и определува упатување на странката во тоа што треба да преземе, а пак потребата од постоење на упатство во известувањето има основа во „начелото на активна помош на странката“ утврдено во член 17 од Законот, како и во другите начела утврдени во истиот закон („начело на економичност и ефикасност на постапката“ – член 7; „начело на еднаквост, непристрасност и објективност“ – член 8; „начело на сервисна ориентација на јавните органи“ – член 9; „начело на утврдување на материјална вистина“ – член 10 од Законот), поради што и од овие аспекти нема недоречености и нејаснотии во член 95 од Законот. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласноста на одредбите од член 95 на Законот со темелната вредност владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 на Уставот.

4.а) Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 99 став 1 од Законот се определува: „Управниот договор склучен помеѓу јавниот орган и странката се поништува: (1) ако не се исполнети со закон пропишаните услови за негово склучување или (2) во случаите во кои согласно со овој закон задолжително се поништува управен акт.“

б) Во врска со првото и второто тврдење на подносителот на иницијативата, дека Законот како целина во ниту една одредба не ги пропишал случаите кога задолжително се поништува управен акт и дека управен договор по својата природа е сепак договор и не може да се побива по основите за побивање на управен акт, од членот 109 на Законот произлегува дека второстепениот орган со свое решение ќе го поништи првостепениот управен акт и предметот ќе му го врати на првостепениот орган на повторна постапка ако утврди дека (!) во првостепената постапка фактите се нецелосно или погрешно утврдени, (!) дека во постапката не се водело сметка за правилата на постапката што би биле од влијание врз решавањето на работата или (!) дека диспозитивот на побиваниот управен акт е нејасен или е во противречност со образложението (став 9), како и дека второстепениот орган со свој управен акт ќе го поништи првостепениот управен акт и сам ќе ја реши работата ако во првостепениот управен акт (!) погрешно се оценети доказите или од утврдените факти е изведен погрешен заклучок во однос на фактичката состојба, ако (!) погрешно е применет правниот пропис врз основа на кој се решава работата или (!) ако второстепениот орган најде дека врз основа на слободна оцена требало да се донесе поинаков управен акт (став 13). Според тоа, Законот за општата управна постапка содржи одредби со кои се определуваат случаите во кои задолжително се поништува управниот акт, како и дека во тие случаи задолжително се поништува и управниот договор согласно член 99 став 1 алинеја 2 од Законот. Тврдењето, пак, дека управниот договор е сепак договор и дека не можел да се побива од наведените причини е неосновано со оглед дека управен договор може да се склучи ако е тоа пропишано со посебен закон, потоа заради вршење на работи од надлежност на јавен орган, како и управниот договор да е во јавен интерес и да не ги ограничува правата на трети лица (член 4 алинеја 11 и член 98 став 1 од Законот), па доколку не се исполнети тие законски услови во фактичка, процедурална или материјална смисла, правно е основано да се поништи и управниот договор.

Во однос на третото, четвртото, петтото и шестото тврдење во иницијативата, дека не било определено кој го поништува управниот договор, пред кој орган може да се бара поништување на управниот договор, со каков акт се врши поништувањето на управниот договор и кој го издава таквиот акт, од содржината на членот 109 на Законот произлегува дека пред второстепен орган може да се бара поништување на управен договор, дека второстепениот орган одлучува за поништување на управен договор и дека тоа го прави со решение што го донесува тој орган, а покрај тоа во член 99 став 2 од Законот се определува дека за поништување на управниот договор се одлучува и во управен спор, по тужба на странката односно на јавниот орган. Според тоа, имајќи ги предвид наведените одредби од Законот за општата управна постапка произлегува дека член 99 став 1 од Законот не е недоречен и нејасен, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашање за неговата согласност со темелната вредност владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Што се однесува до седмиот навод од иницијативата, дека според член 99 став 2 од Законот надлежниот суд би можел да одлучува само за поништување на управен договор а не и за законитоста на актот со кој е поништен управниот договор, Судот оцени дека таквата интерпретација на наведената законска одредба е неоснована бидејќи од законската одредба произлегува дека во управен спор се одлучува за секој акт поврзан со поништување на управен договор. Поради тоа, и од овој аспект не може да се смета дека член 99 став 1 од Законот е непотполн, па не може да се постави прашање за согласноста на таа законска одредба со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5.а) Судот на седницата исто така утврди дека во член 107 став 5 од Законот се определува дека: „(5) Кога првостепениот орган ќе утврди дека жалбата е допуштена и потполно оправдана, тој ќе го замени управниот акт што се побива со жалбата со нов акт и во рок од седум дена од приемот на жалбата во електронска форма ќе го достави управниот акт до второстепениот орган. Против новиот управен акт странката има право на жалба.“

б) Имајќи предвид дека Законот определува (!) жалбата да се поднесува непосредно на второстепениот орган (не преку првостепениот орган), дека (!) второстепениот орган е должен наредниот ден да ја достави жалбата до првостепениот орган и истовремено да побара во рок од седум дена да се испита дали жалбата е допуштена, навремена и дали е изјавена од овластено лице (член 107 став 1), произлегува дека Законот го доверил водењето на жалбената постапка на второстепениот орган, што е во согласност со „начелото на активна помош на странката“ утврдено во член 17 од Законот, а едновремено Законот го задолжува првостепениот орган да ја утврдува допуштеноста, навременоста и овластеноста на лицето што ја изјавува жалбата, што е во согласност со „начелото на економичност и ефикасност на постапката“ утврдено во членот 7 од Законот. Оттука произлегува дека постои оправданост за доставување на новиот управен акт до второстепениот орган со цел овој орган да утврди дека обжалениот управен акт е заменет од страна на првостепениот орган, а доколку странката не е задоволна со содржината на новиот управен акт, повторно има право на жалба непосредно до второстепениот орган, со што се овозможува остварување на основните начела утврдени во Законот. Таквите правила, пак, според оценката на Судот не ја доведуваат во прашање темелната вредност владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6.а) Понатаму, Судот на седницата утврди дека член 114 став 1 од Законот гласи: „(1) Кога рокот за поднесување жалба против управен акт истекол, јавниот орган што го издал актот ја повторува постапката на барање од странката поради следните исклучителни причини:

-се дознае за нови факти, или се најде или се стекне можност да се употребат нови докази кои, сами или во врска со веќе изведените и употребените докази, би можеле да доведат до поинаков управен акт, ако тие факти, односно докази биле изнесени или употребени во поранешната постапка;
-управниот акт е донесен врз основа на лажна исправа или лажен исказ на сведок или вештак, или ако дошол како последица од некакво дело казниво според Кривичниот законик;
-управниот акт се заснова врз пресуда донесена во кривична постапка, а таа пресуда е правосилно укината;
-управниот акт е поволен за странката и е донесен врз основа на невистинити наводи на странката, со кои органот што ја водел постапката бил доведен во заблуда;
-управниот акт на органот што ја водел постапката се заснова врз некое претходно прашање, а надлежниот орган тоа прашање подоцна го решил поинаку во суштествените точки;
-во донесувањето на управниот акт учествувало службеното лице кое според законот морало да биде изземено;
-управниот акт го донело службеното лице на надлежниот орган што не било овластено за негово донесување;
-колегијалниот орган што го донел управниот акт не решавал во составот предвиден со важечките прописи или ако за управниот акт не гласало пропишаното мнозинство;
-на лицето кое требало да учествува во својство на странка не му била дадена можност да учествува во постапката и
-странката не ја застапувал застапникот по закон, а според законот требало да ја застапува.“

б) Во членот 109 од Законот се определува дека второстепениот орган со свое решение ќе го поништи првостепениот управен акт и предметот ќе му го врати на првостепениот орган на повторна постапка кога ќе утврди дека (!) во првостепената постапка фактите се нецелосно или погрешно утврдени, дека (!) во постапката не се водело сметка за правилата на постапката што би биле од влијание врз решавањето на работата или дека (!) диспозитивот на побиваниот управен акт е нејасен или е во противречност со образложението (став 9), а се определува и дека второстепениот орган со свој управен акт ќе го поништи првостепениот управен акт и сам ќе ја реши работата ако утврди дека (!) во првостепениот управен акт погрешно се оценети доказите или дека од утврдените факти е изведен погрешен заклучок во однос на фактичката состојба, дека (!) погрешно е применет правниот пропис врз основа на кој се решава работата или (!) ако најде дека врз основа на слободна оцена требало да се донесе поинаков управен акт (став 13).

Доколку, пак, (!) истекол рокот за поднесување жалба против управниот акт (15 дена од денот на доставувањето на управниот акт, член 106 став 1) и не е поднесена жалба, а (!) постои некоја од исклучителните причини за повторување на постапката утврдени во член 114 став 1 од Законот (ако се дознае за нови факти; ако управниот акт е донесен врз основа на лажна исправа; ако управниот акт се заснова врз пресуда која е правосилно укината; ако органот што ја водел постапката бил доведен во заблуда; ако претходното прашање поинаку е решено од надлежниот орган подоцна; ако службеното лице што учествувало во донесувањето на управниот акт морало да биде изземено; ако управниот акт бил донесен од неовластено лице; ако колегијалниот орган не гласал за донесување на управниот акт со потребното мнозинство; ако на странката не и била дадена можност да учествува во постапката; ако на странката не ја застапувал застапникот по закон), јавниот орган што го издал актот, на барање на странката, ја повторува постапката согласно член 114 став 1 од Законот, при што според ставот 2 од истиот член на Законот, (!) постапката се повторува само ако странката, без своја вина, не била во состојба во поранешната управна постапка да ги изнесе причините поради кои бара повторување, особено ако тоа не можела да го изнесе по пат на правен лек односно жалба или ако некоја од законски утврдените причини би можела да доведе до издавање на поповолен управен акт доколку тие причини биле изнесени во поранешната управна постапка.

Во таков случај, доколку јавниот орган утврди дека барањето за повторување на постапката е основано, тој орган ќе го измени или поништи побиваниот управен акт со нов управен акт, а доколку утврди дека барањето е неосновано, јавниот орган ќе го отфрли барањето со управен акт и против тој управен акт странката може да поведе управен спор пред надлежен суд (член 116 ставови 1 и 2), па до завршувањето на управниот спор јавниот орган може, ако ги уважува сите барања од тужбата, да го поништи или измени својот управен акт, ако со тоа не се повредува правото на странката во управната постапка или на трето лице (член 117).

Според тоа, член 114 став 1, во оспорениот дел кој гласи: „кога рокот за поднесување жалба против управен акт истекол“, од Законот, значи дека странката добива право на повторување на постапката ако не го користела правото на жалба, но само доколку постои некоја од законски утврдените причини и доколку странката, не по своја вина, не била во состојба да изнесе некоја од законски утврдените причини во претходната управна постапка. Оттука понатаму произлегува дека оспорениот дел од член 114 став 1 на Законот не може да се смета за ограничување на правото на странката да побара повторување на постапката против второстепен управен акт, како што смета подносителот на иницијативата, бидејќи против управниот акт донесен од второстепениот орган Законот предвидува можност за поведување на управен спор пред надлежен суд (членови 116 и 117), а тоа е поефикасно правно средство отколку предвидување на барање за повторување на постапката пред второстепениот орган против управен акт донесен од тој ист орган. Од друга страна, Уставниот суд нема надлежност да пропишува правни правила и тие правила да ги внесува во законите, туку само да оценува дали законските одредби, такви какви што се донесени од законодавецот, се или не се во согласност со одредбите од Уставот. Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба создавала нееднаквост меѓу граѓаните со оглед дека едни граѓани можеле да бараат повторување на постапката против првостепен управен акт, а други граѓани не можеле да бараат повторување на постапката против второстепен управен акт при постоење на некоја од законски утврдените причини, Судот смета дека таквата интерпретација значи барање на еднаквост меѓу граѓаните во различни ситуации, а начелото на еднаквост подразбира еднаквост на граѓаните во исти ситуации и нееднаквост на граѓаните во различни ситуации.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласноста на оспорениот дел од член 114 став 1 на Законот за општата управна постапка со темелната вредност владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 на Уставот и со начелото на еднаквост определено во член 9 од Уставот.

7.а) Судот на седницата исто така утврди дека во член 119 став 1 од Законот се определува дека „Постапката по приговорот против реални акти или нивно пропуштање ја спроведува посебна организационата единица или колегијално тело на јавниот орган кој го издава реалниот акт“;

Според став 2 од истиот член на Законот, „административниот службеник, односно вработениот кој е одговорен за побиваниот реален акт или за неговото непреземање не смее да учествува во постапката, според став 3 од истиот член „јавниот орган решава за управниот приговор против реални акти или нивно пропуштање преку управен акт кој треба да се донесе и достави без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена по приемот на приговорот“, а според став 4 „против овој управен акт може да се поведе управен спор пред надлежен суд“.

б) Од целината на членот 119 од Законот произлегува дека по приговорот против реални акти или нивно пропуштање постапува јавниот орган кој го издава реалниот акт, но во состав од повеќе лица од посебна организациона единица или колегијално тело на тој јавен орган (став 1) и од тоа тело е исклучен административниот службеник односно вработениот кој е одговорен за побиваниот реален акт или за неговото непреземање (став 2), при што посебната организациона единица или колегијалното тело на јавниот орган донесува управен акт по приговорот против реалниот акт или неговото пропуштање (став 3), а против тој управен акт странката може да поведе управен спор пред надлежен суд (став 4). Оттука произлегува дека повеќе други лица и тоа како колективно тело, иако од истиот јавен орган, решаваат по приговорот против реалниот акт или неговото пропуштање, а против нивниот управен акт странката има можност за поведување на управен спор пред надлежен суд, со што се овозможува странката да ги бара и остварува правата или правните интереси за кои смета дека му се повредени.

Таквата уреденост на постапката по приговорот против реален акт или неговото пропуштање има основа во Амандман XXI став 2 на Уставот (донесен во 2005 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.107/2005), бидејќи според таа уставна одредба „правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.“

Што се однесува до наводот во иницијативата со кој се упатува на одлука на Уставниот суд донесена во 1996 година, тој пример од практиката на овој суд беше заснован на член 15 од Уставот со кој се гарантираше правото на жалба против поединечни правни акти донесени во прв степен пред управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, но таа уставна одредба е заменета со Амандман XXI на Уставот и со ставот 2 од тој амандман законодавецот е овластен со закон да ги уреди другите видови на правна заштита, покрај правото на жалба, против поединечни правни акти донесени во прв степен од орган на државната управа, што е и направено со оспорениот член од Законот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашање за согласноста на член 119 став 1, во делот: „ „посебна организационата единица или колегијално тело на јавниот орган“, од Законот за општата управна постапка со Амандман XXI став 2 на Уставот, на кој упатува подносителот на иницијативата.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.55/2018
12 мај 2020 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати